1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Охридски договор: Добар документ, лоша реализација

Катерина Блажевска13 август 2014

Поради недостиг на волја и визија за негово спроведување, Охридскиот договор се сведе на најбезобзирна компромитација на процесот на правичност, оценуваат аналитичарите.

https://p.dw.com/p/1CtGV
Рамковниот беше договорен во Охрид, а потпишан во СкопјеФотографија: Fotolia/Fotolia Mic-02

Македонија денеска одбележува тринаесет години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Во 2001 година потписот врз тој документ значеше директен прекин на огнот во воениот конфликт и крај на црниот биланс на загинати - на едни во одбрана на уставниот поредок на земјата, на други, како што декларираа, во борба за права. Договорот беше парафиран на 10 август во Охрид, а официјално потпишан на 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје од тогашниот претседател на Република Македонија Борис Трајковски и тогашните партиски лидери: на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски, на ПДП Имер Имери, на СДСМ Бранко Црвенковски и на ДПА Арбен Џафери, а во присуство на олеснувачите од ЕУ и САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју.

Иако Договорот влезе во втора декада од спроведувањето, неговата реализација главно се фокусира на правичната застапеност при вработувањата. Другите сфери се целосно занемарени. Муса Џафери, актуелен вицепремиер задолжен за спроведување на Рамковниот договор, кој неколку мандати помина на истата функција, смета дека сега е „крајно време“ да се отвори сериозна дебата околу ова прашање.

James W. Pardew
Џејмс ПердјуФотографија: DW

„Кај македонската страна постои мислење дека имплементацијата е спроведена и оти со некои барања албанската страна сака да излезе од договорените рамки. Албанската страна, пак, верува дека договорот рестриктивно се применува и дека се' уште не е завршен овој процес“, вели Џафери.

Прва странска инвестиција

Во „солзите“ на Џафери денес ретко кој верува. Договорот надживеа тројца од неговите потписници, но суштински не заживеа. Такви се и впечатоците на соговорниците на Дојче веле.

По 13 години процесот од Охрид донесе мир, ги нормираше минимумите кои ќе ја исклучат етничката супремација, но како и секоја норма не произведе нов дух на толеранција и соживот, вели Оливера Трајковска, новинарка која во телевизиски дебати ги има анализирано сите сегменти на овој документ и степенот на нивна имплементација.

„Таа задача елитите ја разбраа како ДДВ на македонскиот етноцентризам, формула што по автоматизам и обезбедува на албанската елита пристап до 'ресурсите' и најбезобзирна компромитација на процесот на правичност. Рамковниот договор беше првата вистинска странска инвестиција во Македонија. Властите тогаш се занесуваа дека неговиот успех може да го претворат во извозен продукт, а за жал, денес договорот за мир нема сила да ги превенира ни последиците од секојдневните 'ладни проби' за нов конфликт“, оценува Трајковска.

Според неа, договорот од Охрид остана рамка без слика, бидејќи двете страни не веруваат оти е возможна таква слика на нова интегрирана Македонија.

Francois Leotard
Франсоа ЛеотарФотографија: picture-alliance/dpa

„Напротив, симултаниот превод на елитите на духот на договорот уште посилно ги зацврсти стереотипите, недовербата и ја претвори државата во партиски посед на две корумпирани корпорации ДПМНЕ и ДУИ. Сепак, ако се погледне наназад во изминатите 10 години, македонската политика не произведе ништо вредно за Европа, освен почетниот ентузијазам во имплементацијата на Рамковниот, напор за кој Европската комисија ни го додели кандидатскиот статус. Ние не сме на добар пат не поради рамката, туку поради недостигот од визија за имплементација. Економската нееднаквост, битката за парите во заедничката каса во периодот пред нас, многу посилно ќе ги исцртаат новите предизвици, отколку употребата на јазикот или опсегот на Бадинтер. За тој процес елитите не се подготвени. Апсурдно, имаа политичка волја за амнестија на хашките случаи - токму најжешкиот костен кој не е дел од Договорот во Охрид, но стана темел на договорот Ахмети-Груевски кој станува посилен и од уставните норми кои ги произведе Рамковниот. Таа колаборација ќе продолжи да ги разјадува слабите дострели во имплементацијата затоа што за нив обврските од Охрид се правична застапеност на елитите во грабежот“, децидна е Трајковска.

