НЦЦ: „Чарлиевите ангели“ расчистуваат во Македонија
9 декември 2016Пред вонредните парламентарни избори во Македонија, весникот „Ноје цирхер цајтунг“ донесува опширен текст посветен на Македонија. Во фокусот ја става работата на Специјалното јавно обвинителство, кое има исклучително тешка и деликатна задача - да го расчисти скандалот со прислушувањето, од кој произлезе декавладата на поранешниот премиер Никола Груевски со години „на уво“ имала илјадници свои противници, но систематски шпионирала и свои луѓе. Станува збор меѓу другото за кривични дела фалсификување на избори, уцени, злоупотреба на службена положба. Меѓу осомничените е и самиот Груевски, неговиот роднина, поранешниот шеф на тајната служба Мијалков, поранешни министри. СЈО се наоѓа под енормен притисок, констатира весникот во текстот на авторот Андреас Ернст, кој истакнува дека трите обвинителки, главната -Катица Јанева, и Фатиме Фетаи и Ленче Ристовска поради нивниот суверен настап на прес конференциите ги нарекуваат „Чарлиевите ангели“, според трите атрактивни одмазднички од американската култна ТВ серија од 1970-те години.
„Се наоѓаме и во медиумска војна“, вели младата специјална обвинителка Ленче Ристовска „На валканите кампањи одговараме со транспарентност и професионалност“.
Колку се големите надежите кои некои ги врзуваат за СЈО, толку длабока е омразата кај другите. За тоа сведочат обидите СЈО да биде оцрнето како потрчко на опозицијата или на странски сили. Но, Ристовска лично не се чувствува загрозено. Најчесто се движи без лична заштита. „Ако нешто ми се случи, веднаш би било јасно кој стои зад тоа. Јас точно знам кој се плаши од нас. Освен тоа, мојот живот не би сакала да го ставам во рацете на некој полицаец кој би ми бил доделен од МВР“, додава таа малициозно.
Опструкција од судството
Многу поголеми последици од медиумската кампања за работата на СЈО има опструкцијата на многумина корумпирани судии во судскиот апарат. Судиите и обвинителите постојано им прават сопки на истражителите. „Овие колеги чекаат роковите да истечат до максимум, а потоа велат дека нашите барања се нејасно формулирани и мора наново да бидат испратени. На крајот, добиваме сѐ што бараме, но тоа трае многу долго.“ Многумина службеници се плашат да соработуваат со СЈО, барем оние кои работат во опкружувањето на осомничените. „Тие се лично зависни од овие моќни фигури“, вели Ристовска. СЈО често наидува и на отворен отпор. Последен пат, што не беше неочекувано, во „срцето на мракот“, моќната тајна служба УБК. Таму во 2015 година, по обелоденувањето на скандалот со прислушувањето, биле уништени опремата и податоците, за што постојат докази, вели Ристовска. Специјалната обвинителка Катица Јанева и нејзини соработници три дена кампуваа пред зградата. ..
Како да се спречи неповратното бришење на деликатните податоци? Обвинителката Ристовска е оптимист. Техниката за прислушување е сопственост на телефонски оператор, иако е сместена во објект на УБК. Подоцнежните манипулации можат лесно да се констатираат. Иако надлежниот суд веќе двапати одби на СЈО да му овозможи пристап до компјутерите на телефонскиот оператор. Тоа е бризантно, меѓу другото и зашто еден од директорите на фирмата-ќерка на Дојче Телеком, истовремено е и одговорен за ИТ во Министерството за внатрешни работи.
Ризичен експеримент
Што може да се направи ако судството не соработува? „Тоа е голем предизвик“, вели Ристовска. „Се надевам дека судиите ќе најдат храброст да не ги игнорираат фактите. Ние имаме кристално јасни докази. Но досегашните искуства не се многу позитивни.“
Значи, можен е и неуспех на СЈО, се согласува и Ристовска. „Но, ние сме убедени дека постојат професионални службеници кои сериозно ќе работат на нашите случаи. Сепак, на крајот судовите ќе решат дали е нашето општество зрело за правна држава или ќе остане заробеник на стравот и послушноста.“
СЈО во основа е дел од еден експеримент: судството е инструмент за длабински промени на политичкиот систем. Кривичните процеси треба да доведат до тоа во иднина моќта да не биде во рацете на патрони и нивните клиентелистички системи, туку на политичарите и функционерите кои одговараат пред законот и граѓаните. Надежта беше дека преку приближувањето кон ЕУ, ќе се случи ваква трансформација. Но, процесот на пристапување кон ЕУ стагнира со години. Експериментот со судскиот систем освен тоа има кардинална грешка во конструкцијата: само обвинителството е ново и неизвалкано, но не и судовите кои одлучуваат за натамошната судбина на постапките.
Ѕидот на кривичната неказнивост полека се рони
„Нам ни треба време“, вели Ристовска. „Нашиот мандат треба да заврши во јуни 2017 година. Овој рок мора да биде продолжен.“ А токму тоа владејачката партија ќе се обиде да го спречи, доколку повторно биде изгласана. Груевски и неговите соработници знаат дека е невозможно да се обработат сите податоци од прислушувањето во кратко време и да се реконструираат тековите на парите во странство.
„Со време стигнува и успехот. Ќе почнат да зборуваат и оние кои се плашат од нивните шефови. Тие уште повеќе ќе се плашат од нас“. Но, за таа цел мора во мрежата да се фати најмалку една покрупна риба. А сега уште не е стигнато дотаму, признава Ристовска, но ѕидот на кривичната неказнивост се ниша. До неодамна беше незамисливо некој министер да се појави пред суд. „Но, сега веќе доаѓаат“.
Решавачка е помошта однадвор. ЕУ и САД нудат техничка и стручна поддршка. Од голема помош се позитивните примери, на пример оној од Романија...„Кога ќе бидат изречени првите пресуди, патот ќе биде пробиен. Мораме да го промениме овој систем, тоа наидува сега на поддршка од многу граѓани, сеедно дали се за опозицијата или за владата“, вели Ристовска за „Ноје цирхер цајтунг“.
Со избори до излез од кризата?
Во последниот дел од текстот весникот пишува: „Изборите в недела треба да ја ослободат Македонија од двегодишната политичка криза... Но, дека изборите фактички ќе значат нов почеток, е малку веројатно. Груевски и неговиот помал коалиционен партнер Али Ахмети контролираат широко распространета мрежа на политички и економски зависни луѓе. Тие нема да се бунтуваат против своите патрони. Многумина избирачи, кои се критички расположени кон владата, се сомневаат дали опозициониот лидер Заев е навистина нов тип на политичар. Мнозинскиот дел од медиумите се под капата на владата, а на СЈО досега не му успеа да направи пробив. Значи, можен е реизбор на Груевски. И гласовите од ЕУ се дисонантни. Додека Берлин има одбивачки став кон Груевски, тој ужива симпатии од влијателни кругови во Австрија и во Унгарија. Како негова заслуга често се истакнува соработката во затворањето на Балканската бегалска рута.“