Не оставајте никого зад себе
7 август 2021Изминаа две седмици „единство“ од донесувањето на Резолуцијата за утврдување на државните позиции во контекст на блокадите на европските интеграции до празнувањето на 2-ри август, денот на Илинденското востание и Крушевската Република од 1903 година, како и вториот Илинден - Првото заседание на АСНОМ во 1944 година. Ретки две седмици „единство" во триесет години за нас карактеристичен политички фолклор кој за разлика од автентичниот, претежно го одликуваат дисонантни, фалшливи идеолошки звуци и престапи во политичкото оро.
На 8-ми септември треба да одбележиме триесет години самостојност. Овој јубилеј е неповторлива можност да се извлече поука од бламажата за Илинден, да се покаже доблест и да се одбележи празникот на многу подостоинствен начин. Има 31 ден до претстојната прослава.
Триесет години самостојност е истовремено доволен период да се оцени кои стратешки процеси придонеле за развој на нашето квантитативно мало, но истовремено квалитативно големо општество, општество со се уште недоискажана, но до овој момент претежно позитивна приказна. Од друга страна, редно е да се соочиме и со фактите за стратешки процеси каде имаме делумно или целосно потфрлено.
Зачувана сувереност, самостојност и унитарен карактер на државата
Република Северна Македонија, претходно Република Македонија, мина низ драматични премрежја во изминатите триесет години. Овој циклус од три декади го завршува како самостојна, суверена и унитарна држава, членка на НАТО, со донесена Одлука на Европскиот совет за почеток на преговори за полноправно членство во Европската Унија. На нашето доизодување на евроатлантскиот пат, во моментов е испречена соседна Бугарија. Притоа, се бараат решенија да се надмине оваа вредносно „неевроатлантска“ билатерална блокада и обид на соседот да навлезе во нашиот интимен, идентитетски простор. Ова „недоразбирање“ може бргу да се надмине, но и да се замрзне на неодредено време. Кое сценарио ќе преовлада зависи од двете страни кои се обидуваат да се разберат, но многу повеќе од Европската Унија и НАТО, и нивниот пристап кон мултиполарната реалност и нејзиното влијание врз пошироката Европска безбедност, но и развојот на Заедничкиот пазар во ЕУ, каде клучно е ефикасно и одржливо стабилизирање и интегрирање на Западниот Балкан.
Републиката во пламен
Суштинска мисија на една функционална држава е да обезбеди висок степен на безбедност за своите жители, ефективно штитејќи го нивниот живот и материјалните добра, но и природното и културно наследство. Членството во НАТО е одговор на надворешни закани. Климатските промени се суштинска внатрешна закана која се манифестира преку зачестени поплави и шумски пожари. Територијата на Републиката ја одликуваат и сериозни сеизмички ризици. Едно од нашите најголеми потфрлања во изминативе три декади самостојност е пропуштената можност да се воспостави целосно интегриран и функционален систем за управување со кризи и заштита и спасување на граѓани и добра вклучувајќи ја и противпожарната заштита. Надоврзано на ова и стихијното адресирање на потребата од обнова на предземјотресниот фонд на стамбени и јавни објекти кои во основа се изложени на огромен ризик од катастрофален сеизмички настан. Состојбата со институционалниот одговор е таква да мора итно да се адресира, и овој систем да се консолидира пред да биде предоцна.
Оставивме многумина зад нас
„Не оставајте никого зад себе“ е централното, трансформативно ветување на Агендата за одржлив развој 2030 и нејзините цели за одржлив развој. Тоа претставува недвосмислена заложба на сите земји - членки на Обединетите Нации да ја искоренат сиромаштијата во сите нејзини облици, да ја прекинат дискриминацијата и исклучувањето и да ги намалат нееднаквостите и ранливоста како причина за оставање луѓе зад нас, поткопувајќи го притоа потенцијалот на поединците, на жителите на една држава, но и на човештвото во целина.
