Германските пензионери осиромашуваат забрзано
7 мај 2016Законска пензија на ниво на социјална поомош - тоа во Германија во иднина им се заканува на многу луѓе. На пример, на еден компјутерски програмер кој работи самостојно: „Не мислам дека ќе можам навреме да заминам во пензија, како самостоен претприемач ќе можам и морам да работам подолго.“ Или пак фризер со полно работно време: „Всушност се плашам, зашто во пензија сакате нешто и да можете да си дозволите.“ Загрозен е и човекот кој работи на три места по неколку часа неделно - во салон за перење алишта,во фирма за обезбедување и како вратар. Сепак, тој вели: „Немам никакви пари настрана како сигурност за старост, мојата пензија е мојата касичка за штедење.“
Пензии на минимално ниво
За сите нив е заедничко тоа што финансиски им се заканува мрачна старост. И, не се сами. Од 2030 година, според сегашните проценки, секој втор нов пензионер е соочен со опасноста да прима пензија од државата која ќе стасува само за најосновното.
Дека законската пензија нема да биде доволна за вообичаениот животен стандард беше јасно, но пресметките и истражувањата на телевизијата ВДР зборуваат дека речиси 50% од вработените можеби нема да можат да се заштитат од сиромаштија. Главна причина за тоа е нивото на законската пензија кое долго време е во опаѓање. Од 2030 година тоа ниво би требало да изнесува до 43,4 проценти од просечната плата на работникот во текот на работниот век.
Експерти: „Голема општествена тема“
Тоа уште пред многу години го донесе црвено-зелената влада на Герхард Шредер. Со пресметките на ВДР сега стануваат видливи последиците. Прогнозата се темели врз податоците од актуелната состојба на пазарот на работна сила и распределбата на брутодомашниот производ. Ако се земе предвид дека таа распределба ќе остане стабилна во наредните години, тогаш денес голем дел од вработените заработува премалку за подоцна да добива повисока пензија. Експертите оценуваат дека таквото анализирање на работите е исправно. Таков е ставот и на Вернер Ајхорст од Институтот за иднина на работата: „Разбирливо е да се појде од стабилни структури. Мислам дека сценаријата одговараат во најголем дел на она што може да се очекува во наредните 15 години. Особено она што ќе се случува со законската пензија. Мислам дека тоа ќе биде голема општествена тема.“
„Резултатот е навистина драматичен“
Така е и покрај фактот што пазарот на труд во моментов е добар, со мал број невработени и висок удел на работници со платени придонеси. Бременскиот економски експерт, проф. Рудолф Хикел, вели: „Проценките поаѓаат од многу оптимистички основи, значи не тргнуваат од тоа дека ситуацијата на пазарот на работа би се движела кон полошо. Тоа е значи една многу мирна, воздржана појдовна основа. Резултатот е навистина драматичен“, предупредува Хикел.
Намалувањето на пензиското ниво е причина за сиромаштијата на старост која се заканува, но има и други причини: ниските плати, високиот број на работници кои работат со скратено работно време, како и растечкиот број лица кои имаат мини-џоб или се човек-фирма на пазарот на труд. Во сите овие групи ризикот за сиромаштија на старост е огромен, проценува ВДР.
Ако висината на пензиите, како што е планирано, се намалува до 2030 година, тогаш во иднина многу повеќе луѓе во Германија ќе бидат сиромашни на старост отколку денес. Зашто, само оној кој 40 години без прекин заработувал најмалку 2100 евра бруто месечно, ќе добива пензија нешто повисока од социјална помош.