Пендаровски прогласи нова вонредна состојба
16 април 2020Со нова одлука на претседателот Стево Пендаровкси од вечерва на полноќ повторно ќе биде воведена вонредна состојба на територијата на целата земја во следните 30 дена. Од правен аспект, ова не е продолжение на претходната вонредна состојба, туку прогласување нова, поради тоа што во периодов нема функционален парламент во земјата.
„Постојната вонредна состојба завршува денеска поради истекот на рокот од 30 дена за кој беше утврдена и нема да биде формално правно продолжена бидејќи за тоа нема уставен основ. Затоа, јас, денеска, врз основа на нов образложен предлог од Владата, а во ситуацијата кога Собранието не работи, ќе донесам нова одлука за утврдување на постоење на вонредна ситуација за период од 30 дена на целата територија на државата“, рече Пендаровски.
Укор за Џафери
Токму нефункционирањето на парламентот беше причина и за забелешка од страна на Пендаровски на сметка на, се уште, актуелниот претседател на Собранието Талат Џафери. Пендаровски смета дека Собранието треба повторно да се состане и покрај тоа што беше распуштено поради, во меѓувреме одложените, вонредни парламентарни избори. Џафери и понатаму одбива да го стори тоа, и тврди дека за такво нешто нема законска и уставна основа.
Пендаровски смета дека и неговите лични и барањата на владата до Џафери за свикување на Собранието нема да вродат со плод, па ги поттикнува пратениците во Собранието да го сторат тоа. Уставот, имено, овозможува 20 пратеници да поднесат барање за одржување на таква седница, на која би се потврдила одлуката за прогласување вонредна состојба.
„Во ситуација кога пратениците земаат плата, кога ниту еден од нив нема побарано апанажа која следува по завршување на мандатот, што значи дека тие се сеуште со валиден мандат, а Собранието, сепак, не работи, јас ја преземам одговорноста со носењето на ваква одлука, само затоа што имаме ситуација без преседан кога е далеку поважно да ги сочуваме животите и здравјето на луѓето, отколку да се криеме зад правни толкувања“, рече Пендаровски. Иако директно не го спомена, забелешката за „криењето зад правните толкувања“ веројатно се однесува на Џафери, кој е единствениот висок државен функционер кој се противи на повторното свикување на Собранието. Џафери претходно ја проблематизираше и одлуката за одложување на изборите, па тоа го стори владата.
Пренесувајќи ги, како што рече, реакциите на граѓаните за карантинот во траење од 85 часови во деновите на велигденските празници, Пендаровски ја предупреди и Владата дека „најдрастичните мерки треба да се применуваат по исклучок и во некој разумен временски период."
„Се повеќе од тоа ќе биде контрапродуктивно и можеби ќе ги реши проблемите во здравството, но, ќе предизвика проблеми во некои други области“, рече Пендаровски.