Повеќе мигранти во светот од кога и да е досега
12 септември 2013Студија на Обединетите нации објавена вчера (11.09.2013) покажа дека 232 милиони луѓе, или 3,2 отсто од популацијата во светот, во 2013-та живее надвор од земјата на потекло. Во 2000-та оваа бројка изнесуваше 175 милиони, а во 1990-та 154 милиони. Миграцијата е концентрирана кон десет нации, вклучувајќи ги Соединетите Американски Држави, Германија, Русија и Саудиска Арабија.
Покрај САД, кои сѐ уште се омилена дестинација, Европа и Азија заедно се домаќини на речиси две третини од сите мигранти во светот. Проценката направена од Одделението за економија и социјални прашања при ОН се базира во голема мерка врз националните пописи. Кога нема податоци, проценките се направени врз основа на претходни пописи, задача која се покажа како многу тешка во нациите како Либан, каде последниот попис е направен во 1930.
Заменикот генерален секретар за економија и социјални прашања, Ву Хонгбо, вели дека миграцијата може да донесе многу предности.
„Миграцијата ги зголемува можностите достапни за индивидуалците и е клучно средство за проширување на пристапот до ресурси и намалување на сиромаштијата“, вели тој.
Миграција меѓу континенти
Еден од најголемите трендови наведени во извештајот е големото преселување на граѓаните од регоионот на Јужна Азија во земјите од Западна Азија.
„Големите градежни активности во Западна Азија се причина за иселување од земјите во развој како Бангладеш, Шри Ланка, Непал“, вели за агенцијата ИПС, Бела Хови, која раководи со миграцискиот сектор во Одделението на ОН за економски и социјални прашања.
„Саудиска Арабија е најголемиот примател, заедно со Катар и со Обединетите Арапски Емирати.“ Околу 2,9 милиони луѓе од Индија денес живеат во Емиратите. Хови вели дека парите што ќе се заработат надвор играат голема улога за развојот и се голем фактор за луѓето во јужноазиските земји.
„Добро е за мигрантските семејства и нивните земји. Децата можат да одат во училиште и да добијат здравствена заштита“, вели Хови.
Експлоатација на работниците
Организацијата Хјуман Рајтс Воч, сепак, изрази загриженост дека работниците, особено домашните работници, се ранливи, посебно на Блискиот Исток.
„Неуспехот правилно да се регулираат домашните услови за работа, острата злоупотреба и експлоатација, значи дека работниците кои се соочуваат со таква злоупотреба немаат начин да побараат обесштетување“, велат од организацијата.
Потенцијална пресвртница претставува Конвенцијата за домашни работници на Меѓународната организација за труд (ИЛО), која стапи на сила минатата недела.