1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПатувањеГерманија

Олеснет влез за странски работници на германските аеродроми

ЕМФ | агенции
29 јуни 2022

За да се избегне хаосот на аеродромите среде летни одмори, германската влада најави олеснет влез за странски работници. Браншата се надева пред сѐ на работници од Турција и Балканот.

https://p.dw.com/p/4DPlJ
Deutschland Flughafen Düsseldorf Chaos Personal Wartezeiten
Фотографија: David Young/dpa/picture-alliance

Германската влада сака да му помогне на воздухопловството во надминувањето на проблемите со работници на аеродромите во земјата. Според денешните (29.06) најави од Берлин, на аеродромите ќе може да се вработуваат работници од странство кои ќе имаат временски ограничени договори за работа. Според сојузниот министер за сообраќај, Фолкер Висинг, тие би помагале во делот на подготовка на багажот и чекирање.

Висинг, заедно со колегите од Министерството за внатрешни работи, Ненси Фезер и од Министерството за труд, Хубертус Хајл, денеска одржа прес-конференција околу оваа тема. Тројцата министри потврдија дека работниците од странство ќе добиваат дозволи за работа на аеродромите по забрзана постапка. Истото важи и за дозволите за престој во земјата. Што се однесува до теснецот со работна сила на безбедносните контроли, помош би требало „евентуално“ да дојде од припадници на сојузната полиција.

Deutschland PK Heil Wissing Faeser Chaos Flughäfen
Министрите Хајл, Висинг и Фезер (од л. кон д.) на прес-конференција во Берлин, 29.06.2022Фотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture-alliance

Владата сака да го забрза темпото на целиот процес на вработување на аеродромите: „Сакаме да ја забрзаме постапката за да можат да дојдат“, изјави министерот Хајл. Работниците од странство ќе мора да бидат вработувани и плаќани согласно тарифните договори, а т.н. „позајмени работници“ нема да има. Освен тоа, работниците би требало да добијат „достоинствено сместување, а не да бидат собирани во некакви колиби“, рече Хајл, потенцирајќи дека владата нема да дозволи социјален дампинг. Работниците не мора да имаат доказ за познавање на германски јазик, затоа што не се работи за „трајно доселување во Германија“.

Deutschland Flughafen Düsseldorf Chaos Personal Wartezeiten
Фотографија: Christopher Neundorf/Kirchner-Media/picture alliance

Министрите не наведоа термин од кога би почнале да доаѓаат странски работници. Браншата се надева на 1500 до 2000 работници, пред сѐ од Турција и балканските земји.

- повеќе: Можат ли „гастарбајтери“ да ги спасат германските аеродроми од хаос?

Многумина најверојатно ќе пристигнат најрано во август, односно предоцна за да бидат вистинска помош во време на летни одмори, рече Томас Рихтер, шеф на сојузот на работодавачи во делот на компании кои пружаат услуги на аеродромите (АБЛ). „Тоа не го решава проблемот, но сигурно е од помош“, оцени тој.