Договорот како трофеј

13-годишнината од Охридскиот договор, кој ДУИ го третира како свој трофеј, издејствуван по заслуги на поранешната ОНА, денеска ќе биде одбележана со дебата во скопскиот хотел „Холидеј ин“, што ја организира Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор. На дебатата нема да присуствуваат двајца од потписниците на договорот - Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски. Од нивните кабинети за ДВ соопштија дека тие заминале на годишен одмор. На одмор е и премиерот Груевски - во Турција, на лична покана од турскиот колега Реџеп Таип Ердоган. Како и во претходните години, „домаќин“ на одбележувањето повторно ќе биде ДУИ. Од другите партии на Албанците не се заинтересирани за одбележување на овој датум, бидејќи не се задоволни од начинот на кој се „партизира“ спроведувањето на Охридскиот договор. Шенаси Адили, генерален секретар на ПДП, потсетува дека Договорот беше конструиран на неколку важни столба: меѓунационално помирување, унитарност на државата, решавање на етничките проблеми со мирни средства, соодветно претставување на етничките групи во институциите и консензус при донесување на одлуки за прашања кои го засегаат националниот, културниот и верскиот идентитет на етничките заедници.

Tetovo, Mazedonien
Адили: „Состојбите се уште потешки отколку што беа пред неговото потпишување“Фотографија: Petar Stojanovski

„По 13 години од тој Договор, состојбите се уште потешки отколку што беа пред неговото потпишување. Наместо унитарна Македонија, имаме партиска федерација и во секој федерален партиски дел партиите на власт ги уживаат благодетите на таканаречениот економски раст на државата. Наместо меѓунационално помирување, палењето на куќи и тепањето меѓу младите од разни етникуми со епилог на убиства станаа тренд на деценијата. Наместо соодветно претставување на етничките заедници во институциите, денеска имаме партиско вработување на активисти кои лепат плакати за време на изборите, како услов за добивање на министерско или директорско место. Таканаречениот Секретаријат за имплементација на Охридскиот договор стана партиско биро за вработување на партиски активисти на ДУИ“, критикува Адили.

Има ли луѓе со визија?

И политичките аналитичари не штедат критики, за начинот на кој еден значаен договор се минимизираше или извитопери во фазата на неговата имплементација. Според Суад Мисини, Рамковниот беше извонреден мировен договор, но не успеа да создаде граѓанско општество.

„Тој понуди модерни решенија - дизајнирани уште од Липхард, но и веќе применети и во други земји. Но, за жал, тој не создаде граѓанска Република Македонија, не овозможи принцип на владеење на правото и не донесе заштита за најслабите слоеви во општеството. Тој не успеа да донесе општа и споделена одговорност за рспределбата на националното богатство, ниту за масивните буџетски злоупотреби. Тој не успеа да ги отстрани анимозитетите помеѓу заедниците. Напротив, ги зголеми. Тој не успеа да ги издигне и валоризира најдобрите, најуспешните, најморалните и оние со интегритет. И сето тоа, не затоа што премногу очекувавме од еден 'обичен' договор за прекин на огнот, туку затоа што тој договор требаше да биде жива инспирација на луѓе со споделена визија. Договорот беше тука, визијата - тука некаде, а луѓето? Не знам...“, вели Мисини.

Според комуникологот Петар Арсовски, сегашните проблеми во етничкиот корпус се надвор од опсегот на Охридскиот договор, а различни се и „јазикот“ и природата на кризата пред 13 години и кризата денес.

„Иако кризата во 2001 беше проследена и со вооружени конфликти, многу мал дел од тие тензии се пресликаа на терен, помеѓу соседите од различна етничка припадност. На пример, не се сеќавам дека во текот на целата 2001 година сме имале една меѓуетничка тепачка во кафеана. Тоа е затоа што тоа беше ’top down’ криза, која почнува од елитите и не допира до 'обичните граѓани'. Тоа беше политичка, криза на националност, идентитет, колективни етнички права. Застапник на тие барања беше ДУИ. Охридскиот договор во голема мерка ги адресираше токму тие проблеми, почнувајќи одозгора надоле. Како таков, тој е релативно успешен документ, и односите помеѓу македонската и албанската елита се значително подобрени. Но, сегашните проблеми помеѓу етничките заедници се сменети. Тоа не се веќе езотерични теми како преамбула, јазик и симболи на заедниците. Сегашните проблеми се ’bottom up’, одоздола нагоре: подобар живот, локален економски развој, функционална администрација, просперитет, социјална заштита, здравствена заштита. Дополнително, македонската и албанската заедница имаат дијаметрално спротивставени ставови за иднината на државата vis a vis нејзините евроатлантски аспирации и нужниот компромис за името. Значи сегашните проблеми во етничкиот корпус се проблеми кои се надвор од опсегот на Охридскиот договор, и токму затоа е потребна посеопфатна анализа на Договорот и на неговата имплементација, како и суштински консензус за наредните чекори во развивањето на меѓуетничката доверба и соживот“, анализира Арсовски.

По ваквите оценки, денес кога се одмерува „нивото“ на спроведување на Договорот, многумина се уверени дека, за жал, тоа е идентично со нивото на дното на езерото, на чие крајбрежје беше парафиран пред 13 години.