1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пандемиска Студена војна меѓу САД и Кина

8 мај 2020

По здравствената криза, па онаа економската, на ред дојде меѓународната криза или тоа што денес можеме да го наречеме: нова „Студена војна“ меѓу САД и Кина. Колумна на Ивор Мицковски.

https://p.dw.com/p/3bvMw
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Одлуката на Доналд Трамп, потоа засилена со изјавата на државниот секретар Мајк Помпео целосно да и се препише на Кина одговорноста за пандемијата или да говори за „енормни докази за потекло на вирусот од лабораторија во Вухан“, ја отвара третата и можеби најопасна димензија од кризата поврзана со коронавирусот.

По здравствената криза, па онаа економската, на ред дојде меѓународната криза или тоа што денес можеме да го наречеме: нова „Студена војна“ помеѓу САД и Кина.

Тоа значи - непријателот е Кина! Но, што навистина значи овој фронтален напад од кампањата на Трамп каде Кинезите се обвинуваат дека вештачки го создале вирусот и дека ја криеле неговата опасност во првиот период на ширење?

Да ги погледнеме неоспорливите факти. Дали вирусот поминал од животно на човек поради некаков си инцидент во лабораторија или тоа се случило на пазар, останува фактот дека изворот на пандемијата е во Вухан. Воедно, со сигурност знаеме дека властите од Пекинг речиси месец дена ја криеле вистината пред сопствениот народ и пред остатокот од светот.

Повеќе на темата:

-Мисури ја тужи Кина за ширење на коронавирусот

-Коронавирус- рецепт за нова глобална нестабилност

-Пропагандна војна помеѓу Кина и САД: Чиј е коронавирусот?

Во меѓувреме, половина милион луѓе ќе тргнат од Вухан и ќе отпатуваат во Европа или САД. Тоа е и причината поради која денес имаме пандемија. Тоа е оригиналниот грев поради кој со право треба да постои индигнација кон властите во Кина и да се бара нивна одговорност. 

Трамп колку и да е конфузен или проблематичен, сепак, неговата администрација не говори за вирус кој намерно бил фабрикуван или ослободен. Можело тоа да се случи поради невнимание, недостаток на заштита, но сите овие работи дополнително одат на сметка на САД бидејќи во минатото соработувале со Кинезите околу безбедноста на лабораторијата во Вухан, а потоа се откажале. Тоа не го менува фактот дека Кинезите лажеле и цензурирале, и тоа останува проблемот број 1.

Останува и фактот дека Кина во обидот да си го испере образот ќе направи се за да го инструментализира целиот свет, особено земјите во Европа, преку една безобразна кампања на лажни вести, сајбер напади, како и опскурни обиди за откупување на стратешки фирми или удели во компании по падот на европските берзи. Во Италија создаваа лажни вести како Италијаните пејат прокинески химни од балконите. Потоа Париз реагираше на кинеските лажни вести дека „јавните здравствени служби ги напуштале и оставале да умрат пациентите“. Конечно дојде и редот на Берлин, најголемиот економски партнер на Кина од ЕУ, кога реагираше на кинеските притисоци врз високи германски функционери со цел да обезбедат „позитивни коментари околу помошта“ испратена од Си Џипинг.

Дури и европскиот извештај на Јозеф Борел, и покрај обвинувањата дека финалниот документ бил политички омекнат, експлицитно ја обвинува Кина за мешање во внатрешните работи и работата на Унијата, додека Столтенберг ќе ги предупреди НАТО сојузниците од опасните обиди на кинеските гиганти да ги откупат главните европски и светски компании. Да споменеме и дека Шпанија, Чешка, Холандија и Турција јавно соопштија дека добиле неквалитетна или дефектна здравствена помош од Кина.

Ковид-19: Пандемски дронови

Сите овие работи драматично го нагризуваат меѓународниот кредибилитет на Кина и Западот нема и не треба да престане да бара појаснувања од Пекинг, особено околу почетното ширење на вирусот.

Но, и покрај сите овие факти, свесни дека и пред пандемијата судирот околу светската хегемонија особено беше нагласен на економско и трговско поле, сега сме сведоци како судирот се зајакнува пред се од политички мотиви.

