Орбан кај Меркел: Провокатор и идол
5 јули 2018Виктор Орбан сака големи зборови и не сака бегалци во Европа. Неговата патетична изјава од есента 2015 година, кога стотици илјади бегалци се движеа по „Балканската рута“ ќе остане запаметена како пример: „Неодговорен е секој европски политичар кој на бегалците им дава надеж за подобар живот и ги охрабрува да остават сѐ и да го стават својот живот на коцка за да тргнат кон Европа. Ако во Европа не се врати разумот, ќе биде поразена во судбоносна борба."
Орбан исто така е првиот европски лидер кој започна со изградба на бодликава ограда на границата кон Србија. Неговата цел е бегалците да останат подалеку од Унгарија. Тогаш за него слушнаа ширум Европа и беше запаметен како тврдокорен во однос на бегалската политика.
Перманентно хушкање против бегалците
За многу негови сограѓани ваквите потези не беа изненадувачки. Орбан, кој е и еден од основачите и претседател на партијата Фидес, е на власт во земјата како премиер од 2010 година. На истата функција беше и од 1998 до 2002 година. Последните години рестриктивниот курс во однос на миграцијата стана негов заштитен знак. На почетокот на политичката кариера важеше за либерал, а денес предупредува дека миграцијата е „тројански коњ за тероризам“, опасност за етничкото единство на Унгарија. Тој зборува против „мешање на народите“. Кога Орбан денес се буни потив предлогот на Брисел - бегалците рамномерно да се распоредуваат по земјите на ЕУ - тоа е само консеквентност на неговите ставови. Беше договорено Унгарија да прими 1300 луѓе, а одбива да прими дури и еден бегалец. Однесувањето на Орбан не може да го променат ниту протести, тужби, ниту постапката против Будимпешта која ја иницираше Европската Комисија.
Повеќе: Пријателите и непријателите на Ангела Меркел
Идол за германски конзервативци
Таквата политика на Унгарија во последниве години гарантира успех во неговата земја. На последните парламентарни избори, на почетокот на април, Фидес победи. Во коалиција со малата Христијанско-демократска народна партија тесно го одбрани своето двотретинско мнозинство.
Орбан стана нешто како конзервативен пионер од бегалската криза. Неговите размислувања наидуваат на поддршка во Германија, особено во редовите на баварската Христијанско-социјална унија (ЦСУ), каде во последниве години е редовен гостин. Шефот на ЦСУ и министерот за внатрешни работи Хорс Зехофер јавно му се обраќа со „Драг Виктор". Орбан на го возвраќа комплиментот, карактеризирајќи го односот со ЦСУ како „уникатно братство по оружје".
Дискрепанца меѓу реториката и бројките
Сепак, постои огромна разлика помеѓу значењето што Орбан го има кон темата миграција и фактите. Во 28 земји во ЕУ, со над 500.000 милиони жители, живеат речиси 2,3 милиони бегалци, односно тоа е само 0,45 проценти во однос на вкупното население. Во Унгарија нивниот број е мал. Во транзитната зона на границата со Србија има само неколку стотици луѓе. Минатата година 3.350 луѓе бараа азил во Унгарија и тоа најголемиот дел се од Авганистан, Ирак и Сирија. Околу 1.000 добиле привремена супсидијарна заштита. Само стотина азиланти имаат одобрено право на престој – тие остануваат околу еден месец во домови за бегалци, а потоа мора сами да се снаоѓаат.
Повеќе: Орбан сака да биде лидер на Источна Европа
Во Унгарија вкупно има шест бегалци на 10.000 граѓани. Само за споредба - во Германија тој сооднос е 117 на 10.000. И покрај малите бројки, миграциската политика е една од главните теми на средбата со германската канцеларка Ангела Меркел. Тој гледа голем проблем пред сѐ во одлуките на Меркел. На една прес-конференција во Брисел минатата година рече: „Ова не е европски проблем, проблемот е германски".
Колку кажаното и да има мала врска со реалноста, Орбан си стои на своето. За него, се чини, е важно да има јасни зборови и да нема бегалци во Европа.