Паѓа бројот на заболени од новоименуваниот коронавирус
12 февруари 2020Меѓународните научници засега не се согласни со предвидувањата дека вирусот од кој досега починаа 1.100 луѓе, речиси сите во Кина, би можел да се запре така брзо, и предупредуваат од преголем оптимизам.
Главниот кинески епидемиолог за инфекцијата, Жонг Наншан вели дека бројот на новозаболени паѓа во некои провинции, и предвидува дека епидемијата ќе ја доживее својата кулминација овој месец.
„Се надевам дека оваа епидемија би можела да заврши до април“, вели Жонг, чии претходно проценки за крајот на епидемијата се покажаа неточни.
Вкупниот број на заболени од коронавирусот во Кина се искачи на 44,653, вклучително и 2,015 новозаболени во вторникот. Тоа е најмалиот дневен раст од 30 јануари. Кина минатата недела го измени правилникот за превенција и контрола на коронавирусот и наложи за потврдени случаи да се сметаат само оние кои имаат клиничка потврда.
Иако кинеските власти велат дека состојбата е под контрола, Светската здравствена организација (СЗО) предупредува дека епидемијата претставува потенцијална глобална опасност поголема и од тероризмот.
„Светот мора да се разбуди и да го смета овој непријателски вирус за јавен непријател број еден“, изјави првиот човек на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, додавајќи дека за изработка на вакцина за вирусот ќе бидат потребни уште 18 месеци.
Прашан за предвидувањата на Жонг, првиот човек на австралиското здравство Брендан Марфи оцени дека тие се преуранети.
Ширум светот пријавени се десетици нови случаи на вирусот. Најголемата група луѓе која боледува од вирусот надвор од Кина во моментов е на крузерот „Дајмонд принсес“ кој е во карантин пред јапонското пристаниште Јокохама со 3.700 патници и членови на екипажот. На бродот има вкупно 175 луѓе заразени од коронавирусот.
Во меѓувреме коронавирусот доби и ново име: КОВИД-19. КО е за корона, ВИ за вирус, а Д за болест (на англиски disease) и 19 за годината во која се појави.
Проценките на кинеските власти за скорешна кулминација на вирусот, им дадоа надеж и на берзите, каде беше забележан раст на акциите. Но дури и навистина брзо да заврши епидемијата, кинеската економија веќе претрпе огромни загуби. Голем број фирми отпуштаат работници, а други бараат заеми во вредност од милијарди долари за да го спасат бизнисот.
Кинескиот економист Ву Чаоминг прогнозира дека се загрозени работните места на 24% од работната сила во земјата, или вкупно 186 милиони луѓе, кои би можеле да добијат намалени плати или да бидат отпуштени.