1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одбројување до Брегзит: Што треба да знаете?

Роберт Маџ
15 јануари 2019

Брегзит-сагата денеска влегува во зенитот - британскиот парламент треба да гласа за договорот на премиерката Тереза Меј со ЕУ. Ако таа не добие поддршка, може да остане без работа.

https://p.dw.com/p/3BWbg
Symbolbild: Brexit
Фотографија: Getty Images/C. Furlong

За што гласаат пратениците?

Дебатата и гласањето е за тоа дали парламентот ќе го поддржи предлогот со кој пратениците ќе го усвојат договорот за отцепување, правно обврзувачки текст којшто ги поставува условите за напуштање на ЕУ. Одделно, пратениците ќе бидат прашани да гласаат и за декларацијата со која во детал е пропишан односот меѓу ЕУ и Велика Британија по Брегзит.

На Меј ѝ требаат 318 гласа за да победи, но таа нема неопходно мнозинство од 650-те пратеници, а членови на нејзината Конзервативна партија кои се Брегзит-хардлајнери, рекоа дека ќе гласаат против нејзиниот план. Северноирската ДУП, која ја поддржува владата, исто така најави дека е против договорот во сегашната форма, поради тоа што го содржи делот за таканаречениот „бекстоп“. Со него се остава отворена границата помеѓу Северна Ирска, која е британска територија и ЕУ-членката Ирска, ако Велика Британија и ЕУ не успеат да постигнат нов трговски договор до декември 2020 година. И ДУП и тврдокорните пратеници од конзервативците стравуваат дека „бекстопот“ ќе ги врзе на неодредено време Велика Британија и ЕУ.

Theresa May in Stoke-on-Trent
На Меј ѝ требаат 318 гласа за да победиФотографија: picture-alliance/empics/B. Birchall

Како функционира?

Пратениците ќе ја заокружат петдневната дебата од 9 до 15 јануари и потоа ќе преминат на серија гласања. Прво треба да ги одобрат или да ги отфрлат амандманите на владиниот предлог, а потоа да го поддржат или одбијат предлогот. Владата веќе доживеа два неуспеха: пратениците усвоија амандман со кој не ѝ се дозволува на владата зголемување на даноците и се забрануваат мерки за трошење за да се компензира влијанието од тврд Брегзит без одобрување на парламентот.

Освен тоа, парламентарците го поддржаа амандманот поврзан со времето во кое Меј треба да го поднесе План Б, во случај да го загуби гласањето. Во нормални услови, владата би имала 21 ден за да дојде до предлог решение. Но, со оглед на сегашната ситуација, пораз може да значи дека Меј треба да излезе со алтернатива и да презентира нов план за три дена.

Großbritanien | Theresa May | Parlament | Brexit
Пратениците ќе ја заокружат петдневната дебата од 9 до 15 јануари и потоа ќе преминат на серија гласањаФотографија: picture-alliance/dpa/AP/UK Parliament/M. Duffy

Објавување

Гласањето треба да започне во 8 часот по централноевропско време. Претседателот на парламентот Џон Берков, според протоколот, ќе побара сите што се „за“ да кажат „Ај“, а оние што се против да речат „Не“. Ако претседателот не е во можност да процени дали има јасен резултат, тој бара „пребројување“ со реченицата „Поделете се на две страни".

За време на пребројувањето, пратениците се делат на „Ај-страната" или на „Не-страната". Како што поминуваат кон избраната страна, чиновник ги запишува нивните имиња кои потоа се пребројуваат од четворица назначени бројачи на гласови од редовите на пратениците. Потоа резултатот се запишува и му се дава на најстариот од нив. Писмените резултати потоа му се даваат на спикерот, кој ги чита бројките и го објавува резултатот. Целиот процес трае некаде околу 15 минути.

Großbritanien | Theresa May | Parlament | Brexit
Меј првично изјави дека доколку договорот биде одбиен, Велика Британија ќе истапи од ЕУ на 29. март без договорФотографија: picture-alliance/dpa/AP/UK Parliament/J. Taylor

Што ќе се случува ако Меј изгуби?

Според законската регулатива, владата има 21 ден за да се изјасни како мисли да продолжи со процесот. Тој период е сведен само на 3 дена. Меј првично изјави дека доколку договорот биде одбиен, Велика Британија ќе истапи од ЕУ на 29. март без договор. Лично за Меј тоа би можело да биде крај на нејзината кариера како премиер. Со оглед на 117-те гласа, од вкупно 317 пратеници од нејзината партија, кои во декември гласаа за недоверба на Меј, пораз во вторник би го зголемил притисокот таа да се повлече.

Повеќе: 

Брегзит: Судбоносен момент за Велика Британија

Ирска бара помош од ЕУ во случај на Брегзит-хаос

Брегзит: ЕУ нема да ѝ излезе пресрет на Меј

А, што е со опозицијата?

Џереми Корбин, првиот човек на Лабуристичката партија, рече дека неговата партија ќе гласа против договорот и побара избори во случај владата да не успее на гласањето и Меј биде приморана да си даде оставка. Како прв чекор Корбин најави гласање недоверба на владата. Ако се одржат избори и лабуристите излезат како победници, Корбин најави дека би ги преговарал наново условите на Брегзит-договорот со ЕУ. Тој не исклучи ниту втор референдум, за кој многумина во неговата партија се залагаат, но ова би се случило само доколку не може да се одржат избори.

Jeremy Corbyn, leader of the Labour Party, speaks on Brexit in Wakefield
Џереми Корбин побара избори во случај владата да не успее на гласањето Фотографија: Reuters/P. Noble

Конституционална криза?

Некои политички аналитичари ја опишуваат финалната фаза околу Брегзитот не толку како раздор помеѓу ЕУ и Велика Британија, колку како горчлива битка за превласт помеѓу владата и парламентот и предвесник на уставна криза, со оглед на тоа дека никому не му е јасно што следува. Актуелно нема мнозинство за ниту една од опциите: „Без договор“ (што би довело до пречки во трговската размена, блокади на пристаништата и недостиг на производи), „Мек Брегзит“ (кој би ја држел Велика Британија поблиску до ЕУ), или пак „Втор Референдум“.