Пасоши: Осомничените купувале скапи возила и недвижности
7 април 2021Жени и мажи, Македонци, Албанци и Бошњаци, биле дел од групата приведени во вчерашната акција на полицијата против вработени во Управните служби на МВР во Скопје, кои ја злоупотребиле службената положба издавајќи македонски пасоши со туѓ идентитет за членови на меѓународни криминални групи и на нарко-картели, барани со меѓународни потерници.
Во бегство е единствено лицето кое не било вработено во МВР, а во криминалната мрежа имало улога на посредник.
Како што дознава ДВ од извори во истрагата, лицата биле следени подолг период, со цел преку посебни истражни мерки целосно да бидат документирани делата за кои се товарат, но и за да се откријат и други учесници во криминалната мрежа, некои и надвор од земјава.
Осомничените во критичниот период покажале и многу знаци дека финансиски не егзистираат само од платата во МВР: возеле скапи и луксузни автомобили, купувале недвижен имот...
Тие се товарат дека подолг период преку издавање патни исправи под друго име им овозможувале на лица од висок ризик да бегаат од законот, да патуваат непречено и да се прикриваат во разни држави.
Прашања кои бараат одговор
Случајот во моментов е обвиткан со контроверзи кои создаваат забуна во јавноста. Прашањето поврзано со оваа афера е: дали ВМРО-ДПМНЕ „ја саботирала акцијата“ како што изјави вчера министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, или како што смета опозицијата - надлежните немало да се разбудат од зимскиот сон ако тие не проговориле за детали од аферата „Мафија“, добиени од свиркачи.
Повеќе:
-МВР со детали: Како се издавале македонски пасоши со лажен идентитет
Второ, кога почнала истрагата за овој случај? Според министерот Спасовски, истрагата започнала на 20-ти февруари 2019 година, што значи дека траела нешто повеќе од две години. Од друга страна, Наќе Чулев, која стана технички министер за внатрешни работи на трети јануари 2020 година, на Фејсбук објави дека министерот Оливер Спасовски имал „речиси цели четири години за да ја заврши истрагата“, со што имплицира дека таа била започната многу порано.
Трето, кој ја водел истрагата? Според извори на ДВ, случајот бил воден од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, но наводно на 10-ти декември 2020 бил „отстапен“ на Основното јавно обвинителство-Скопје. Зошто?
Четврто, во кој период биле незаконски издадени 215 патни исправи? Од МВР велат дека во интерс на истрагата која е од поширок обем (и во други земји) детали за сите прашања ќе објават наскоро.
Меѓу добитниците на незаконски добиени патни исправи кои ги обелодени ВМРО-ДПМНЕ, се две од 215-те лица: едниот е Јован Вукотиќ од Котор, водач на озлогласениот црногорски Шкаљарски клан за трговија со дрога, и турчинот Седат Пекер кој добил патна исправа на име Џадин Адемовски. И двајцата во матичните земји се поврзани со криминални скандали, бегства и затворски казни. Шкаљарскиот клан, покрај шверцот на дрога е познат по ривалството со Кавачкиот клан, а убиствени пресметки на нивни членови завршуваат во многу градови во регионот и европски земји. Последните ликвидации се одиграа лани во Атина, кога во ресторан беа убени двајца членови на Шкаљарскиот клан.
Поучен пример
За тоа колку е важно нивните живи колеги да паднат во рацете на полицијата, говори фактот дека тие се барани од многу полициски служби, а за потрагата по нив сведочи и личното трауматично искуство на еден белградски комерцијалист. Причината за тоа е што имал идентично име со братот на Јован Вукотиќ, Игор Вукотиќ, кој исто така бил еден од водачите на кланот.
БИРН во јануари годинава објави дека првите проблеми на комерцијалистот Игор од Белград почнале со полицијата уште во 2007 година кога заминал во посета на пријател во САД. На пристигнување еден час го држеле на аеродромот, и уште три на враќање. Во едно кафуле во Белград заради негово присуство била направена рација, на граничен премин во Хрватска еднаш бил задржан девет и пол часа, а во Варшава го држеле затворен пет часа. Во октомври 2019 година единица на италијански карабињери го запоседнала катот во хотелот во Милано каде тој престојувал заедно со негови колеги. Целта била да го уапсат Игор Вукотиќ, човекот од потерница на Интерпол и од врвот на криминалната прирамида на Шкаљарскиот клан. Кога се разбудил комерцијалистот, во неговата глава биле вперени цевки на пушките и пиштолите на карабињерите. Откако и официјално се утврдило дека тој не е лицето што го бараат, по враќањето во Белград решил да го послуша советот што му го дал еден од карабињерите: за да се спаси од непријатности, најдобро е да си го смени името.
Во знак на протест поради се што му се случувало, решил да земе крајно необично име и презиме, кое БИРН од безбедноси причини не го објави. Оттогаш повеќе немал проблеми со полицијата во Србија и светот. Но, само по една година, се соочил со нов шок. Се нашол на насловна страница на српски медиум, каде била објавена шемата на организација на Шкаљарскиот клан, со имиња и фотографии на нивните членови. До името на криминалецот Игор Вукотиќ стоела фотографија на комерцијалистот Игор Вукотиќ од неговата претходна лична карта, пред да го промени името. Дотогаш фотографија на истоимениот криминалец никогаш и никаде не била објавена, и практично не се знаело како изгледа тој. По негови бројни реакција од медиумот ја отстраниле фотографијата, но без исправка и извинување, и без одговор од каде ја добиле. Оштетениот се обраќал до поверникот за информации од јавен интерес и до народниот правобранител, но и до МВР, од чија база единство можела да биде отстапена неговата фотографија. Бидејќи од МВР не направиле ништо за расчистување на случајот, тој поднел пријава против НН лице од МВР. Но бидејќи со таа фотографија повторно му е нацртана мета на челото, денес не живее слободно и не се движи надвор заедно со децата.
Ова е само еден илустративен пример, кој укажува колку се долгите пипците на мафијата, во чии бази може да влезат, колку невини лица може да бидат загрозени поради тоа, но и колку добива полиција која ќе успее да им влезе во трагата на криминалните групи и да се справи со нив. Или колку губи ако не успее во тоа.