Отаде иднината
25 јануари 2020Како во 1960-тите години, кога децата по улиците го чекаа појавувањето на „чичковците“ кои во зембиљи продаваа зашеќерени јаболка на стапче, така некако ние го исчекуваме мачното породување на реформираната методологија за пристапување кон ЕУ. Како ќе заврши калибрирањето на компромисот меѓу францускиот нон пејпер и оној на 11 земји членки на Унијата би требало да се знае на почетокот на февруари (првичниот термин 20 јануари се покажа дека бил преамбициозен), но чешкиот министер за надворешни работи, Томаш Петричек, пред некој ден изјави дека документот најверојатно ќе биде готов дури пред мартовскиот самит на ЕУ. Според некои од деталите што еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи им ги пренесол на македонските домаќни за време на посетата, еден компромис наводно е најден – преговорите да одат во групи поглавја (како што предлагаат 11-те земји). Планот на Париз беше тие да се движат од поглавје до поглавје – следното да почне само кога ќе се заврши претходното.
Што би можела да научи македонската политика додека ја собира логистиката за изборната пресметка. Има некои работи од минатото, некои од сегашноста, а некои од можната иднина по пристигнувањето на таа „чиста среќа" означена како датум. Заборавете ги изјавите на францускиот амбасадор овде, Кристијан Тимоние, за чисти избори, за законот за обвинителството и погледнете малку кон неоголистичката политика на претседателот Емануел Макрон.
Други колумни од авторот:
-Многу нон-пејпери, неизвесна иднина
Еве една трансверзала до 1961-63 година, кога Шарл де Гол беше своевиден господар на Европската економска заедница (ЕЕЗ) и го спроведуваше проектот „Европска Европа". Во тој проект немаше место за Велика Британија. Британски премиер беше Харолд Мекмилан. Двајцата државници беа некаков вид пријатели од времето на војната. Мекмилан како британски министер во Алжир во 1943 година ја одигра клучната улога во убедувањето на Рузвелт и Черчил да го признаат Де Гол како лидер на ослободителното движење на Франција. Но пријателството од војната се покажа едно, а интересите на двајцата државници подоцна сосема друго. Де Гол во тие години стави два пати вето кон барањето на Мекмилан Британија да се приклучи кон ЕЕЗ. По тоа француско понижување кариерата на Мекмилан беше завршена. Подоцна Де Гол, со одреден степен на сожалување, се присетуваше на понижувањето на Мекмилан со овие зборови: „Сакав да ја ставам раката на неговото рамо и да му кажам како во песната на Едит Пјаф: 'ne pleurez pas, milord‘ (не плачи, господару)".
Европска Европа
Емануел Макрон има своја визија за „европска Европа" по излегувањето на Британија од ЕУ на 31 јануари. Тој сака Унијата да биде геополитички играч, но е необјасниво како тоа ќе го направи во светот ако таа геополитика се состои во блокирањето на европските амбиции на две мали земји, кои се среде Европа, чие население е еднакво на она на Словачка, а нивниот заеднички БДП е како оној на Кипар. Макрон е извонреден оратор, неговите пораки имаат и филозофска суштина, но во нив секогаш стои францускиот посебен интерес во новата ЕУ без Британија. Драмата со нон пејперот немаше ни одблиску да биде таква ако Британија како членка на Унијата ја имаше моќта од времето на Тони Блер или Маргарет Тачер, како продолжение на оската што доаѓаше од Вашингтон. Британските конзервативци поткопани одвантре со евроскпетицизмот им го препуштија континентот на Германците и Французите и особено на неоголистичките амбиции на Макрон. Самитот во мај во Загреб треба да ја расчисти целата оваа збрка околу правилата за членство, но никој уште не знае дали насмевките што се очекуваат во хрватскиот главен град ќе бидат замрзнати и одложени да траат до следна конференција со западнобалканските земји. А при тоа ништо да не се случува. Кој знае, можеби тоа е планот.
Во една работа Макрон веројатно е во право, без оглед колку нам ни се чини неправедно – неговото одбивање да се подели двоецот на Македонија и Албанија. Таков став неодамна зазеде и Ангела Меркел. Компромисот што во октомври беше на маса – Македонија да добие зелено светло, а Албанија уште некое време да остане во чекалната, можеби на краток рок ќе ги задоволеше и приврзаниците и противниците на проширувањето, но пораката ќе беше далекусежна.
