Цената на помирувањето
14 јануари 2019Весникот Меркише Одерцајтунг говори за владина криза во Грција пред гласањето за компромисот за македонското прашање:
„Спорот околу името на соседна Македонија е само повод за разводот (помеѓу Каменас и Ципрас). Вистинската причина е тоа што двата партнера во меѓувреме следат различни интереси. Панос Каменос мора да се стравува дека на следните избори нема да го помине цензусот од три проценти за влез во парламентот. Со излегувањето од владата се надева дека ќе го изостри својот десничарски националистички профил и ќе ја обнови својата партија. Гласањето за македонскиот договор во наредните денови ќе биде прва генерална проба за нови сојузи во грчкиот политички спектар. Премиерот Алексис Ципрас ќе се обиде да остане на власт што е можно подолго. Но, со малцинска влада се заканува политичка парализа во Атина, па така Ципрас треба добро да размисли не само за себе, туку и за својата земја - и да повика на нови избори што е можно поскоро“, читаме во весникот Меркише Одерцајтунг.
Алексис Ципрас, кој долго беше критикуван од германските и европските политичари, сега заслужува благодарност, смета пак коментаторот на весникот Велт:
„Ципрас се осмелува да направи нешто што би можело да ја зајакне Европа. Во спорот за името со поранешната Република Македонија, некогаш дел од Југославија, тој постигна компромис. Од петокот вечерта земјата се вика Република Северна Македонија. Со ова всушност би требало да биде надминат долгогодишниот спор во врска со северногрчката провинција Македонија. Само што целата работа предизвикува лутина во Грција. Многу Грци се многу горди на својата со милениуми стара нација и го сметаат договорот за дрскост. Актуелното повлекување од владата на Панос Каменос, коалицискиот партнер од националистичката партија Анел, го отсликува ова. Ципрас сега веројатно се соочува со гласање за доверба, за што од денешна перспектива му недостига мнозинство. Нови избори и без тоа ќе има оваа година. Во анкетите меѓутоа партијата на Ципрас 'Сириза' јасно заостанува зад конзервативната Неа Демократија. Со извесна сигурност тој ќе ја загуби својата функција оваа година. Европските политичари, кои често го критикуваа Ципрас поради неговата неподготвеност за реформи, по ова прашање треба да изразат почит, ако не и благодарност, до Гркот. Зашто, додека со компромисот за Македонија тој сака да се погрижи за рамнотежа и мир во Европа, со одредена сигурност ја жртвува својата функција“, пишува Велт.
Повеќе:
-Период на предизвици за Ципрас
-Скопје во исчекување, Атина во трка по две мнозинства
-„Преспа“ помина во Скопје, на ред е Атина
Мала балканска земја добива ново име, кое не се разликува многу од старото, па сепак со овој настан почнува нова епоха - со добро задоцнување од четврт век, пишува во воведот на коментарот на весникот Зиддојче цајтунг насловен како „Цената на помирувањето“. Во него се говори за предизвиците пред кои стои грчкиот премиер по оставката на коалицискиот партнер Каменос:
„Со тоа и Ципрас би можел да плати висока цена за својата храброст да му стави крај на долготрајниот спор со соседите околу името. На предвремени избори во оваа фаза Ципрас не би победил. Тој сака Договорот од Преспа да го ратификува во парламентот - по гласањето за доверба на неговата влада во четврток. И за двете гласања премиерот изгледа веќе обезбеди мнозинство зад сцената.
Во спротивно, како што Ципрас веќе предупреди, неговата земја ќе стане предмет на потсмев на меѓународно ниво. Тој има право. Ако не успее договорот, нема да успее важен процес на помирување, и тоа ќе биде огромна грешка. Ова бреме тогаш треба да го носи и големата конзервативна опозициска партија, Нова Демократија, која повеќе сака да победи на следните избори, отколку на Ципрас да му подаде рака за историски компромис. Ако договорот доживее неуспех во Атина, тогаш тоа би била историска грешка“, пишува Зиддојче Цајтунг.
По спорот во коалицијата поради договорот за Македонија, Ципрас става сѐ на една карта, се вели пак во анализата на Франкфуртер Алгемајне Цајтунг:
„Опасноста дека Каменос ќе ја раскине коалицијата кога договорот со Северна Македонија ќе дојде на ратификација во парламентот, веќе неколку месеци лебдеше во воздух. Но, Ципрас може поради две причини да се надева дека може да го ратификува договорот и без Каменос. Прво, сите пратеници на Анел не го следат својот партиски шеф. До четири пратеници на Анел сакаат да гласаат за договорот со Северна Македонија. Второ, истото важи и за неколку пратеници од опозицијата. Со оглед на тоа дека на Ципрас му се потребни само шест гласови за да биде усвоено неговото надворешнополитичко ремек-дело, тоа изгледа изводливо. Сепак, Ципрас во неделата објави дека прво ќе побара гласање за доверба на владата во парламентот, а потоа ќе се гласа за договорот со Северна Македонија. Тоа е поинаква констелација, бидејќи неколку пратеници од опозицијата кои поддржуваа надминување на 'спорот за името', најавија дека, за разлика од ова прашање, не сакаат да гласаат за доверба на владата. Доколку Ципрас не успее во гласањето за доверба, договорот со Северна Македонија нема воопшто да дојде на гласање, односно би бил мртов. Наместо тоа би имало предвремени избори, Така пратениците сега се пред избор - да го остават Ципрас да неуспее, а со него и договорот за стабилизација на Балканот кој се перцепира како темелно разумен - или да го поддржат премиерот, со цел да не се загрози договорот. Ципрас очигледно се надева дека може да го потврди мнозинството како шеф на владата, и во посебно гласање со можеби различно по составот мнозинство, да го ратификува договорот со Северна Македонија. Тој сака да владее до редовниот датум на изборите во октомври 2019 година, најавува во секој случај премиерот самоуверено“, читаме во Франкфуртер Алгемајне Цајтунг.