Повлекувањето на трупите на САД од Сирија заверено
24 декември 2018Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот американски колега Доналд Трамп за време на вчерашниот телефонски разговор се договорија да биде избегнат вакуумот на власт во Сирија по најавеното американско повлекување, соопшти турското претседателство.
„Двајцата лидери се договорија да осигураат координација меѓу војниците, дипломатите и останатите официјални лица од своите земји за да се избегне празнината на власт која би можела да се појави доколку би се искористило (американското) повлекување и фазата на транзиција во Сирија“, се наведува во соопштението на турското претседателство.
Ердоган, исто така, рече дека неговата земја е подготвена да му пружи поддршка на својот НАТОßсојузник, во рамки на оваа одлука за повлекување.
Нешто порано американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека со турскиот колега Реџеп Таип Ердоган разговарал за постепено и „исклучително координирано“ повлекување на американската војска од Сирија. „Токму што имав долг и продуктивен телефонски разговор со Ердоган“, наведе вчера Трамп на Твитер и додаде дека разговарале и за борбата против Исламска држава, заедничкиот ангажман во Сирија, како и за трговските билатерални односи, кои „значително се подобрија“.
Повеќе на темата:
-Заминувањето на Матис го остава Трамп опкружен со климоглавци
-Трамп си заминува од Сирија: Тешка грешка
Трамп во средата најави можност за повлекување на околу 2.000 американски војници кои се наоѓаат на североистокот на Сирија каде заедно со арапско-курдската коалиција се борат против џихадистите. Трамп оцени оти овие војници не се веќе корисни, бидејќи Исламска држава е во голема мерка победена. Портпарол на Пентагон соопшти дека наредбата за повлекување е веќе потпишана, но не соопшти повеќе детали. Американските претставници забрзано работат во подготвувањето на распоредот за повлекување на американските трупи. Одлуката на Трамп предизвика изненадување како во САД, така и во светот. Министерот за одбрана Џејмс Матис ден по одлуката поднесе оставка, додека земјите сојузнички на САД во Сирија, меѓу кои Франција, Велика Британија и Германија изразија голема загриженост.
Трамп побара повлекувањето да се случи веднаш, но стручњаците го убедија дека им е потребно повеќе време да разработат кога ќе се случи тоа.
Турција почна да собира трупи во близината на градот во северна Сирија кој е во рацете на силите предводени со Курди кои ги поддржуваат САД, соопшти денеска сириска невладина органиција, а турските медиуми јавија дека новите турски засилувања ја преминуваат границата во Сирија.
Трупање турски трупи се случува иако Турција вети дека ќе ја одложи најавената офанзива во источна Сирија по одлуката на Трамп да ги повлече американските војници. Турската новинска агенција ИХА јави оти конвој турски војници е испратен ноќеска во Сирија.