Повеќе на темата:
-На повидок почеток на ЕУ-преговори за Северна Македонија и Албанија
-Макрон сигнализира оптимизам за проширувањето на ЕУ
-Пицула: Самитот во Загреб е голема прилика за ЕУ, Западен Балкан и проширувањето
Албанија тогаш ќе им се придружеше на Босна и Херцеговина, Косово и Турција, што посредно ќе значеше дека државите со доминатно муслиманско население не се пожелни во европскиот клуб. Инсистирањето да се задржи двоецот е дел од поширокиот концепт на големите играчи и ние тука не можеме ништо да направиме. Без оглед колку солзи да пророниме.
Оливер Вархеи им остави добар впечаток на македонските политичари во Скопје. И власта и опозицијата велат дека тој им изгледал како посветен комесар (како другите да не се или како Јоханес Хан да не беше доволно). Секако, не можат да се потценуваат амбициите на Вархеи, но и неговата работа треба да се стави во еден поширок контекст. Првиот е што новата Европска комисија почна да работи пред неполни два месеци и нејзините приоритети допрва се утврдуваат – главен, без сомнение, е зелениот договор за Европа – па треба да се види која ќе биде нејзината моќ кога предлозите ќе дојдат на маса пред европските лидери. Знаеме како помина комисијата на Жан-Клод Јункер и нејзините препораки за почеток за преговори. Другиот контекст е земјата од којашто доаѓа Вархеи – Унгарија. Тамошниот премиер, Виктор Орбан, по неочекуваниот пораз на локалните избори во Будимпешта и десетина други големи градови се подготвува да ја постави сцената за изборната пресметка во 2022 година. Позицијата на Орбан во Европа е прилично комплицирана. Членството на неговата партија Фидес во Европската народна партија е замрзнато од март минатата година поради загриженоста за владеењето на правото во Унгарија. Одлуката што ќе се прави понатаму ЕПП треба да ја донесе на почетокот на февруари. Голема е веројатноста замрзнатото членство да продолжи понатаму, иако гласовите да се исклучи Фидес се многубројни. Доколку Фидес не биде дел од европското десничарско семејство тоа ќе ја намали маневарската позиција на Орбан меѓу неговите колеги премиери кога ќе треба да се одлучува за новиот буџет на ЕУ. Според последниот предлог за буџетските распределби меѓу земјите Унгарија треба да изгуби 24 отсто од сегашното финансирање од Унијата. Тоа се огромни пари, кои Орбан потоа треба да ги надокнади од други страни и, се разбира, да плати за нив.
Затоа, за да ја постави сцената за изборите по две години во 2020 му треба нова офанзива, откако муницијата во антимигрантската приказна полека се троши. Според унгарските политички аналитчари – лостовите на Орбан се поставени на две точки. Првата: веднаш беше повикан од Лондон неговиот долгогодишен спин доктор Арпад Хабони (каде замина по последните избори) да ја предводи новата политичка офанзива и да ја уништи опозицијата еднаш засекогаш. Втората работа е преку Оливер Вархеи Унгарија да се прикаже како вистински крстоносец во експанзијата на ЕУ кон Западен Балкан, а преку тоа Будимпешта да ја прошири својата улога на економска и политичка регионална сила. Клучното прашање е дали Вархеи ќе ги спроведува правилата на ЕУ (да ги критикува демократското назадување, корупцијата или задушувањето на слободата на медиумите во земјите кандидати) или под маса ќе ги слуша инструкциите од Орбан. Тоа е тешко за балансирање, но искусниот дипломат (кој беше верен извршител на Орбан) можеби ќе го најде тактот да се воздржи од нереалистички ветувања.
Овде амбасадори се обидуваат да го стават како клучен услов донесувањето на законот за јавно обвинителство, бидејќи тоа било важно за владеење на правото. А видете што се случи оваа недела во Унгарија и Полска. Унгарски суд пресуди дека владата мора да им надомести штета на поранешни затвореници, кои биле подложени на нехумано однесување, и да плати казна на една ромска заедница во источна Унгарија поради расна сегрегација во училиште. Орбан изјави дека неговата влада нема намера да плати ниедна од овие казни донесени со судски одлуки, што предизвика гнев во јавноста. Орбан едноставно соопшти дека нема да го почитува владеењето на правото ако тоа не е во корист на владата. Дали тогаш се потребни судовите? Или владата треба да носи пресуди што е исправно а што погрешно.
