1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема да се дозволи реприза на 27-ми април

18 јуни 2018

Од полицијата ќе следат пријави за оние кои се обиделе да упаднат во Собранието, но и за лица кои повикуваат на убиства. Насилните протести се дел од сценарио, вели екс-министерот за внатрешни работи, Павле Трајанов

https://p.dw.com/p/2zl8n
Bildergalerie Mazedonien Proteste in Skopje
Фотографија: picture alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Учесници во протестите против  договорот меѓу Македонија и Грција,  за време на синоќешните протести се обиделе да извршат насилен упад во македонското Собрание. Полицијата ги документира сите случаи и тие денеска ќе бидат доставени до Основното јавно обвинителство - Скопје.

„Уште синоќа дежурниот обвинител бил известен дека полицијата задржала одредени лица. Откако за секое од нив полицијата ќе достави правна квалификација, односно какви дејства презело секое од задржаните лица, Обвинителството ќе постапува по пријавите“, велат за ДВ од Обвинителство.

Неофицијално, ќе следат и пријави за групи и лица кои преку социјалните мрежи повикувале на линч, убиства и закани за живот.

МВР синоќа соопшти дека „дел од демонстрантите на протестите употребиле распрскувачки средства и насилно ја турнале заштитната ограда, обидувајќи се насилно да влезат во Собранието“.

„Со цел да се спречи ескалирање на ситуацијата и насилен упад во Собранието, а постапувајќи согласно процедурите, полицијата уопотреби солзавец. Повредени се седум полициски службеници, а досега се приведени 25 лица. МВР потенцира дека го почитува правото на мирен протест, но нема да дозволи употреба на сила и насилен упад, како и нарушување на јавниот ред и мир. МВР апелира на демократски начин на изразување на јавното мислење“, се вели во соопштението.

Повредени и уапсени на протестите во Скопје

Сценарио за дестабилизација

Обидите да се направи реприза на настаните од 27-ми април, ја загрижуваат домашната јавност.

„Повиците за воведување на воена состојба, за свикување на некакво Уставотворно собрание и за насилна промена на власта, наликува на случувањата пред, и на 27 -ми април 2017 година, кога имавме обид за државен удар“, вели поранешениот министер за внатрешни работи, Павле Трајанов.

„Протестите како основно демократско право се начин на искажување на незадоволсто од одредени состојби и одлуки. Но насилните протести, упадот во парламентот, судирот со полицијата, фрлање молотови коктели и слично, секогаш се дел од сценарио, со кое се манипулира со чуствата на граѓаните. Вчерашните насилни протести и најавата за продолжување на истите со поголема масовност и агресија, може да ја дестабилизира државата и да ги подели граѓаните со тешки последици“, предупредува поранешниот министер за внатрешни работи.

повеќе: До кохезија со амнезија за 27-ми април?

Според него, во овие историски и драматични моменти за Македонија, потребно е национално единство, разумно и рационално однесување.

„Со договорот постигнат со Грција, се јакне државноста, унитарниот карактер на Македонија, националниот идентитет, македонскиот јазик и се отвораат перспективи за сите граѓани. Како и да е, треба да има аргументирана расправа, па и мирни протести, но конечната одлука во врска со договорот ќе ја донесат граѓаните на референдум, кој ќе биде задолжителен. Насилството го осудувам и повикувам на одговорно однесување од сите партии и граѓани“, апелира Трајанов.

Повици до народот

Но, такви повици на разум изостанаа од лица кои и по функција се обврзани да се грижат за стабилноста и безбедноста. Претседателот Иванов, кој во минатонеделното обраќањето договорот со Грција го нарече „штетен“, прв испрати повик до македонскиот народ.

„Го повикувам македонскиот народ каде и да се наоѓа да не се плаши. Не ја губете вербата во себе. Чувајте го и негувајте го нашиот многувековен идеал на непокорот“, повика Иванов.

повеќе: Селцас: Македонците во Грција се радуваат на договорот

На вчерашниот опозициски протестен марш во Битола, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, обраќањето го заврши со повик: „Станете Македонци, граѓани на оваа земја, сега е времето кога се пишува историја. Сега секој еден од вас е потребен, ова е часот, ова е тоа време“.

Уште по првите протести, во кои демонстранти фрлаа факели и молотови коктели кон зградата на Собранието, во интервју за БИРН (15.6), премиерот Заев повика на преиспитување на пораките кои мотивираат кон репризи на насилството од 27-ми април.   

Го повикувам Иванов да се изјасни дали е тој истомисленик со повиците на протестите што се организираа веднаш по неговата прес- конференција?  Дали се согласува со повиците со смртни закани кон нашите сограѓани? Го повикувам да се произнесе дали се согласува со повикот 'Чиста Македонија'? Нека им објасни на граѓаните зошто треба да се чувствуваат загрозени за нивната безбедност? Зошто мораат да ги читаат заканите за нивните животи? Затоа што изнеле свое мислење? Нека им го каже неговиот став за овие прашања на сите граѓани, а посебно на оние што беа собрани пред парламентот и што фрлија молотови коктели кон зградата на парламентот.   Оваа Влада нема да дозволи уште еден '27-ми Април'. Доста е“, категоричен беше Заев.

Mazedonien Proteste in Skopje
Јанко Бачев развиори руско знаме на протестотФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Руско знаме на протестот 

На синоќешните протести, доминираа извици за „линч на предавниците“ и против интеграцијата во ЕУ и НАТО. Јанко Бачев, лидерот на „Единствена Македонија“, партија која се декларира како противник на ЕУ и НАТО и се залага за стратегиско партнерство со Русија, синоќа со руско и македонско знаме во рацете се качи на полициски транспортер. Претходно, неговата партија преку соопштение ја информираше јавноста дека „Извршниот комитет на Единствена Македонија донел одлука да го поддржи собирот пред Собранието во организација на навивачките групи, македонските патриотски здруженија и сите искрено загрижени Македонци и Македонки“.

„Ние сме убедени дека самоорганизираниот народ како 'Комитите', навивачките групи, МПЗ 'Тврдокорни', македонските патриотски здруженија и сите искрено загрижени Македонци и Македонки, заеднички и сплотено ќе ги одбраниме највисоките национални и државни интереси“, соопшти партијата, додаваќи дека очекува масовност со која ќе се покажe дека граѓаните „не се согласуваат со марионетската власт во Скопје, која е купена и платена од странски центар за уништување на се што е македонско“.