Пирова победа во битката за спас на економијата
19 април 2021Контроверзната разрешница на петтиот пакет антикризни мерки за чие гласање во Собранието по два ипол месеци блокади и уцени беа ангажирани и пратеници во скафандери, предизвикува бура од реакции во јавноста. Социјалните мрежи вријат, политиката се препукува, се множат обвинувањата и закани околу легалноста на процесот.
Власта тврди дека целиот процес е легитимен и согласно усвоениот протокол за работа на парламентот во услови на пандемија. Опозицијата реагира за тероризам, повреда на законите и бара одговорност. Сепак потегот на шефот на државата Стево Пендаровски, кој експресно стави потпис на указите за пакетот закони ги расчисти дилемите и го отвори патот за операционализација на мерките.
Задоволство, но и бес од доцнењето
Ова значи дека помошта за стопанството и околу 60.000 граѓани за февруари, март и април станува достапна. Ваквиот расплет е позитивен, иако далеку од поволен со оглед дека мерките доцнат повеќе од два месеца. Дел од бизнисмените сепак се задоволни, но и бесни што економијата е заложник на политиката:
„Без оглед што беше неопходно да може да се добие ветената поддршка и луѓето да работат, нас сепак ни преовладува чувството дека сето ова треба да биде во името на граѓаните, на народот и да не се прават катастрофално правни состојби за да можеме да извлечеме задоволство и да си помогнеме. И опозицијата и власта треба да знаат дека состојбите исклучиво треба да бидат во насока на народот и ова можам да кажам дека е Пирова победа во име на помошта, во име на подобриот животниот стандард, во име на зачувување на работните места. Единствено што можеме да кажеме е дека луѓето на кои помошта им е неопходна ќе бидат задоволни, ќе земат малку воздух. Во секој случај, треба да бидеме благодарни оти си го дочекавме своето, бидејќи во ваква ситуација државата треба да излезе во пресрет како и што го прави, меѓутоа очигледно е дека нема чесност, дека нема етика, туку голем конфликт на интереси и не знам до кога ова општество може вака нечесно да функционира“, изјави за Дојче веле Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерација.
Повеќе на темата:
Власта се фали, бизнисот се жали: Eкономијата е жива, но дали е стабилна?
Економијата пред катастрофа-помина и март, фирмите и граѓаните не добија ниту денар
Ковид-пакет: Дали владините мерки за стопанството се по мерка?
Алармот за итно усвојување на петтиот пакет мерки се слушаше постојано. Од сите стопански комори, синдикати, мали и големи компании кои притиснати од ударот на пандемијата беа без помош практично од стартот на годинава. Дел од стопанствениците реагираат дека она што се случува во парламентот е скандалозно и многу опасно за економијата :
„Ме прашувате дали ова што се случи мораше да се случи. Па самите видовте што требаше да се случи за да се ослободи помошта за чија потреба нема што да се дискутира. Вакво калкулирање и уценување за да се спаси економија среде пандемија е недозволиво. Оти ако потоне и економијата, тогаш ниту една вакцина нема да не спаси. Не знам како политиката тоа не го сфаќа или неќе да го сфати. До коа ќе бидеме сведоци на вакви опасни сценарија. Сетете се само како ВМРО ДПМНЕ за блокиран буџет на клоци ја исфрли опозицијата од парламентот. А овие сега мораа да носат во скафандери за да се гласа, страшно! “, коментира за Дојче веле висок претставник на домашната бизнис заедница.
Стопанствениците немаат дилеми дека позитивниот епилог е клучен во моментов за да се спаси она што може да се спаси:
„За нас не е битно како се изгласа, важно е дека се изгласа. Така што за бизнисот е добро, нас не не интересира кој и како гласал. Нас не интересира да се донесе петтиот сет мерки за да може да се пребродат барем овие два три месеца и да видиме што ќе се случи во Германија, нашите трговски партнери, кога ќе се отворат пазарите да почнеме да функционираме нормално, затоа што ние сме доминантно врзани со германскиот пазар. Тоа е најважно, да може да се работи и да се креира раст и развој", реагира Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавачи.
Актуелниот момент според него е дополнителен сигнал и за ургентна промена во политичкиот модел кој вака поставен не нуди ништо добро за економијата и граѓаните:
„Нашата реалност е таква, ние имаме партизирана држава каде политиката е пред економија и пред се друго. Замислете после се што се случуваше, после договореното помеѓу Заев и Мицкоски и пак сме сведоци дека и двете страни сакаат политички да искористат, да поентираат. И тоа е уште еден доказ дека со ваков изборен модел ние не можеме да функционираме нормално. Затоа мора да има промени“, коментира Димитров.
Синдикатот очекува шести пакет
Колку е алармантна состојбата и колку е помошта непоходна зборуваат и претставниците на работниците. Синдикатите предупредуваат дека состојбите на терен веќе се драматични:
„Како и да е, со скафандери или со далчинско, важно ги усвоија мерките. Сега е ова веќе подруго и полесно оти на терен се случува хаос. Имаме принудни одмори, отпуштања, доцнат плати, извршителите прават лом и го користат периодов. Ова е најважно, што се донесе и сега кога веќе се најавува и шести сет мерки да видиме ако можеме уште нешто да протнеме за сиромашните. Тој ќе биде наменет пред се за угостителите, ама да видиме, ќе се обидеме“, изјави за Дојче веле Марјан Ристески од Конфедерација на синдикални организации.
Операционализацијата на петтиот пакет мерки носи плати за 60.000 вработени месечно. Финансиската поддршка е скалеста и ќе изнесува од 14.500 до 21.776 денари. Со измените на законот компаниите ќе можат наеднаш да конкурираат за помошта за плати за февруари и март. Деталите за ова се веќе познати, а деновиве заедно со Управата за јавни приходи ќе биде јавно објавена постапката за аплицирање, изјави заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски.
Целиот процес за аплицирање според него ќе трае до крајот на април со цел фирмите да имаат време да ги поднесат пријавите за финансиска помош. Помошта за плати е клучен дел од петтиот пакет економски мерки, кој содржи уште други 28 поволности и поддршка за стопанството и граѓаните во вкупна вредност од 160 милиони евра.
Од Владата веќе најавуваат и шести пакет мерки кој би бил наменет за субјектите и дејностите кои се под клуч во изминативе две недели. Деталите за овој пакет и неговата вредност ќе бидат познати по владината седница во вторник за кога е најавен и протест на угостителите кои бараат итна финансиска помош за да можат да преживеат.