1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Не смееме немо да ја гледаме трговијата со луѓе

Антонио Виторино
30 јули 2019

Миграциите се често поврзани со трговија на луѓе. Тоа мора конечно да се промени, пишува во гостинскиот коментар за ДВ Антонио Виторино, генерален директор на Меѓународната организација за миграција.

https://p.dw.com/p/3Mxtn
Symbolbild Menschenhandel
Фотографија: picture-alliance/dpa/J.-P. Strobel

Слики кои тешко се забораваат: очајни семејства во загушливи бродски контејнери и на дотраени чамци. Трупови кои морската струја ги нанела на брегови и плажи по неуспешни обиди да се премине морето. Луѓе кои со години биле изложени на злоупотреби и искористувања. Скршени луѓе.

Ние сме потресени. Потресени од приказни за насилство и грабеж. Потресени поради оние кои се спремни да искористуваат и очајот на другите луѓе. Фактот дека страдаат и деца, дека гинат затоа што нивните родители се обидуваат да им обезбедат подобра иднина, масивно ја оптоварува нашата совест.

Помина уште една година

Денешниот меѓународен ден на борба против трговијата со луѓе е опомена. Предупредување дека помина уште една година. Ден кој нѐ потсетува дека не направивме ни оддалеку тоа што требаше. Време е да се запре глобалната трговија со луѓе,  без оглед од кој пол се тие, без оглед на нивната возраст.

Се бориме за правата на мигрантите кои преземаат непопуларни работи во добростоечките земји. За луѓе кои го работат она што другите не сакаат да го работат. Затоа Меѓународната организација за миграција соработува неуморно со партнери од влади, цивилното општество и приватниот претприемачки сектор, за да спречи штетни нус-појави за придобивање работна сила од странство.

Но, сето тоа не е доволно. Мораме да се соочиме со трговците со луѓе. И мораме владите на земјите кои се членки на Меѓународната организација за миграција да ги повикаме на одговорност доколку тие не успеат да ги заштитат жртвите на трговија со луѓе.

Прогон на погрешни луѓе

На миграциите сѐ повеќе се гледа како на можност за бегство - од конфликти, нестабилност, недостиг на храна, природни катастрофи и климатски промени. Но, крупните миграциски движења можат да иницираат и интензивираат криминална енергија, што може да доведе до  дополнително искористување на мигрантите.

Antonio Vitorino KOMMENTARBILD
Антонио Виторино

Па сепак, ова сознание не доведе до тоа да се елиминираат причините за опасни миграции. А не доведе ни до тоа на мигрантите да им се понуди доволна заштита и поддршка.  

Денес многу влади за жал првенствено ги прогнуваат организациите кои спасуваат мигранти кои се нашле во животна опасност, наместо на одговорност да ги повикаат вистинските криумчари и трговци со луѓе. Казнувањето на приватни спасувачки иницијативи на море, посебно од бирократски причини, на пример поради немање регуларни дозволи за влез во пристаниште или користење бродови без јасна судска надлежност на отворено море, не само што е неправедно, туку и неефикасно. Така само се трошат непотребно ресурсите на хуманитарни организации, но и на органите на кривичен прогон.

Совладувањето на тие предизвици бара значителни инвестиции и меѓународна соработка. Но, не можеме да ги игнорираме тие предизвици и истовремено да се надеваме дека опасните миграциски рути и со нив поврзаната трговија со луѓе, ќе исчезнат сами од себе.

Што можат да направат граѓаните?

Како граѓани, ние во јавното и приватното опкружување можеме да се спротивставиме на антимиграциското расположение кое го поткопува јавното сожалување и така им овозможува на трговците со луѓе да ја продолжат својата активност, слободно и без да бидат казнети. Како потрошувачи можеме да бараме производите и услугите кои се нудат да се настанати без робосопственички односи или искористување. Ако носителите на одлуки шират или толерираат приказни кои ги дехуманизираат мигрантите, можеме да ги повикаме на одговорност. Но, не можеме немо да гледаме што се случува и да се надеваме дека нешто само ќе се промени. 

Знам дека многу луѓе не мигрираат само од очај, туку и поради копнеж по подобра иднина. Се согласувам дека владите имаат оправдан интерес за заштита на своите граници и регулирање на миграцијата. Јасно ми е дека владите често мораат да бараат баланс меѓу интересите на сопствените граѓани и хуманитарните потреби на мигрантите. Но, на сите нам ни е од интерес да го зачуваме човековото достоинство, да ги штитиме човечките прави. Тоа од нас го бара нашата хуманост.