1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оправдано ли е ветото на Полска и Унгарија за ЕУ- буџетот? 

Моника Ширацка | Кено Верзек
4 декември 2020

Со ветото против буџетот на ЕУ, Полска и Унгарија ја втурнаа Унијата во нова длабока криза. Дали се точни аргументите на двете држави?

https://p.dw.com/p/3mBL7
EU ringt um Finanzpaket I M. Morawiecki -und V. Orban
Фотографија: Francois Lenoir/Pool/File Photo/Reuters

Полска и Унгарија со ветото против нацрт буџетот на ЕУи фондовите за обнова по короната,  ја втурнаа ЕУ во една од најтешките кризи во изминатите години. Фрустрацијата за двајцата „блокатори” сѐ повеќе расте кај другите земји членки, бидејќи ЕУ се кара со Полска и Унгарија поради недостатоци во однос на правната држава.

Двете земји пак ѝ префрлаат на ЕУ дека сака да ги казни политички, бидејќи во одредени точки како прашањето на миграцијата, не ги застапуваат либералните ставови на мнозинството. За време на неодамнешната средба премиерите на Полска и Унгарија, Матеуш Моравјецки и Виктор Орбан, го потврдија нивното вето и сега се во исчекување на компромисен предлог од германското претседателство.

ДВ ги анализира позициите на двете земји. 

За што конкретно Полска и Унгарија го искористија правото на вето против буџетот на ЕУ и корона-фондот за обнова? 

Причина за ветото на Полска и Унгарија е т.н. Механизам за правна држава. Со него ЕУ сака да создаде инструмент со кој повреди на принципот на правна држава би се санкционирале преку кратење на субвенции побрзо и поефективно отколку до сега. Но, притоа се работи само за повреди на принципот за правна држава кои вклучуваат злоупотреба на средства од ЕУ, како на пример при распишување противзаконски тендери. Полска и Унгарија во јули годинава првично принципиелно се согласија со механизмот.

Сега тврдат дека бил поинаку составен од претходно договореното.

Тоа е погрешно. Сегашниот нацрт е променет само во нијанси. Најважната промена која во меѓувреме беше додадена е во тоа дека механизмот може да се употреби превентивно уште кога ќе се констатира ризик за злоупотреба на европски средства „на доволно директен начин”. Според претходната варијанта, злоупотребата мора веќе да се случила. 

Но, истовремено во механизмот е вградена и значителна пречка: за да се наметнат санкции потребно е согласност на квалификувано мнозинство од 15 членки кои заедно сочинуваат минимум 65% од населението во ЕУ. 

Како Полска и Унгарија го оправдуваат ветото? Дали е одржливо објаснувањето?

Официјално двете земји наведуваат дека механизмот го повредува Договорот за ЕУ и со тоа поткопува принципи на правна држава наместо да ги зајакнува. Владите на двете земји не прецизираат кои одредби од Лисабонскиот договор ги повредува механизмот. Тие аргументираат и дека формулациите во него биле нејасни и неодредени и затоа бил само политички инструмент против непослушни земји членки.

Тоа не е точно. 14-те страници од нацртот содржат јасни критериуми и дефиниции кога и под кои услови може да се применува. Тоа дека ЕУ би го искористила како политички инструмент не е многу веројатно, вообичаено Унијата во изминатите години за спорови за правната држава реагира дефанзивно и воздржано.

Ungarn 2012 | Demonstration polnischer Nationalisten in Budapest
Плакат на протестот на полски националисти во Будимпешта, 2012 годинаФотографија: Imago/EST&OST

Во политички изјави Моравјецки механизмот за правна држава го нарекува „пендрак за пропаганда” кој го потсетувал на „социјалистички времиња”. Унгарскиот премиер Орбан тврди дека механизмот значи „нов Советски Сојуз”. Бил смислен како казна за земји членки кои се противат на доселувањето на мигранти во ЕУ. Таквите изјави во преден план треба да им послужат за внатрешнополитичка мобилизација. Механизмот за правна држава нема никаква врска со миграциската политика на ЕУ.

Критичарите на владите во Полска и Унгарија тврдат дека двете земји се против механизмот на правната држава бидејќи тоа е закана за нивната корумпирана и нетранспарентна распределба на европските пари. Вистина или не?   

Унгарија е шампион во злоупотреба на европски средства: Европската агенција за борба против корупција, ОЛАФ, во периодот од 2015 до 2019 регистрираше 43 случаи на злоупотреба на европски пари, чиј износ е 3,93 % од вкупната помош исплатена од ЕУ на Унгарија за тој период.

За споредба: во рамки на цела ЕУ во истиот период ОЛАФ има истражувано вкупно 235 случаи во кои вкупната злоупотребена сума била 0,34% од целата ЕУ-помош. Тоа значи дека Унгарија е десет пати над европскиот просек, при што бројот на неоткриени случаи е можно да е многу поголем.

Во Унгарија често финансиската помош од ЕУ им се доделува на членови на семејството на Орбан или на нему блиски бизнисмени, а тендерите за доделување европски средства се прилагодени како за нив. Притоа многу често унгарските власти не постапуваат по препораките на ОЛАФ, така што речиси никој не се спроведува истрага за злоупотребата на парите и никој не е казнет.

Во Полска пак ова не е случај. Во истиот период од 2015 до 2019, ОЛАФ имаат идентификувано 22 случаи за злоупотреба на ЕУ – помош, чија сума е 0,12% од вкупната ЕУ – помош.

Наспроти имиџот на вицепремиерот и претседател на владејачката партија „Право и Правда“ (ПиС), Јарослав Качински како скромен и непоткуплив политичар, во рамки на ПиС има регистрирано случаи на корупција. Државната агенција АРМИР задолжена за исплаќање на аграрни субвенции е пример за бројни корупциски скандали. Но, со зголемената контрола врз судствоо во Полска расте и заканата дека овие случаи не ќе бидат темелно истражени.

Можат ли Полска и Унгарија финансиски да си дозволат вето и со тоа да не добијат дел од ЕУ фондовите за обнова од корона-последиците?  
Полска и Унгарија уште од нивното зачленување во 2004. во голема мера профитираат од европското финансирање. Во двете земји ова е еден од најважните економски фактори. Во Полска, финансискот уддел од ЕУ во 2018 е 3,43% од БДП, додека во Унгарија 4,97%.

Според проценките на Министерството за економија на Полска, една четвртина од економскиот раст во последните години се должи на ЕУ-помошта. По членството во ЕУ во земјата влегоа голем број странски инвеститори – вкупниот обем на инвестиции се проценува на 200 милијарди евра. Благодарение на ЕУ – помошта во земјата се креирани над 600.000 работни места.

Полска и Унгарија се на врвот земји кои добиваат најмногу од ЕУ-буџетот и фондовите: во 2019 Полска доби 12,1 милијарди евра од ЕУ, додека Унгарија 5,1 милијарди. Двете земји треба да останат на врвот нето-приматели и во престојниот буџетски период од 2021 до 2027.

Поради корона-пандемијата во двете земји се проценува голем пад на економсиот раст, а проценките се меѓу 4% и 8%. Со програмата за обнова од корона последиците на ЕУ би се компензирал голем дел од овие загуби, а земјите приматели би требало индиректно да ги вратат.

Унгарскиот премиер Орбан најави дека неговата земја ќе побара кредити на меѓународниот финансиски пазар ако не учестува во Програмата за обнова од корона. Тоа на долг рок, би предизвикало многу посилен економски притисок врз Унгарија отколку да учество во корона-фондовите на ЕУ.