Омикрон: Зголемен број хоспитализирани деца во Јужна Африка
3 декември 2021Дали малите деца се посебно загрозени од новата варијанта на Ковид-19, сѐуште е нејасно, истакнаа претставници на здравствените власти и на научни институции денеска.
„Постои значително голем скок на инфекции во сите старосни групи, но посебно кај децата под пет години“, изјави Васила Џасат од Националниот институт за заразни болести во поглед на хоспитализацијата. Инциденцата кај децата под пет години е втора по височина по онаа кај лицата над 60 години.
Според експертите, расте и бројката на позитивно тестирани на коронавирус кај децата меѓу десет и четиринаесет години. Се претпоставува дека причината е тоа што во Јужноафриканската Република досега дозволена е само вакцина за деца над дванаесет години.
Од појавата на Омикрон сојот на ковид во Јужна Африка, бројот на новоинфицирани расте со многу побрзо темпо отколку при претходните три корона-бранови, посебно во провинцијата Гаутенг со метрополите Јоханесбург и Преторија. Првото жариште на заразата беше еден универзитет, а оттаму вирусот брзо се рашири меѓу младите и крајно очигледно и меѓу постарите луѓе.
„Досегашните податоци укажуваат на полесна преносливост на Омикрон и на негова способност делумно да го заобиколи имунолошкиот систем“, изјави Мајкл Грум од Националниот институт за заразни болести. Иако пациентите генерално манифестираат полесни симптоми отколку кај другите вирусни варијанти, според Грум, потежок тек на болеста може да настапи две недели по заболувањето.
Вчера во Јужноафриканската Република биле регистрирани 11.535 нови инфекции, петпати повеќе одошто пред една недела, а најголем број отпаѓаат на инфицирани во провинцијата Гаутенг.