1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сојузници против тероризмот

Геро Шлис/сн24 јули 2015

Во фокусот на посетата на американскиот претседател на Кенија и Етиопија е борбата против тероризмот. Но, истовремено, САД сакаат да профитираат од економскиот бум во Африка, Ама конкуренцијата од Кина е многу силна.

https://p.dw.com/p/1G41g
Фотографија: DW/R. Kyama

Претседателот на САД Барак Обама на почетокот од неделава во Белата куќа го прими новиот претседател на Нигерија, Мухамаду Бухари. Само неколку дена потоа самиот тој патува за Африка. Ќе престојува во Кенија и како прв американски претседател воопшто ќе ја посети Етиопија. Но, дека се работи за пацифичко „вртење кон Африка“, толку далеку не би одел Ричард Дауни, експерт за Африка од Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон. „Дури и ако е Африка важна за САД, и понатаму односите со Црниот континент се на пониско ниво од оние со другите региони“, вели во разговорот за ДВ.

Борба против теророт

Односите на Вашингтон со Нигерија или со Кенија се од стратешко значење. Покрај виталните економски интереси на континентот кој е во подем, за САД овие земји се истотака важни сојузници во борба против тероризмот. Со оглед на заднината на се’ она што се случува на Блискиот и на Средниот Исток, Американците стравуваа и оти сето тоа едноставно може да се прелие на африканско тло.

Kenia Besuch Obama Flughafen
Фотографија: picture-alliance/Photoshot

Но, тоа веќе и се случи. Терористите од Боко Харам, на пример, се веќе поврзани со т.н. Исламска држава и претставуваат сериозна закана за Нигерија но и за нејзиниот нов претседател Мухамаду Бухари. Бидејќи, тој во своето предизборно ветување рече дека ќе ги победи терористичките единици на Боко Харам. „И Кенија има сериозни безбедносни проблеми“, вели Ричард Дауни кој зборува за факторот на нестабилност во соседна Сомалија, исламистичката полиција Ал Шабаб. Дауни критикува дека кениските сили на безбедност во поглед на опасноста од тероризамсериозно ги кршат човековите права. Имено, тие на барање на кенискиот претседател Ухуру Кенијата „на нишан“ ги држат Кенијците со потекло од Сомалија и „со тоа само ја влошуваат ситуацијата“.

Онлајн магазинот „Журнал за надворешна политика“ (Foreign Policy Journal) пред патот на Обама во Африка напиша дека САД имаат „долга традиција на поддршка на репресивни режими“. Но, Обама тоа уште како сенатор вети дека ќе го промени, потсетува Ричард Дауни. Реченицата која го одбележа неговото прво патување во Африка беше оти „не сака да поддржува моќни поединци туку моќни влади“. Но, тешко е некој секогаш да се придржува кон своите основни начела, посебно кога интересите се во колизија. „Тоа сега го гледаме во примерот со Етиопија. Етиопјаните се корисни во борба против тероризмот“, вели Дауни но нагласува дека Етиопија не е демократска земја како што е тоа Кенија.

Kenia Besuch Obama Nairobi wird herausgeputzt
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Irungu

Исто како и Дауни, и организациите за човекови права го критикуваат времето во кое се случува посетата на Обама бидејќи владејачката партија во Адис Абеба на последните избори одржани во мај со манипулации обезбеди огромно мнозинство во парламентот. „Но, тие истите нема да го критикуваат ако отиде во Кина“, вели Питер Пем од „Атлантскиот совет“ (Atlantic Council). „А САД имаат голем интерес во Етиопја“, нагласува тој.

Соработка со Кина

Мајкл Е. О’Ханлон од институтот Брукингс (Brookings Institute) во најновата статија го аргументира тоа на сличен начин како Питер Пам и му предлага на Обама широка безбедносна иницијатива за Африка. Тој всушност предлага стационирање на трупи во кризните региони во Нигерија, Либија и Конго за да им се помогне на Африканците со обука и ралични советувања.

Покрај сериозната безбедносна ситуација, Обама за време на својата посета ќе се концентрира на економски теми. „Сликата за Африка рапидно се менува, и моментално Африка е место со најбрза растечка економија на светот“, вели Пем. Но, каде и да дојдат Американците на територијата на Африка, Кинезите веќе на големо се таму. Со 200 милијарди долари годишно Кина има повеќе од двојно поголем промет во Африка отколку САД. Стручњаците пак советуваат соработка. „Кина има пари и искуство, САД подобра технологија“, вели Јун Сун, експерт за Азија и Африка од институтот Брукингс . Но, нејзе и’ е исто така јасно дека оваа идеја „политички не премногу популарна во САД“.