Не може да се игнорира фактот дека републиканците блиски до Трамп и неговите луѓе во разузнавачките служби, особено новиот координатор на тајните служби во САД Ричард Гренел, политички ја злоупотребуваат пандемијата со цел да го покријат дубиозното американско соочување со кризата, како и катастрофалната состојба во американското јавно здравство.

За Трамп, здравствената и економската криза се претворија првенствено во изборна криза. На 6 месеци од изборите, сведоци сме на постојана хеморагија во политичкиот консензус кон Трамп. Според најновите анкети, и покрај проблемите на Бајден, Трамп каска 6 проценти во рејтингот и односот е 49% наспроти 43% во корист на демократскиот кандидат.

Други колумни од авторот:

-Автократијата расте во време на пандемија

-Пандемија на осиромашување

-Граѓаните и политиката контра науката: еве зошто мислиме дека знаеме сѐ

Оттука, сведоци сме на обид од страна на Трамп да се избегне одговорноста за пандемијата дома и да се мобилизираат неговите поддржувачи, како и сите оние сектори кои економски се најпогодени од кризата. Трамп, како секој друг автократ, има потреба од лесна мета, од јасен непријател, од прости објаснувања со цел да го обедини околу себе уплашениот и осиромашен народ. Потребно му е да му даде препознатлив лик и име на невидливиот непријател. Од тие причини нема подобар непријател од Кина со која веќе се води тивка војна на економски и трговски план.

На полето на геополитиката нападот е лесен за извршување. Шемата е онаа најкласичната – нападот е најдобрата одбрана, особено ако се води на повеќе фронтови. И доколку поддршката кон Трамп продолжи да тоне, достигнувајќи некоја критична точка од 30 проценти, тогаш можеме да очекуваме тотална „Студена војна“ со Кина.

Проблемот во планот на Трамп, е сличен на оној на Буш помладиот околу втората Заливска војна, односно, недостасуваат докази, или барем вистински докази, а не само импулсивни и гласни обвинувања. Недостасува таканаречениот -„smoking gun“. Тоа го призна и самиот Помпео, излегувајќи во јавноста со една срамна исправка на својата првична изјава, демантирајќи се самиот себеси дека постоеле сигурни докази.

Климата на Студена војна ќе остане и неизбежно ќе ја зарази и Европа, која пак настрана Велика Британија која што се наоѓа под огромен притисок од САД да застане на нејзина страна, засега бира поинаков и подипломатски пристап кон Пекинг. Европа бара објаснувања од Кина и нова истрага, и во тоа сигурно нема да помогне информацијата дека писмото на 27-те европски амбасадори до Пекинг каде се посочува дека „вирусот експлодирал во Кина и потоа се проширил низ светот“ во најголем дел било цензурирано во кинеските медиуми.

ЕУ најави дека барањето за истрага ќе го престави наредниот 18 мај пред Генералното собрание на СЗО. Пекинг од друга страна засега не ја напаѓа отворено Европа и нејзината желба за истрага околу потеклото на вирусот, но агресивно се брани како што знае и умее од нападите на Трамп и Помпео.

Независно од фактите и вистината, истрагите и појаснувањата, тоа што е највидливо е дека двата непријатели, САД и Кина се поставени на хоризонтот и во борбата околу пандемијата. Третиот играч во целата ситуација, втор непријател на Пекинг и прв сојузник на Трамп во новата Студена војна е Австралија чиј премиер веќе предложи меѓународна истрага околу потеклото на Ковид 19.

САД: Преку 700.000 инфицирани, бездомниците во посебно тешка ситуација

Австралија и Кина веќе 4 години бележат историски пад во дипломатските односи. Канбера е еден од првите сведоци на огромната и агресивна, не само економска пенетрација на Пекинг во нејзините внатрешни работи. Од мешање во културниот и политичкиот живот и финансирањето на партиите, преку бројните кинески студенти и употребата на кинеската дијаспора за политички притисоци, до растечкото влијание на Кина во Пацификот, некогашниот двор на Австралија, Канбера од сите земји кои се дел од разузнавачката „Five Eyes“, после САД, полека но сигурно се претвора во најагресивен противник на Пекинг. Затоа сега Австралија е прв сојузник на Америка и втор најголем непријател на Кина.

