„Рекет“ како доказ за правниот систем или за криминалот?
16 јули 2019По проспиената ноќ во која вестите за апсењето на двајцата осомничени за рекет и шпекулациите за инволвираност во скандалот и на лица од правосудството се менуваа како на лента, и политичките партии се јавија со оценки за случајот.
За владејачката СДСМ, случајот против осомничените Бојан Јовановски и Зоран Милевски е доказ за постоење на „заштитен механизам на релација граѓани, обвинителство и МВР кој го штити општеството и кој може да се справи со евентуални случаи на корупција.
„Државата изгради институции и создаде систем коишто се борат против корупцијата и криминалот. СДСМ ги охрабрува и ги повикува надлежните институции да спроведат длабинска и независна истрага, да постапуваат исклучиво според законите со крајна цел владеење на правото во нашата земја“, се наведува во партиското соопштение.
Нивниот коалициски партнер, ДУИ преку портпаролот и вицепремиер Бујар Османи соопшти дека „е разочаран од она што се случи“, но смета дека потребата од СЈО останува.
„ДУИ е најголем непријател на селективната правда и затоа го предложи законот за ветинг и во политиката и во судството. ДУИ останува на ставот дека РСМ има потреба од институција која ќе биде насочена на борба против корупцијата на високо ниво, особено во политиката. Тоа е барање на ЕУ и на граѓаните и со таков став одиме на лидерската средба. Каква институција, во која форма и со кој кредбилитет тоа ќе се одлучи на лидерската средба“, изјави Османи.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара да се обелодени идентитетот и на другите вмешани во скандалот, во прв ред името на јавниот обвинител.
„Апсењето на Боки 13 е само дел од рекетарската приказна на власта. Тие што имаа среќа да не го почувствуваат на своја кожа рекетот на власта, читаа како функционери на СДСМ блиски до Заев заедно со медиумски сопственик се заканувале на фирми и бизнисмени дека доколку не ја платат побараната сума, утре може да ги снајде некое злодело“, обвинува ВМРО – ДПМНЕ.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски изјави дека „главниот нарачател“ во случајот „Рекет“ е надвор од СЈО и е дел од „владејачката структура“.
Од Демократскиот сојуз бараат да се свика вонредна седница на парламентот, на која ќе се расправа за работата на СЈО и ќе се донесат законски измени со кои СЈО ќе се вклопи во системот на Јавното обвинителство, ќе се обезбеди двостепеност и контрола над работата на СЈО.
Со реакција на својот Фејсбук профил утрово се јави и шефот на дипломатијата Никола Димитров кој апелираше да не се „тоне во разочарување и очај“.
„Со мазохизам и неразбирлива радост да ги дочекуваме лошите вести. Чашата секогаш да биде полупразна: 'Ти кажав, не бива од нас држава'. Бидејќи, веста денес може да биде и ваква: системот, со сите маани, почнува да се бори со криминалот, без разлика од каде доаѓа“, пишува Димитров.