Во Полска во четвртокот се продлабочи судската криза откако Врховниот суд со големо мнозинство одлучи да им се спротивстави на судските реформи на владата донесувајќи одлука против создавање на телото кое ќе ги назначува судиите и членовите на контроверзната дисциплинска комора. Судиите одлучија дека новото телео не е ни според полскиот ни според законот на ЕУ. Оваа одлука на врховните судии е одговор на одлука на највискоиот суд во ЕУ од ноември, во која се вели дека новото дисциплинско тело може да ја наруши судската независност, но случајот го врати во полските судови. Полското министерство за правда веднаш соопшти дека владата нема да ја почитува пресудата, затоа што била донесена со „грубо крешење на законот".
Популистичката влада во Полска на партијата Право и правда ја донесе земјата во правен хаос со судските измени со кои треба да се дисциплинраат судиите на сите нивоа. Владата дури и не крие дека сака послушни судии. Министерот за правда, Збигњев Зиобро, минатата недела го објасни вака изборот на членовите во новиот Национален совет за правосудство, кој треба да ги именува членовите на комората и сите други судии: „Ние номиниравме судии кои, според нашето мислење, би биле подготвени да соработуваат во реформите на судскиот систем". Со законските измени во судството министерот за правда стана и главен државен обвинител.
Првиот чекор – единствениот пазар
Македонските драми околу законот за обвинителство изгледаат бенигни во однос на ваквото драстично поткопување на владеењето на правото во Полска и Унгарија. Но така е кога некој чука на врата – нему му ги проверуваат и чорапите.
Погледот отаде иднината – кога треба да дојде таа „чиста среќа" по одредувањето на датумот, повеќе води кон матен отколку чист хоризонт, ако навистина не се променат правилата за пристапување во ЕУ. Македонија и Албанија работеа напорно последниве години, но по студениот туш во октомври чувството во двете земји е дека што и да направат тоа нема да биде доволно за членство во ЕУ. Случајот на двете земји кои преговараат со ЕУ, Црна Гора и Србија, е многу илустративен. Црна Гора ги почна преговорите во јуни 2012 година. Од 33 поглавја само три се досега затворени. Србија ги почна преговорите во 2014, а има затворено само две. Според изваштаите на Европската комисија Црна Гора нема направено никаков прогрес во 23 поглавја. Тоа значи дека на Црна Гора ќе и требаат децении да ги исполни критериумите.
Така, кога ЕУ бара начин како да го затвори кругот со Македонија и Албанија треба да размислува и како четирите земји од регионов да не ги остави во вечната чекална. Од тој аспект предлогот на Франција за практични преговори, а не бесконечни, има логика. Познатиот Гералд Кнаус од Европската иницијатива за стабилност предлага првата фаза од преговорите со четрите земји да биде нивно приклучување единствениот пазар до 2030 година, каде што ќе можат да ги ползуваат клучните слободи – на слободно движење на стоки, капитал, услуги и труд (она што сега го имаат Норвешка и Исланд). Поглавјата поврзани со единствениот пазар би се отвориле најбрзо и би се затвориле сите заедно. Сите услови поврзани со демократијата, како владеењето на правото, човековите права и медиумските слободи мора да се исполнат пред земјата да влезе во Единствениот пазар. Австрија, Финска и Шведска прво станаа дел од единствениот пазар, а потоа, кога се исполнија и политичките услови, и дел од ЕУ. Кнаус вели дека членството во единствениот пазар не е алтернатива за ЕУ, тоа е поставено на самиот пат до пристапувањето во Унијата.
Кој знае, можеби се размислува и во оваа насока при изготвувањето на реформираната методологија за пристапување. Во меѓувреме, ако македонските политичари не успеат да го донесат законот за обвинителството тоа ќе биде извонредна можност за некои европски земји да се исперат од неочекуваното вето во октомври. И топката што беше во нивниот двор лесно да ја префрлат во нашиот. Опозицијата со таа топка мисли дека сигурно ќе победи на изборите. А иднината? Таа може да почека.