Одзивот нешто подобар отколку на претходните избори во Германија
22 септември 2013На изборите за Бундестагот во 2009 година, одзивот на избирачите до 14 часот изнесуваше 36,1 процент. Одзивот вкупно изнесуваше 70,8 проценти, односно беше рекордно низок. Притоа, одзивот, според аналитичарите, е многу важен за исходот на изборите, кои овој пат, како што се прогнозира, ќе бидат навистина до крај неизвесни. Истражувачите на јавното мислење предвидуваат пат позиција на коалицијата на Меркел и опозиционите партии. Многу граѓани до крај беа неопределени.
Во дел од последните анкети пред изборите мала предност имаа владејачките партии, во дел - опозицијата. Набљудувачите се единствени само во ставот дека улога на фаворит без сомневање има канцеларката Ангела Меркел. Таа може да се надева nа уште четири години на врвната позиција во Владата, со кој и да е коалиционен партнер.
Црно-жолта или црно-црвена коалиција?
Доколку владејачката коалиција на партиите на Унијата (ЦДУ и ЦСУ) и ФДП (либералите) не освои доволен број гласови за да владее и натаму, можно е да дојде до голема коалиција, како во 2005 година, и на власт да бидат Унијата и СПД (социјалдемократите). Замислива е и црно-зелена коалиција на Унијата и Зелените, но можноста за таков сојуз беше исклучена пред изборите, исто како што се тврдеше дека нема да дојде до црвенo-црвено-зелена коалиција, односно покрај СПД и Зелените, во евентуална владејачка коалиција да биде приклучена и Партијата на левицата. Шансите за СПД и Зелените сами да состават владејачка коалиција, според анкетите, не се добри.
Право на глас имаат 61,8 милиони граѓани. Избирачките места се отворени до 18 часот. Во покраината Хесен, покрај сојузните, денеска се одржуваат и покраински избори. За место во парламентот се борат 4500 кандидати од 34 партии. Сигурно е дека во парламентот ќе има пратеници на Унијата (во 2009 година - 33,8%), СПД (во 2009. - 23%), Партијата на левицата (во 2009. - 11,9%) и Зелените (во 2009. - 10,7%). За ФДП (либералите) кои пред четири години постигнаа рекорден резултат -14,6%, овојпат ништо не е сигурно. Дали тие ќе го минат цензусот од 5 % не се знае, особено ако се има предвид дека на покраинските избори во Баварија пред една недела освоија само 3,3% од гласовите.