Од Балканот кон Германија заминуваат стручни работници
12 август 2020Дури 54 проценти од работните односи кои во Германија се склопуваат преку регулативата за Западниот Балкан се однесуваат на стручна работна сила. Следното, повисоко ниво, на квалификација- „специјалисти“ и „експерти“ го достигнуваат само четири отсто, додека 42 проценти се помошна работна сила. Тоа се резултатите од студијата која ја објави Институтот за истражување на пазарот на трудо (ИАБ) од Нирнберг.
Навалица во Германија
Германската влада во 2016 година го донесе посебното правило за жителите на Западниот Балкан со кое им се овозможува на работниците од регионот да работат во Германија доколку добијат покана од работодавач. Доказ за квалификациите, притоа, не е потребен.
Оваа регулатива, која засега важи до крајот на 2020 година, наиде на голем интерес кај луѓето од регионот кои се во потрага по работа. Големиот број апликации доведе до создавање тесни грла при административната обработка во германските дипломатски претставништва во земјите од Западниот Балкан. Поради предолгото чекање за виза, голем број договори воопшто не се ни реализираа.
Студијата ги анализирала податоците за 2016 и 2017 година. Просечната старост на доселениците биле помала од 40 години, а дури 86 отсто од нив биле мажи. Причината е големата побарувачка во градежниот сектор кој спаѓа во традиционалните машки сектори. Во таа стопанска гранка се вработиле 44 проценти од сите дојдени работници според западнобалканската регулатива.
Во услужните дејности, како хотелиерството и гастрономијата, работа нашле 13 отсто од работниците од регионот, 11 отсто се вработиле во здравствениот или социјалниот сектор, а во останатите услужни дејности, како чистење или перење, работат 10 проценти од новите гастарбајтери од Западниот Балкан.
Успешна интеграција
Работата воглавно се добива со посредство на приватни и професионални мрежи. Тие посредници, според студијата, исполнуваат важна функција и се од суштинско значење за успешно продолжување на работниот однос, во прв ред затоа што тие се грижат профилот на кандидатот да одговара на очекувањата на фирмата. „Интеграцијата на лицата кои врз основа на таа регулатива нашле работа во Германија е успешна во поглед на стабилноста на работниот однос и приходите- во споредба со другите мигрантски групи и германските почетници“, се наведува во студијата. Невработеноста, како и земањето помош за невработени од прв и втор степен, изнесува само 0,1 отсто.