1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Очајниците во Атина

Јанис Пападимитриу/Ж.А.5 март 2016

Претседателот на Советот на ЕУ Доналд Туск им препорачува да не тргнуваат, но илјадници бегалци уште доаѓаат во Европа. Многу Авганистанци стигнуваат до Грција и не можат да продолжат. А не сакаат да се вратат назад

https://p.dw.com/p/1I7Mh
Фотографија: DW/J.Papadimitriou

Мохамад Мохамади и неговиот седумгодишен син зад себе имаат долг пат. Преку Турција стигнале во Грција и сакаат да продолжат натаму, кон северна Европа. Во некоја земја каде „може да се живее“, вели Мохамад. Таткото и синот ги поминуваат студените ноќи во квартот Еленикон, во поранешната спортска дворана, сега претворена во бегалски капм. Дење одат на прометниот плоштад Викторија, собиралиште на бегалците од цел свет.

Триесетгодишниот Авганистанец се жали на квалитетот на храната во кампот, понекогаш таа е мувлосана. Затоа таткото и синот одат в град: „Овде во близината има авганистанска продавница. Понекогаш доаѓаат граѓани и ни носат понешто за јадење“, вели Мохамад.

Бројни се Авганистанците кои ноќеваат на плоштадот. Еден од нив е Алем Ајуби, со жената и детето веќе десет дена е во Грција. 32-годишниот Авганистанец вели дека дома му се заканувале талибанците: „Бев полицаец, работев со шефот на полицијата Мустафа Мохсени, придонесов за апсењето на еден бомбаш-самоубиец. Оттогаш талибанците ме прогонуваат и се закануваат да ме убијат.“

Неговата надеж да живее како слободен човек во некоја држава во северна Европа, засега е изјаловена. Откако Австрија го огранични приливот на бегалци, а земјите долж Балканската рута ги затворија границите за неговите сонародници, илјадници Авганистанци останаа во Грција, бегалската капија на Европската унија. Во Грција се множат бегалците кои не можат да го продолжат патот. Во средата ги имаше над 10.000 во Идомени, на грчко-македонската граница, во кампот наменет за 2.000 луѓе.

Afghanische Flüchtlinge in Athen Griechenland
Мохамад Мохамади со синотФотографија: DW/J.Papadimitriou

Алем Ајуби исто така поминал четири ноќи во тој камп, па во Атина се вратил со незавршена работа. Тој, како глава на семејството, во џебот има уште 90 евра и веќе не може да патува. Дали поднесувањето молба за азил во Грција е решение за него? „Овде се чувствувам безбедно, но чув оти во Грција едвај да има работа. Ако се отвори границата, тогаш ќе тргнам на пат. Ако не, не ми останува ништо друго освен да поднесам барање за азил.“

Бег од Кундуз

Абдула Араб и жена му имаат конкретна цел пред очи, сакаат што поскоро да стигнат во Австрија. Поминале опасен пат од Кундуз, во северен Авганистан, преку Иран и Турција, се‘ до Грција. Ситуацијата во Кундуз Абдула ја опишува како се‘уште напната и опасна. Додуша, владините трупи повторно го освоиле центарот на градот, но предградијата и натаму се во рацете на талибанците. „Војната таму е на секој чекор, еден брат ми еубиен таму. Затоа го напуштив Авганистан“, вели овој човек. Со неговата жена тој веќе шест дена престојува на плоштадот Викторија во Атина. Ститици бегалци тука ноќеваат на валкани ќебиња и без пристап до тоалет. Меѓу нив има доста стари луѓе, на чии лица се гледаат трагите оставени од војната, но тука се и деца и тукушто родени бебиња. Наутро доаѓаат чистачите на улици, а по нив луѓето од хуманитарните организации за да поделат храна. По правило, секој бегалец добива сендвич, парче овошје и шише вода.

Afghanische Flüchtlinge in Athen Griechenland Piräus
Алем Ајуби и семејството имаат само уште 90 евра кај себеФотографија: DW/J.Papadimitriou

Иран не доаѓа во предвид

Во Грција се блокирани преку 20.000 луѓе. Грчката влада гради нови кампови со помош на војската. Мешаницата е посебно голема на поранешниот терминал на Пирејското пристаниште. Три илјади бегалци се стегнати во простории набрзина заштитени од влага и студ. Сахра Хусеини е тука со мажот и две ќерки, тројца синови веќе се во Германија, во Висбаден. Таа се надева семејството да се спои во Германија: „Ми недостигаат моите деца, моите момчиња, сакам да ги видам. Наеднаш слушаме, македонската граница е затворена за Авганистанците. Големо разочарување. Сакаме да живееме како семејство во Германија, што ќе правиме овде во Грција?“

Како и многу други семејства од Авганистан, и нејзиното долго живеело во Иран, пред во февруари да тргне кон Европа: „Таму не ни беше добро, а освен тоа, немавме ни документи, таму бевме илегално. Се разбира, тоа беше голем проблем!“

Сахра Хусеини не сака да зборува околу сместувањето и снабдувањето на бегалците во Пиреја: „Не сме овде за да јадеме и да пиеме. Сакаме во Германија.“