Османи: Блокадите нема да нѐ оттргнат од патот кон ЕУ
7 октомври 2021„Дипломатијата не е трка на 100 метри, тоа е маратон на кој се појавуваат пречки на патот. На пример Шпанија чекаше 24 години, а Велика Британија 11 години да влезе во ЕУ, со две вета од Франција“, порача денеска министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој на прес-конференција ги коментираше последните случувања по Самитот во Брдо и условувањата од бугарскиот претседател Румен Радев за отворање на европскиот пат на Северна Македонија.
Но, тој додава дека не му е планот да ја оправда оваа бавност на ЕУ да создаде појасна предвидливост на процесот. „Ние се движиме по работ на кредибилитетот на процесот, а тој е најсилната енергија кој што ги движи регионот напред. Но, тоа не значи дека ќе се откажеме од тој пат,колку и да е тежок. Не можат тие да не блокираат, колку што ние ќе бидеме упорни да стигнеме до ЕУ“, дециден е Османи.
Спорни точки
Османи вели дека единствената пречка на македонскиот интегративен пат е Бугарија, но дека комуникацијата меѓу двете земји и понатаму продолжува.
„На последниот состанок меѓу тимовите на двете министерства, имаше одреден прогрес кој што ние се обидуваме да го читаме како шанса да се надогради прогресот, и по изборите и во Бугарија и кај нас, посуштински да се најде одредена формула, која што ќе биде во интерес за двете земји за да се дојде до решение“, вели првиот човек на дипломатијата. Тој додава дека земјата ги исполни условите и заслужува да ги започнеме преговорите. „Дали ќе се постигне консензус меѓу земјите членки на ЕУ, тоа е прашање на земјите членки“, рече Османи.
Бугарскиот претседател Румен Радев вчера во Словенија обвини за систематско уништување на бугарското културно - историско наследство. „Нашите позиции се јасни - се додека овој процес продолжи и се потиснуваат основните права, не можеме да кажеме „да“ за проектот. Ова не е вето, не е запирање на процесот, мора да ги почитуваме европските принципи, мора да го искорениме говорот на омраза, заблудата и толкувањето на Бугарија од учебници, музеи, споменици, јавно говорење, јавна политика, тогаш нашиот народ е подготвен да каже „да“ за правно обврзувачки документи за овој процес“, додаде Радев.
Реципроцитет
Османи вели дека петте точки кои се предмет на разговор цело време се краткото име на државата, говорот на омраза, работата на историската комисија, правата на малцинствата и немешањето во внатрешните уредувања на двете земји. Шестата точка е вклучувањето на Бугарите во Уставот на Северна Македонија.
„За нас,тоа не е спротивно на нашите интереси“, вели Османи и додава дека тоа значи дека Бугарите се поместуваат од фразата „еден народ, две држави“. „Ние немаме проблем да ги вметнеме, исто како и хрватската и другите заедници“, додаде Османи.
Во однос на тоа дали би дошло до реципроцитет и Македонците би биле вметнати во Уставот и пописот на Бугарија, Османи вели дека тоа не е можно, затоа што тие не признаваат организирање на етничка основа, согласно нивниот попис.
На ваквото барање реагираше и лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски. „Не може Бугарија да бара од Македонија да вклучат незначително бугарско малцинство во Уставот, а од друга страна македонското малцинство во Бугарија да не биде вклучено во бугарскиот Устав и да нема никакви права. Мора да има мерки на реципроцитет“, порача Мицкоски. Тој најави дека во параламенот нема да дозволат вклучување на бугарското малцинство во македонскиот Устав, доколку тоа не го направи и Софија – да ги вметне Македонците во нивниот Устав.
Кои се перспективите?
Пораката којашто беше испратена вчера од Самитот во Брдо е јасна – шесте земји од Западен Балкан треба да станат дел од Европската Унија. Но, нема временска рамка за тоа.
-повеќе на темата: Обвинувања без факти: Кои се дискриминираните Бугари?
Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика за „Утрински брифинг“ изјави дека ако досега се зборуваше за „перспективи“ за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, во Крањ за првпат по подолго време, под услови за реформи во земјите, во завршниот документ од Самитот стои зборот „проширување“.
„Ние и формално сме во тој процес на проширување. Сега останува дали ќе ја гледаме чашата полупразна или полуполна, односно сѐ зависи од толкувањата на овие документи од самитите на ЕУ“, вели Кацарска.