1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов курс на Трамп на Блискиот Исток

Лоај Мадхун
23 јануари 2017

Претседателството на Доналд Трамп и на Блискиот Исток се смета за пресврт, коментира Лоај Мадхун. Многумина стравуваат од враќање кон поедноставени клишеа, кои можат да се претворат во кошмар за регионот.

https://p.dw.com/p/2WEeL
Russland Syrien Assad bei Putin
Фотографија: Reuters/RIA Novosti/Kremlin/A. Druzhinin

Пред осум години Барак Обама му подаде рака на исламскиот свет, нудејќи му ново партнерство, базирано врз взаемен респект.  Неговата цел беше нов почеток во односите меѓу Западот и исламските земји, а првенствено- дефинитивно раскрстување со агресивниот милитаризам од ерата на неговиот претходник Џорџ Буш.

„Нема никаква причина да не можеме повторно да воспоставиме исто партнерство и почит со исламскиот свет, кое Америка веќе го имаше пред 20 или 30 години“, изјави Обама за арапската телевизија Ал-Арабија во своето прво телевизиско интервју, неколку дена по стапувањето на функцијата.

Кај администрацијата на Доналд Трамп, и при најдобра желба, не може да се наѕре ваков кооперативен став: исламофобските изјави на Трамп од предизборната кампања и неговото демонстративно свртување кон диктаторите и безобѕирните авторитарни властродржци од типот на Владимир Путин и Башар ал-Асад екстремно ги минимизираат очекувањата од неговата блискоисточна политика.

Уште повеќе, по неговиотдемагошки инаугурационен говор, во кој немаше ни ронка од било какво укажување на класичните американски вредностикако демократија, слобода и ангажман за човекови права, би требало да сметаме на враќање кон поедноставените начини на размислување од видот „ние против нив“ од ерата на Буш.

Mudhoon Loay Kommentarbild App
Лоај Мадхун

Клишеа: пријател - непријател

Нема дилема дека американскиот претседател Доналд Трамп од својот претходник наследува бројни, комплицирани и делумно меѓусебно вкрстени конфликти во регионот на Блискиот и Средниот Исток.

Но, неговите досега познати пристапи сведочат за очигледен дезинтерес и недоволно разбирање за конфликтната динамика на Блискиот и Средниот Исток. Првенствено еднодимензионалниот, дури симплифициран начин на кој Трамп ги сфаќа гигантските проблеми во овој регион, може да се претвори во рецепт за натамошни катастрофи.

Пример: со најавата дека сака да го искорени тероризмот на Исламска држава, и во тој контекст подготвеноста за соработка со масовниот убиец Асад, Трамп едноставно врши замена на причината и последицата. Имено, џихадистичкиот план за калифат немаше да има толкав успех доколку ја немаше тиранијата на Асад и бомбардирачкиот терор од неговата армија.

Освен тоа, Трамп најави намера да се повлече од атомскиот договор со Иран. зашто тоа е наводно најлошиот „дил“ на сите времиња и не го спречува Техеран во создавањето атомско оружје. Но, каков алтернативен план има неговата администрација за спогодбата која можеби спречи вооружен конфликт? Уште повеќе што ЕУ натамошно цврсто се држи на договорот со Иран и притоа сака да соработува со Кина и со Русија.

Истовремено, Иран со финансиска поддршка и илјадници елитни војници во последните години успеа да придонесе за преживување на режимот на сирискиот властодржец Башар ал-Асад, кого Трамп го смета за „посилен и поитар“ од американски врвни политичари. Трамповата перцепција на сирискиот конфликт не е само противречна, туку и екстремно опасна. 

Отворени прашања на Блискиот Исток

Разбирливо, сѐ уште е рано за точна идентификација на вистинските приоритети на администрацијата на Доналд Трамп на Блискиот и Средниот Исток. Нималку не е изненадувачка неговата желба да ја уништи Исламска држава преку прагматична сојузничка политика со авторитарните владетели.

Меѓутоа, попроблематична може да биде неговата подготвеност за безусловна соработка со сите деспоти и подлеци од регионот. Арапските аналитичари уште сега стравуваат дека првите жртви на Трамповата можна блискоисточна политика би биле поддршката на демократијата, прашањата на човековите права и добрата владина политика.

Но, свртувањето кон авторитарните режими нуди само привидна стабилност, зашто овие владетели не располагаат ниту со адекватни рецепти за решение на џиновските проблеми, ни пак имаат нужни реформски желби. Во најлош случај, американската рехабилитација на деспотите може да го забрза самоуништувањето на арапскиот свет.

Она што им е потребно на од кризи потресуваните земји на Блискиот и Средниот Исток, е реална развојна перспектива. Пред сѐ, треба да престане инструментализацијата на конфесионалните идентитети за реално-политички цели од страна на Иран и Саудиска Арабија. На нејзино место треба да настапи европската политика.

Без инсталирање на надрегионални кооперативни структури и надминување на конфесионалните триења,  нема излез од затворениот круг на насилство во блискоисточниот конфликт.