Други колумни од авторот:
-Да ги срушиме преостанатите бариери
-Преплавени со ризици од поплави
-Градот убав никна, чекаме да процвета
Согласно со објавените податоци во Стратегијата за регионален развој (комбиниран индикатор на стапка на сиромашни или социјално исклучени лица), во 2018 година сме оставиле зад нас четири од десет сограѓанки и сограѓани (41.1%). Колку за утеха во 2010 година, безмалку секое второ лице (47.2%) било сиромашно или сериозно материјално обесправено, или живеело во домаќинство со многу низок интензитет на економска активност. Овие лица се резервоар на гласови за екстремната левица и десница, не само кај нас, туку и во западните демократии. Најголем дел од овие лица гласаа за Брегзит, го изгласаа Доналд Трамп и безмалку ќе го задржеа, носат на власт или придонесуваат за значајно факторирање на екстремни популистички партии во безмалку сите држави членки на ЕУ, партии кои се противат на поголемо Европско обединување. Овие лица заедно со партиите кои го артикулираат нивниот бес и фрустрации, се центрифугалната сила во едно општество, сила на маргината која се повеќе се оддалечува од центарот и последично дезинтегрира и дестабилизира.
Многумина наши сограѓанки и сограѓани, особено млади и работоспособни лица, „од немајкаде“ мигрираат. Илјадници од нив за економски опстанок го заложуваат етничкиот идентитет, земајќи туѓи пасоши. Нема поголема последица од нашите политики изминативе триесет години од оваа.
Оставивме многумина зад нас, за да ги присоберат во популистички кружоци, лидери кои не се заинтересирани за ништо друго освен за практикување на власт по секоја цена. Притоа, нема друг начин да се адресира оваа се понагласена социо-економска и следствено екстремно политичка патологија (не само кај нас) без да се подготват и ефикасно да се спроведат целисходни социо-економски политики насочени кон овие лица.
Модел на социо-економски раст за наредните три декади
Во очекување на подинамична и инклузивна подготовка на Националниот развоен план, сепак се надзираат неговите контури. Објавен е Инвестицискиот план од над 8 милијарди евра каде доминираат приватни инвестиции од цирка 5 милијарди евра и 3 милијарди евра од Инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан споени со други јавни средства и донации. Половина од предвидените инвестиции се со „зелен“ предзнак и доколку се реализираат ќе придонесат за пост-пандемиска зелена обнова. Една од целите на овој инвестициски циклус е докрај да се реализира зелената енергетска транзиција која би резултирала и со значајни позитивни еколошки ефекти. До тука правецот е добар. За да продолжиме во добра насока неопходно е да се засилат низа други стратешки процеси.
Инвестициите треба да се насочат кон плански региони кои заостануваат во развојот и се подложни на миграција на население кон поразвиени плански региони и надвор од државата, проследено и со воведување на механизам за ефективно фискално воедначување на општините. На ова се надоврзува потребата од „паметна или мудра/умна“ специјализација и користење на споредбени предности на нашите општини и региони. Ова се клучни мерки кои би овозможиле на среден рок да се зголеми атрактивноста на населените места каде „оставаме лица зад себе“. Во овој контекст нужно е да се унапредат индиректните парични и директните социјални услуги и да се адресираат други диспаритети поврзани со здравството, образованието, културата и спортот и рекреацијата. Квалитетната животна средина исто така е еден од клучните фактори на задржување на населението на територијата на која живее.
За привлекување и реализирање на квалитетни инвестиции неопходен е висок степен на внатрешно-политичка и меѓуетничка стабилност, аспекти каде неретко потфрлавме и кои ја дефинираат квадратурата на нашиот развоен круг. На оваа потреба се надоврзува и нулта толеранција за корупција, целосно владеење на правото и враќање на нашата доверба во државата и локалната самоуправа.
Принудени да се занимаваме со дневна политика која најчесто е рефлексија на индивидуални и колективни фрустрации, забораваме на човечкиот капитал - самите ние и оние кои ги оставивме и сеуште ги оставаме зад нас, капитал кој бил и ќе остане наш клучен двигател на развојот.