1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опасни игри: Кој ја тестира Македонија?

5 април 2019

Тест, провокација, обид за дестабилизација? Надлежните се воздржуваат од коментари за многуте „случајности“: енормен број пожари, но и навигирање на мигранти кон македонската граница.

https://p.dw.com/p/3GIaX
Griechenland Flüchtlingslager
Бегалскиот камп „Диавата“ во СолунФотографија: picture-alliance/NurPhoto/N. Economou

Имаме сериозни индиции дека пожарите се подметнуваат од политички причини, а тоа е сериозен тероризам што ѝ се прави на државата, изјави вчера министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, одговарајќи на прашањето дали големиот број пожари се последица на субверзивни активности. Според него, досегашните истраги покажале сериозни индиции дека пожарите се подметнуваат поради политички и бизнис интереси, а дел од досега приведените девет лица изјавиле дека се припадници на политичка партија или дека палеле поради бизнис интереси на одредени поединци од кои добиле задача.

Oliver Spasovski
Спасовски: Имаме сериозни индиции дека пожарите се подметнуваат поради политички и бизнис интересиФотографија: Petr Stojanovski

Ова е прва изјава во која се откриваат дел од мотивите за енормно големиот број на пожари кои „одеднаш“ ја зафатија Македонија во нетипичен период, во време на релативно ниски временски температури, но во жежок политички период: време на интензивна ратификација на протоколот за македонско членство во НАТО од страна на парламентите на земјите - членки на Алијансата, и кампањата за претстојните претседателски избори.

Кој ги мобилизира мигрантите?

Обидот за дефокусирање од овие теми, преку изнудување на потребата сите државни ресурси да се насочат за справување со огнени стихии, а државата да се прикаже како неспособна за таа задача, не се единствениот сигнал дека нешто се крчка зад сцената. Од вчера, на сцена е и веќе видениот обид во земјата да се внесе страв од мигранти, но и да се тестира македонско-грчкото пријателство. Работата ја завршиле социјалните мрежи. Како што јави Асошиејтед прес, неколку стотици мигранти од разни делови на Грција се собрале вчера пред камп во близина на Солун, со план пеш да тргнат преку границите на балканските земји во потрага по азил во земји на ЕУ. Полицијата ја спречила нивната намера да тргнат во насока на граничниот премин Идомени/Богородица, по што околу 200 мигранти се судриле со полицијата откако се обиделе да го пробијат кордонот. Тие фрлале камења кон полицајците, кои одговориле со солзавец и шок-бомби. Немало повредени и уапсени.

Грчката полиција соопшти дека повеќе од 500 луѓе, вклучувајќи и семејства со деца, се собрале на пченкарно поле кај мигрантскиот камп „Диавата“, кој се наоѓа на околу 10 километри западно од Солун, но и дека таму постојано пристигнуваат и други мигранти. Тие изјавиле дека се собрале по анонимна објава на социјалните мрежи, со која биле повикувани да стигнат до грчката граница со Северна Македонија оддалечена 60 километри, да се обидат да ја пробијат, за потоа да продолжат по мигрантската балканска рута која беше затворена во 2016 година.

Повеќе: 

Републиката во пламен - системот за кризи оди на ревизија!

Кампот Идомени речиси испразнет

УНХЦР: Не се одзивајте на гласини!

Агенцијата на ОН за бегалци, УНХЦР ги предупредила мигрантите да не се одзиваат на лажни информации и гласини на социјалните мрежи, потенцирајќи дека илегалните преминувања на границите се „ризични и опасни“. УНХЦР соопшти дека не ги поттикнува ниту ги поддржува „нерегуларните движења“ и истакна дека државите имаат право да управуваат со своите граници.

„Покрај потенцијалните несакани правни последици, учесниците во овие движења може да завршат во тешки хуманитарни услови, меѓу другото и да останат без соодветно засолниште, храна и други основни услуги. Ве молиме, не ги загрозувајте вашите животи и животите на членовите на вашето семејство и децата“, повика УНХЦР.

Но луѓето што се собираат кај „Диавата“ за АП изјавиле нема да се откажат од намерата.

„Се соочуваме со многу проблеми во Грција. Тие ни даваат многу малку пари. Немаме иднина. Моето сослушување за азил е закажано за 2021 година“, изјавил 35-годишен мигрант, додавајќи дека ќе се обидат да ја преминат границата со Македонија, и покрај веројатната блокада од полициите во двете земји.

Griechenland Flüchtlinge durchqueren Grenzfluss nach Mazedonien
На 14-ти март 2016 година илјада бегалци преку река ја поминаа македонската граница - при тој обид се удавија тројца мигранти Фотографија: Reuters/S. Nenov

Веќе видено

Од двете страни на границата од вчера е засилено граничното обезбедување. Оваа епизода во многу нешта потсетува на настаните од 14-ти март 2016 година, кога 1.000 бегалци преку река ја поминаа македонската граница, по што влегоа во атарот на селото Моин, во Општина Гевгелија. При тој обид тројца мигранти се удавија во Сува река, а другите кои ги избегнаа надојдените води беа спасени од страна на безбедносните сили што ја контролираа границата. Четворица беа хоспитализирани во Медицинскиот центар во Гевгелија, а другите сместени во транзитниот центар. И во тој случај повикот стигнал преку социјалните мрежи, а кај мигрантите беа најдени и разделени идентични мапи, со прецизни насоки како и каде да ја поминат границата. Вчерашниот обид да се повтори таа епизода - не успеа. Надлежните велат дека со внимание ќе ја следат ситуацијата.