Османи со нов предлог за македонските Бугари
5 март 2021Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека ако треба Бугарите ќе бидат споменати во Уставот како посебна етничка заедница, иако досега никој тоа не го побарал. Тој во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 изјави дека „Бугарите во Северна Македонија треба да се чувствуваат како апсолутно слободни граѓани“.
„Немам никаква резерва по однос на прашањето Бугарите да бидат спомнати како посебна етничка заедница во Уставот ако тоа им значи“, рече Османи и додаде дека официјално не чул за такво барање, ниту било разговарано за тоа. За промена на Уставот е потребно двотретинско мнозинство во Собранието. Во Преамбулата на Уставот сега се споменати „македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите’.
-повеќе на темата:Румен Радев - заштитник на Бугарите во Северна Македонија
Изјавата на Османи е дадена во период кога се финализира Акцискиот план маѓу Македонија и Бугарија за надминување на споровите поради кои Бугарија ја блокираше преговарачката рамка на С. Македонија со Европската uнија. Решавањето на билатералниот спор со Бугарија се најде и во најновиот Извештај на европратениците кој го усвои Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент. Комисијата го повика Брисел што поскоро да ги отвори пристапните преговори со Северна Македонија.
Османи денеска порача дека нема да дозволи македонското МНР да стане дел од дневниот предизборен политички фолклор во Бугарија. По средбата со лидерите на верските заедници во врска со претстојниот попис, тој се осврна на последните активности на бугарскиот претседател Румен Радев, кој ги повика безбедносните служби од кои побарал да преземат мерки за заштита на Бугарите во Северна Македонија.
На прашањето дали е испратена протестна нота до Софија, Османи одговори дека почитувањето на индивидуалните и на колективните права на припадниците на етничките заедници во С. Македонија е нешто со што земјата посебно се гордее во светот. „ Ако некој има какви било информациии дека некој не може да ја определи својата етничка припадност, државата е тука да ги заштити правата на граѓаните. Но, не смееме да дозволиме, поради билатерални разлики, некој да ја претставува државата во погрешно светло“, рече Османи.
-повеќе на темата: Османи поддржува графа за македонските Бугари на пописот
Тој пред неколку дена и' порача на бугарската заедница во С. Македонија веднаш да ги контактираат пописните органи и да си побараат соодветна графа на претстојниот попис. Ваквата реакција на Османи следеше откако во јавноста неколку дена се води полемика околу писмото коешто културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола го испрати до бугарскиот државен врв, како и до амбасади во земјата. Во писмото испратено во пресрет на престојниот попис во април, се посочува за наводни повреди на правата на Бугарите во С. Македонија. Во писмото кое културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола го испрати до бугарскиот државен врв беше побарано олеснување на процедурите при добивање бугарско државјанство за оние граѓани кои на претстојниот попис во С. Македонија ќе се определат како Бугари.