Да се заштити демократијата, АФД под надзор!
3 септември 2018Уште колку долго? Уште колку долго министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер ќе им дозволува на АФД и нивните поддржувачи да ја газат демократската правна држава? Од кога се случи Кемниц е јасно – една демократија не смее да се ограничува, во името на слобода на мислење и изразување да им дозволува на десноекстремните непријатели на Уставот да се изживуваат. Мора да се брани од нив со правни средства.
Според една анкета на Институтот за испитување на јавното мислење Циви, изработена по налог на Функе-медиумската групација, повеќе од половина од Германците се за тоа АФД да биде под надзор на Службата за заштита на Уставот. Загрижените се во право. Партија чии членови во знак на „сопствена правда“ повикуваат на „напад на медиумите“ е голема опасност сама по себе. Партија која организира митинзи со ксенофобичната алијанса Пегида, има единствена цел - десен радикализам. Набљудување на една партија од Службата за заштита на Уставот е најсилното и најтешко средство кое една правна држава го има в рака против една политичка организација – пред да ѝ се изрече конечна забрана за делување.
Може да се употреби тогаш кога има основано сомнение дека едно здружение или партија планира или изведува противуставни активности.
Повеќе на темата:
Што всушност се случува во Кемниц?
Барањето за надзор ништо ново
Радикализацијата на АФД не е ништо ново, исто како што не е првпат да се бара нејзино набљудување од Службата за заштита на уставниот поредок. Не само СПД, Зелените туку и дел од ЦДУ постојано укажуваа на опасниот развој. Дури и членови на АФД од оваа причина ѝ свртеа грб на партијата.
Меѓу најпознатите се поранешната шефица на партијата, Фрауке Петри, Анете Шултнер, поранешната портпаролка на Платформата „Христијани во АФД“ и Франциска Шрајбер. Поранешната претседателка на младинската организација на Саксонија, како отпадник од партијата, неодамна во својата книга „Внатре во АФД“, предупреди од растечката доминација на десно-националистичкото крило околу Бјeрн Хeке.
АФД одамна ја симна својата граѓанска маска. Нивните вербални испади не се насочени само кон провоцирање и разнишување на темелите на правната држава. Нивните членови и поддржувачи на перфиден начин се обидуваат да ги релативизираат злосторствата на националсоцијализмот, како што се покажа со скандалот за време на посетата на една група поддржувачи на АФД на почетокот на јули на меморијален центар на концентрационен логор во Ораниенбург.
Повеќе на темата:
Ќе успееме ли? Повторно да разговараме?
Кој е лекот против десниот радикализам?
Зехофер си дреме
Се чини дека баварската служба за заштита на уставниот поредок е многу понапред во анализата на можните закани отколку поранешниот баварски премиер и актуелен сојузен министер за внатрешни работи Хорст Зехофер. Службата во Баварија од март 2018. година следи поединечни функционери на АфД. На чуварите на уставниот поредок им паднала во очи блискоста со деснорадикалната сцена. Но, тоа што важи за Баварија очигледно не важи и за цела држава, или барем тоа е ставот на Зехофер.
Тој соопшти дека, според него, ниту по настаните во Кемниц не се исполнети „предусловите за целосно следење на АфД". Зехофер, на радост на АфД, не ја повлече ниту неговата изјава од февруари 2016., дека бегалската политика на владата довела до „владеење на неправото".
Како изгледа „владеењето на неправото", Зехофер имаше прилика да види во Кемниц. Но, тој не го стори тоа, иако министерот за внатрешни работи би требало да биде првиот член од владиниот кабинет кој ќе ја брани правната држава. Или што би рекол министерот за надворешни работи Хајко Мас, и Зехофер би требало „да се мрдне од каучот".
Крајно време е сите ние да ја одбраниме демократијата од нејзините непријатели. Оној кој излегува на улица за демократски права, треба да добие поддршка. На буцкачите кои пропагираат омраза, правната држава треба да им повлече јасни граници. Правото на слобода на мислење не опфаќа и право на укинување на демократијата.