1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новогодишна

27 декември 2017

Последната колумна за 2017 е добра можност да направиме осврт на годината која помина и да дадеме некакви (колку што е тоа можно во вака несигурна ситуација) предвидувања за годината која доаѓа.

https://p.dw.com/p/2pzoE
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Јас, се разбира, не претендирам дека е возможно да се анализира сѐ, но би сакал да ги коментирам оние трендови и појави кои ми оставија најголем впечаток во минатиот период, како и да посочам кои процеси сметам дека најмногу ќе влијаат на развојот на општата политичка ситуација во следните 12 месеци.

За мене, 2017-та беше година на изненадувања. Првото, и според мене едно од најважните и најмалку очекувани појави, беше феноменот на крос-етничко гласање на парламентарните и локалните избори. Големиот број албански гласови кои ги доби СДСМ на овие избори, се суштинска пресвртница во политичкото милје на Македонија. Прв пат, гласачите Албанци покажаа дека за нив има и поважна мотивација и варијабли одошто националните прашања. Тие одлучија дека е поважно да се стави крај на владеењето на Груевски одошто да се „задржат” гласовите во етничките кампуси.  Ја отфрлија приказната дека глас даден надвор од вака дефинираните етнички гета е изгубен глас.  Таквиот нивен став беше и валоризиран на изборите, и тоа двојно: прво, му овозможи на СДСМ (нивниот фаворит) позиција за пресврт, и второ, ја одвеа мантрата “победник со победник” како симптом на напорот на омеѓување на гласовите на албански и македонски, без мешање во “атарот” на другиот. Овој феномен е значаен напредок кон вистинско граѓанско општество, кој потоа отвара пат и програмски наместо етнички коалиции, во случајот на СДСМ и ДУИ, дури и предизборни, па понатака и за вистински граѓански партии.

Mazedonien, Konvention der VMRO-DPMNE Partei in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Второто изненадување беше брзината со која се случи пресвртот на, дотогаш цврсто закованиот, “бастион” на ВМРО-ДПМНЕ.  Веднаш после формирањето влада во која таа партија не учествуваше, се случија неколку сериозни промени.  Прво, ВМРО- ДПМНЕ изгуби над 100.000 гласа во период на поголем од 90 дена, евидентно од резултатите на локалните избори.  Потоа, се разби митот за монолитниот и "до гроб” верен систем на Груевски. Одеднаш се појавија притвори, судски процеси, изјави за “независност” на истите институции кои претходно беа без малку “крпа за бришење под” од страна на претходната власт, па дури и срамежливи изблици на критика од дотогаш најрежимските медиуми.  Тие трендови само се засилија после локалните избори, за сега да имаме скоро целосно обратна ситуација од пред 12 месеци: ако претходно ВМРО-ДПМНЕ беше “бетон”, а СДСМ без сериозни изгледи, сега е обратно – СДСМ изгледа како “бетон”, а ВМРО-ДПМНЕ како партија чија иднина е, во најмала рака, неизвесна и несигурна.  Сега се прашувам, што се чекало 11 години?

Но за мене, најзначајниот заклучок од овие феномени беше силината на авторитарниот карактер на македонското општество. Сите оние кои беа претходно беспоговорни следбеници на власта, сега по се изгледа се престројуваат да бидат исти такви следбеници, само на друга власт. Тоа значи дека системот не функционирал ниту на база на национален мит, ниту пак на некаква ксенофобична идеологија, ниту пак на некаква култно-магична послушност на поданиците.  Одговорот бил поедноставен, а ни го предочи никој друг, туку Амди Бајрам: ние си имаме принципи, ние сме си со власта.  Тоа не е добар коментар за капацитетот на критичката мисла во државата, но добро е да се знае со каков материјал располагаме.  Тоа ќе биде важно во периодот кој доаѓа.

Затоа, 2018 за мене е година на можности.  Имајќи предвид дека сме долго заглавени во една општа политичка декаденција која е резултат на одземените евроатлантски перспективи, мислам дека првата сериозна можност, ако не и најважната, во 2018, е да ги откочиме овие процеси.  Постои сериозно геостратешко поместување, кое ни оди во прилог, зашто интересот на меѓународната заедница повторно го фокусира на покрупните политички проекти врзани за овој регион.  Политичките елити во Македонија, се надевам, ќе ја препознаат оваа шанса, и барем за миг, ќе се надминат самите себеси и своите микро стратегии и шеми.  Се разбира, тука проблемот со името претставува централна оска на напорот, но токму затоа сметам дека ова е вистинскиот период тоа прашање да се затвори, и тоа со политички, а не плебисцитарен модел.  Токму авторитарноста на нашето општество тука ќе оди во прилог на вакво решение, односно ќе им остави на елитите бришан простор за договор.  Ако таква можност постои, мојот совет им е да ја зграпчат, ако не овие, идните генерации секако ќе им бидат благодарни.

Mazedonien Kabinett von Premierminister Zoran Zaev im Parlament in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Втората можност во 2018 е ВМРО-ДПМНЕ да се ребрендира во вистинска опозиција. Мислам дека промените кои таму се случуваат и бездруго одат во тој правец.  Покрај дилемите кои сите ги имаме за нивниот нов лидер (тој е реална непознаница за поголемиот дел од јавноста), мислам дека тоа е сепак транзиторна, несуштинска варијабла во таа партија.  Мислам дека главните одлуки, и стратешките правци за ВМРО-ДПМНЕ, се веќе поставени, предетерминирани.  Тие со овие потези покажуваат дека и самите се свесни дека мораат да се исчистат од старите, компромитирани кадри, мораат да го сменат својот политички наратив кон Албанците и кон меѓународната заедница, да се откажат од античкиот мит, и мораат да застанат зад домашните реформи и меѓународната политика која Македонија треба да ја внесе во ЕУ и НАТО.  Кој тоа внатре ќе го имплементира и координира е секундарно, и помалку важно, прашање.

На крајот, 2018 ќе биде и можност за реформи во СДСМ. Како што ќе поминува времето во кое тие се на власт, така и пост-револуционерниот сензационализам на кој инсистираат како доминантен наратив во моментов, ќе мора да се заменува со посуштински реформски теми, со еден посмирен и порационален однос кон сопствената одговорност. Се помалку виновници ќе има на располагање кај нивните противници, а се повеќе јавноста од нив ќе очекува суштинска испорака на комплицирани проекти.  Доколку го препознаат моментот, имаат шанса таквиот наратив да го свртат во своја полза, да го преиначат од хистерија на победата во свесност за одговорноста. Доколку тие трендови ги игнорираат, мислам дека ќе се најдат во неповолна ситуација многу побрзо одошто очекуваат.

Сѐ на сѐ, интересни времиња.  Дали е тоа пофалба или критика, останува да видиме.