Но враќајки се во нашиот двор, главното прашање кое треба да си го поставиме е каде е Европа и како ЕУ ќе се соочи во оваа нова геополитичка криза која неминовно ќе има реперкусии врз Стариот континент?! Геополитички гледано, Европа е таа која е најранлива, најпогодена, најпосакувана, која има најмногу што да загуби во оваа голема тепачка помеѓу светските гиганти.

Кина: Со сите сили и методи против корона-вирусот

Прашањето е од централна важност на состаноците меѓу европските раководства. Проблемот е следниот: како Европа да се заштити од индустриска, трговска и финансиска гледна точка? Како да ги избегне последиците од новата Студена војна и центрифугалните и балканизирачки ефекти кои изборот помеѓу САД и Кина ги наметнуваат? И како да се постави кон оската Џонсон – Трамп, во пост Брегзит фазата? 

„Големите меѓународни фондови, биле тие кинески или американски расфрлаат огромни суми на пари во напори да ги преземат клучните и стратешките европски компании и финансиски асети“. Ова предупредување дојде од претседателот на Комисијата за биланси на Европскиот парламент Јохан ван Овертвелт. Неговото предупредување до Урсула фон дер Лајен и Европската Комисија е дека Унијата мора да се пази од светскиот пост-корона поредок: „унијата мора да се одбрани од глобалната промена на моќ која ќе произлезе од новата Студена војна помеѓу САД и Кина“.

Европа на сите институционални нивоа е свесна за предизвикот, таа таканаречена „геополитичка агенда“ беше и најавена и поставена како приоритет од Комисијата на Лајен, но во реалноста откажувањето или надминувањето на спротивставените државни интереси меѓу земјите членки во интерес и полза на Унијата се покажува тешко за реализирање.

Европа покрај веќе споменатиот „фризиран“ извештај на Борел и барањето истрага, јавно избегнува да се изјасни околу новата војна меѓу Вашингтон и Пекинг. Односно, Европа трпи и губи од овој судир. Големиот самит помеѓу ЕУ и Кина кој беше закажан за март месец поради вирусот се помести за 14 септември. Ќе се одржи во Липсија, за време на германското претседателство, но пандемијата неминовно ги намалува очекувањата и на лидерските агенди повеќе од проектите ќе доминираат преокупациите.

Доближувањето на бројни европски држави кон орбитата на Кина, покрај очигледните економски интереси, првично беше детерминирана како реакција на феноменот Трамп, кој гледајќи малку подлабоко е производ на Брегзит и сличните протекционистичко-националистички политички парадигми. Сега со растечкиот судир на релација САД-Кина, и неизбежните општествено-економски трансформации кои ќе следуваат како последица од кризата, нема да изостане нова борба за поделба или доминација во светот. Во таа борба Европа ризикува да биде првата жртва, односно идеалната „Tierra de conquista“ од страна на големите сили.

Европа се надева дека до 20 мај ќе изработи посебен фонд за опоравување од кризата и дека така ќе одговори на дел од притисоците и проблемите. Фондот кој би тргнал од некои 430 милијарди евра средства, евентуално преку обврзници и приватни инвестиции би ја надминал сумата од милијарда и пол евра за на тој начин да го спречи економскиот и финансиски диспаритет помеѓу северот и југот на Унијата.

Како и да е, Унијата е свесна дека е вовлечена во двојна војна. Една со пандемијата, другата како да воспостави одредена независност во Студената војна помеѓу САД и Кина.

За Европа ќе биде тешко да го пронајде „третиот пат“ помеѓу Вашингтон и Пекинг, но настојувањето во таа насока е единствениот начин доколку сака да ја задржи својата економско-финансиска независност и својот морален авторитет кој потекнува од демократската традиција и не се подвива на конфучијанскиот авторитаризам или на растечките националистички логики на Америка на Трамп.