1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Побрзо да се избегне царинска војна помеѓу САД и ЕУ

Барбара Везел
17 април 2019

ЕК денеска претстави листа со производи од САД на кои би можело да бидат воведени царини. Потегот доаѓа откако минатата недела САД ги претставија своите планови за царинење на производи од ЕУ.

https://p.dw.com/p/3GxrU
USA Washington Jean-Claude Juncker, Präsident EU-Kommission & Donald Trump
Фотографија: Reuters/J. Roberts

На листата производи која ја ојави денеска Европската комисија се наоѓаат производи како кечап, рачни чанти и конзоли за компјутерски игри. ЕУ на овој начин сака да се реваншира за последиците кои ќе ги трпи поради илегалните субвенции што би требало да ги добие американскиот производител на авиони Боинг. Со нерамноправноста во конкурентската битка која ќе настане, европскиот концерн Ербас би трпел штети од 12 милијарди долари годишно, проценува ЕУ. Минатата недела беа објавени американските планови за царинење на производи од ЕУ, кои, како што се вели, се темелат на оценка на Светската трговска организација, според која Ербас наводно добил илегална државна помош во износ од повеќе милијарди долари. 

Крајно време е да се бараат решенија. Во интерес на ЕУ е што побрз почеток на преговори со САД за да се спречи избувнување на трговски конфликт. Европската комесарка за трговија Сесилија Малмстром во врска со преговорите со американската влада за намалување на царините вели дека и двете страни би биле во добивка. 

Минатото лето, претседателот на Европската комија, Жан-Клод Јункер, успеа да постигне „чудо во Вашингтон“ кога, по заедничкиот состанок, Доналд Трамп го одложи зголемувањето на царините на извоз за европските автомобили.

Во меѓувреме, реториката на американскиот претседател повторно стана агресивна.

Нема повторно воведување на ТТИП

Иако ЕУ е задолжена за правење на трговски договори на сите држави членки, нејзе за тоа ѝ е потребен специјален мандат кој мора да биде усвоен со одлука на мнозинството. Комесарката Малмстром го доби во понеделникот (15.4.). „Ова е многу ограничен налог“, објасни таа. Предвидениот договор би требало да биде ограничен на индустриската стока и на поедноставни проверки на усогласеност на увезената стока, за да им се олесни животот на компаниите од двете страни на Атлантикот.

Изоставени се земјоделските производи и јавните тендери, нагласува Малмстром.

Стручњаците, пак, очекуваат дека таквиот договор ќе донесе предност за двете страни: извозот од ЕУ во САД би можел да порасне за 8 насто, а во спротивна насока се смета на зголемување од 9 отсто.

Brüssel Protest Landwirte versprühen Milchpulver
Фотографија: Reuters/F. Lenoir

Малмстром нагласува: „Ова не е воведување на ТТИП, тој договор останува на мраз“. ТТИП (Трансатланско трговско инвестициско партнерство) во 2017 година, по бранот протести ширум Европа, престана да биде тема кога, по инаугурацијата на Доналд Трамп, стана јасно оти конфликтите меѓу двете страни станаа непремостливи. Сега ограничените рамки би требало да овозможат компромиси. Цел на ЕУ е пред сѐ да ги намали царините, како оние за моторни возила и за автомобилските делови.

Франција е против

Франција е единствената држава членка на ЕУ која во моментов се противи на отворање на преговорите. Париз тоа официјално го оправдува со излегувањето на американската влада од Парискиот договор за климата. Организациите за заштита на животната средина, исто така, се придружија на овој отпор, нагласувајќи: Европа во овој случај мора да се покаже принципиелна и, како што е договорено, не би требало да преговара со такви држави.

Повеќе:

-Неостварената желба на Трамп: БМВ и Мерцедес да исчезнат од Петтата авенија

-Челичната војна Трамп-ЕУ ја тресе и Македонија

-Трамп нуди трампа: укинување на царини за автомобилите во ЕУ и во САД

Всушност, во случајот на француската влада, веројатно станува збор за страв од претстоечките европски избори. Партиите на левицата и на екстремната десница би можеле да ги искористат трговските преговори со САД за да поттикнат незадоволство од претседателот, а со тоа и нови демонстрации. И сеедно што се наоѓа во преговарачкиот мандат, самото тврдење дека би можело да дојде до некаков нов ТТИП може да биде доволно многу Французи повторно да излезат на улица.

Социјалдемократите во Европскиот парламент, исто така, критикуваат. „Влегување во трговски преговори при моменталната клима е неприфатливо“, објаснува известувачот на парламентарниот Комитет за трговија Бернд Ланге. „Администрацијата на Трамп не вложува никакви напори да ги разгледа своите нелегални царини за алуминиум и за челик. Сѐ погласни се заканите на американскиот претседател дека ќе наметне и нелегалани царини за автомобилите, а во спорот околу Ербас од Вашингтон се слушаат есктремно агресивни тонови.“

Европскиот парламент поради овие критики ни по долгите расправи не се согласи за позитивно гласање за нов круг на трговски преговори со САД. Мандатот за преговорите на почетокот го даваат земјите членки, но за нивните резултати ќе биде важно одобрување од Парламентот.

Trump droht EU mit Importzöllen
Фотографија: picture-alliance/dpa/I. Wagner

Најпрво да се одреди датум за почеток

„Ние се' уште немаме датум“, признава Сесилија Малмстром која сега ќе стапи во контакт со својот колега, американскиот министер за трговија Роберт Лајтхизер. На прашањето за изгледите за успех, таа е воздржана. Познато е дека американскиот Конгрес, нагласува, во трговските преговори со ЕУ сака да го вклучи и земјоделството, но тоа за Европејците не е предмет на расправа.

Инаку, Малмстром се надева на брз успех, истакнувајќи оти постојат чувствителни подрачја. Сепак, поаѓа од тоа дека до почетокот на ноември може да се постигнат резултати, односно, пред новоизбраната Европска комисија да стапи на должност.