1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пандемијата остави без работа 10 милиони Американци

БГ /АП
2 април 2020

За само две недели, пандемијата на коронавирусот остави без работа 10 милиони Американци во најбрзиот и најшокантен колапс на пазарот на труд кој земјата било кога го доживеала.

https://p.dw.com/p/3aNiB
Arbeitslosigkeit in den USA
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. J. Sanchez

Економистите предупредуваат дека невработеноста ќе достигне ниво невидено уште од Големата депресија. Денеска беше објавено дека неделава без работа останале 6,6 милиони луѓе во САД, додека минатата недела таа бројка изнесуваше 3,3 милиони. Економскиот распад веќе сигнализира сигурна рецесија, а бројот на загубени работни места веројатно далеку ќе ја надмине кризата по Големата рецесија пред една деценија.

- Коронавирусот и економијата: Мртвите не купуваат автомобили

Како што се повеќе делови на САД засилено се ставаат во изолација, бројот на отпуштени работници би можел да достигне 20 милиони, а невработеноста да достигне 15% до крајот на месецов. Невработеноста во САД не била толку висока уште од последните месеци на Големата депресија, непосредно пред почетокот на Втората светска војна.

Arbeitslosigkeit in den USA
Редици пред центар за социјална помош во Лас ВегасФотографија: picture-alliance/AP Photo/J. Locher

„Ваков вртоглав пад на пазарот на труд во кус период е нешто невидено“, вели Хајди Ширхолц, од Институто за економска политика. Речиси 90% од населението на САД сега е под некој вид изолација, а многу фабрики, ресторани, продавници и други бизниси се затворени. Отпуштените работници ќе добијат помош од државата согласно пакетот мерки вредни 2,2 билиони долари кои ги усвои Конгресот. Секој невработен ќе може да смета на 600 долари неделно, а со мерката за првпат се опфатени и вработените на пола работно време.
Многу отпуштени работници се жалат на зафатените телефонски линии и преоптоварените интернет-страници каде треба да се пријават за помош од државата. 

И Шпанија денеска објави дека од средината на март досега, над 900 илјади луѓе останале без работа, а на дополнителни 650 илјади им биле привремено суспендирани договорите за работа.