Обвинетите турски „пучисти“ на суд
30 јануари 2017Досега најголемиот судски процес по неуспешниот обид за државен преврат во Турција од 15. јули 2016. година, започна во Измир под засилени мерки на безбедност. Обвинети се 270 лица, главно војници, а овојпат директно и исламскиот проповедник Фетула Ѓулен. 152 од нив се наоѓаат во истражен затвор под обвинение за „обид на уривање на уставниот поредок“ и „членство во терористичко здружение“, како што јавува турската новинска агенција Анадолу. Казната може да биде и до двапати доживотен затвор. Мнозинство обвинети се поранешни турски офицери со високи чинови, како бившиот генерал за Егејскиот регион, Мемдух Хакбилен. Тие се сомничат за членство во забранетото движење на Ѓулен, кое во Турција се смета за главен двигател на обидот за пуч. Проповедникот Ѓулен, кој живее во егзил во САД, одрекува секаква поврзаност со обидот за преврат во Турција.
Владата во Анкара изрази надеж дека „правниот процес“ против Ѓулен ќе биде забрзан по стапувањето на должност на новата администрација на американскиот претседател Доналд Трамп. Турските власти денеска во САД испратија нови документи со цел да ги подобрат шансите за израчување на проповедникот во Анкара. Весникот „Хуриет“ известува дека актите содржат дополнителни информации за двајца осомничени учесници во пучот, кои кратко претходно престојувале во САД и наводно таму се сретнале со Ѓулен за да добијат инструкции за пучот.
По неуспешниот обид за државен удар во Турција се уапсени преку 43.000 припадници на полицијата, државни и судски службеници за кои се тврди дека се членови на движењето на Ѓулен.
Десетици воени лица од Турција на работа во НАТО, а во меѓувреме суспендирани, изминатите месеци побараа азил во Грција и во неколку европски земји, меѓу кои четириесетина и во Германија, стравувајќи од нефер-процес и мачење во татковината.