1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како до конкретна акција за „озеленување“ на политиките

Тони Поповски
6 ноември 2021

Енергетиката, животната средина и климата се поврзани сектори. За нив се неопходни надпартиски, усогласени и меѓусебно поттикнувачки политики.

https://p.dw.com/p/42f4S
Во услови на енергетска криза, капитални енергетски објекти за искористување на ветерната енергија ќе придонесат и за енергетска независност на Северна Македонија
Во услови на енергетска криза, капитални енергетски објекти за искористување на ветерната енергија ќе придонесат, меѓу другото и за енергетска независност на Северна МакедонијаФотографија: picture-alliance/chromorange/S. Finger

Согласно со новата методологија за водење на преговорите за зачленување во Европската Унија, Зелената агенда (заштитата на животната средина и климатските промени), енергетиката и транспортот се сектори кои ги обединува Кластерот 4.

Извештајот на Европската Комисија го оценува напредокот во спроведување на политиките поврзани со транспортот и енергетиката како умерен, а во животната средина и климатските промени нотира само одреден напредок. Следствено, и укажувањето, државата субстанцијално да исчекори во спроведување на поврзаните директиви на Унијата, особено поради потребата да се зголеми ефикасноста во апсорбирање на средства од Економскиот и Инвестициски План и во спроведувањето на Зелената Агенда за Западниот Балкан. Како и низа години наназад, предмет на критика се административните капацитети, кои се оценети како недоволни, вклучувајќи ја и подготвеноста за ефикасна меѓусекторска координација.  Извештајот потсетува дека пост-пандемиската обнова, треба да биде зелена.

Тони Поповски, автор на колумната
Тони Поповски, автор на колумнатаФотографија: privat

Одржлива енергетска метаморфоза

Извештајот на ЕК нотира постоење на сериозни предизвици поврзани со остварување на обврзувачката цел за 24% производство на енергија од обновливи извори, до 2025 година. Истотака, укажано е на недостатокот на целосно заокружена законска рамка за енергетска ефикасност, која попречува  ефикасно спроведување на поврзани мерки. Забелешки се дадени и по однос на одлагањето на формирањето на Фонд за енергетска ефикасност и на субвенционирањето на малите хидро-електрани, поради негативното влијание врз животната средина и природата.

Повеќе од авторот:Европска дијагностика на наши политики, со препорачана терапија

Извештајот не ги нотира крупните инвестиции кои се во најава или во почетна фаза, и се поврзани со изградба на капитални енергетски објекти за искористување на сончевата и ветерна енергија. Токму овие инвестиции, доколку бидат ефикасно спроведени, ќе придонесат за повеќекратни позитивни ефекти покрај остварување на обврзувачките цели, меѓу кои и зголемување на енергетската независност на Републиката, во услови на енергетска криза и се понагласена геополитика со хибридни влијанија, каде снабдувањето со енергенси се употребува и како средство за политички притисок. На ова се надоврзува и ефектот на создавање и развој на засебен пазарен сегмент кој мерливо ќе помогне во надминување на социјалните влијанија како последица на енергетската транзиција. Поврзано со создавањето на нови пазарни сегменти и зелени работни места, мора да ја завршиме „бесконечната приказна" за енергетска ефикасност, и тоа на начин што ќе се надминат партиските „територијалности“ и обиди да се контролира и да се влијае на овој пазар во „вечно“ создавање кај нас.  

РЕК Битола
РЕК БитолаФотографија: Nord-Mazedonien Regierung

Неквалитетната животна средина дополнително го мотивира населението да ја напушти територијата на која живее

Извештајот на ЕК констатира дека спроведувањето на легислативата и поврзаните мерки, е „загрижувачко прашање" во сите под-области на заштитата на животната средина, и дека по најголем број од препораките од претходниот Извештај, не е постапено. Како најголем предизвик, повторно е издвоено аерозагадувањето, укажувајќи на потребата од далеку поголем ангажман од страна на локалната самоуправа. Притоа, препорака е да се обезбедат доволно финансиски средства на централно и локално ниво, за да може поефективно да се адресираат поврзаните предизвици.

Повеќе од авторот:За емоционалното во политичкиот натпревар и следствено во победите и поразите

Нотирано е носење на пакетот на нови закони поврзани со управувањето со отпадот, но констатирано е дека системот за регионално управување со отпадот сеуште не е воспоставен. Оваа подобласт е уште една „бесконечна приказна “ покрај таа за енергетската ефикасност, благодарение на низа тесни грла, меѓу кои недостатокот на консензус за локации за изградба на регионалните одлагалишта за отпад, неподготвеноста на општините за посеопфатна меѓуопштинска соработка и формирање на заеднички јавни претпријатија како оператори со депониите (со политички фрагментирана локална самоуправа овие аспекти ќе бидат уште потешки за надминување), како и други фактори, меѓу кои партизацијата и недомаќинското работење на општинските ЈКП. Надоврзан на сето ова и фактот дека го зацврстуваме членството во „неславниот клуб“ на држави во Европа без систем за рециклирање на отпадот. Притоа, далеку сме и од трансформирање на нашата економија во циркуларна економија, а се тактизира и со носење на Законот за штетни емисии од индустријата.

Повеќе од авторот:За некого Брдо, за Балканот уште една планина за искачување

Извештајот, со право констатира дека потфрламе по однос на квалитет во водење на постапките за оценка на влијание врз животната средина и следствено издавањето на еколошки дозволи. Истите се водат на недоволно транспарентен и инклузивен начин, што за последица има продлабочување на „конфликтите“  во јавноста и на релација власт – здруженија на граѓани. На ова се надоврзува и одлагањето на носењето на Законот за инспекција во животната средина, како и на целосна регулатива за одговорност за нанесена штета врз животната средина. 

По однос на „добрите наоди“, се приближуваме до завршување на третата „бесконечна приказна “, за воспоставување на Советите за управување со речните сливови, без кои е невозможно да се започне со спроведување на мерки за интегрирано управување со водите. Во овој сектор, нотиран е почетокот на спроведување на инвестицијата во изградба на станица за прочистување на водите во метрополата со поврзана инфраструктура, инвестиција која е најголема од овој вид во нашата историја.  Покрај оваа трансформативна и позитивна динамика во секторот на водите, во Извештајот е нотиран напредок и по однос на прогласувањето на низа заштитените подрачја, а особено на Шар Планина за Национален парк.  Сепак, Извештајот потсетува и на потребата од доследно спроведување на препораките на УНЕСКО за Охридскиот регион. Извештајот завршува со „поздравување“ на носењето на долгорочната Стратегија за климатска акција со Акциски план, и со очекување за брзо донесување на Законот за климатска акција во Собранието. Колку да се потсетиме, во Унијата овој закон се смета за „мајка на сите еколошки закони“ и основа за општествена зелена метаморфоза.

Енергетиката, животната средина и климата се поврзани сектори. За нив се неопходни надпартиски, усогласени и меѓусебно поттикнувачки политики. Проблематиката е исклучително комплексна, и за да оствариме видлив и мерлив напредок, значајно е да имаме фокус на големиот  „зелен“ портрет на Републиката, но истовремено и на огромен број на мали детали во мозаикот.