Нема застој во испораката на природен гас за С. Македонија
27 април 2022Прекинот со снабдување на Бугарија со природен гас од Русија засега не влијае врз Северна Македонија. Министерот за економија, Крешник Бектеши вели дека испораката на природен гас не е прекината, но и дека земјата има соодветни алтернативи во услови на енергетска криза.
По информациите дека руски „Газпром“ја прекинала испораката на гас кон Бугарија и Полска, министерот уверува дека сите обврски од македонска страна се подмирени и дека засега нема застој при увозот на природен гас во земјата.
„Ситуацијата е комплексна и не се знае каква одлука може да биде донесена во наредните денови. Државата има соодветни алтернативи“, дециден е Бектеши. Во случај Русија да ја запре испораката на гас кон Бугарија, како алтернативен приклучок би се користел интерконекторот од Грција бидејќи, согласно договорите, не смее да се прекине транзитот на гас. Следната недела во Софија е во план да се одржи состанок на министрите од регионот за да се скенираат состојбите и потребите и да се обезбеди континуирано снабдување со енергенси.
Алтернативи
Од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) велат дека цевководот што минува низ Бугарија може да служи како транзитен вод за Северна Македонија со што има техничка можност за непречен проток на природен гас кон земјата. Од регулаторното тело за енергетика оценуваат дека состојбата е комплексна и зависи од одлуките што ќе ги донесе Русија - дали ќе ја прошири листата на земји кон кои ќе ја стопира или ограничи испораката на природен гас,
„Според достапните информации со кои располагаме, 'Макпетрол', кој е долгогодишен трговец со природен гас, ги има подмирено обврските кон 'Газпром' навреме, што подразбира стабилна испорака на природен гас“, укажуваат од РКЕ.
-повеќе на темата: ЕУ: Побрзо ослободување од зависноста од рускиот гас
Надлежните ја следат состојбата на пазарот со енергенси и во време на енергетска криза секојдневно се обезбедуваат информации од сите чинители на пазарот. Согласно членот 13, став 7 од Правилата за снабдување со природен гас, потрошувачот е должен да обезбеди услови за користење на алтернативна енергија“ во случај да нема природен гас.
Сите кои користат природен гас се должни да имаат алтернативно гориво како што е мазут, ТНГ, компримиран природен гас или екстра лесно гориво.
Уцена и грубо кршење на договорот
„Газпром експорт“ ја стопира испораката на гас за Бугарија и за Полска, откако двете земји одбија да почнат да плаќаат во рубљи. Бугарскиот премиер Кирил Петков порача дека суспендирањето на гасот од страна на Русија е уцена и грубо кршење на договорот, но дека снабдувањето со гас за потрошувачите во земјата нема да биде прекинато. Бугарското Министерството за енергетика, бугарскиот енергетски холдинг „Булгаргас“ и „Булгартрансгас“ презеле мерки за алтернативни набавки на гас и за справување со ситуацијата.