Пакистан бара меѓународна помош
10 октомври 2005
Иако е ангажирана и најтешка механизација се уште во многу места на спасувачките екипи им недостигаат струја и пред се лекови. Пакистанскиот претседател Первез Мушараф со апел:
„Потребни ни се лекови и лекари што ќе можат да оперираат на самото место. Секако ни е потребна секоја друга помош, пред се шатори и кебиња„.
Портпаролката на УНИЦЕФ Јулија Спрај Левертон го познава подрачјето зафатено од катастрофата:
„Знам колку е тешко да се дојде до многу од местата. Хеликоптерите се од решавачка важност„.
Помош понудија или веќе ја остваруваат многу држави, меѓу нив и Германија која испрати 15 специјалисти. Во Исламабад стигнуваат и хеликоптери, а на барање од претседателот Мушараф, американската армија чии единици се стационирани во Авганистан испраќа пет транспортни и три борбени хеликоптери да помогнат во транспротирањето на спасувачите, на ранетите и на другата помош. Транспортите на лекови, кебиња, шатори и облека од УНИЦЕФ веќе се на пат кон планините. Спрај Левертон:
„Посебно се грижиме за децата кои се најзагрозени. Ноќите сега се студени, а децата и мајките се на отворено. Загубија се, немаат сместувалишта, немаат кебиња и сега тоа им го носиме како и пуловери и чизми„.
И во Кашмир ситуацијата е повеќе од алармантна:
„Повеќето луѓе се на отворено или се сместени во приземјата, подготвени да бегаат во случај на нов потрес„, објаснува овој човек од Кашмир. Земјотресот со јачина од 7,6 степени според рихтеровата скала е најтешкиот во последните 100 години во ова подрачје.