Политика експрес
7 мај 2020Поради хаваријата во Чернобил не се сруши Русија, туку Советскиот Сојуз, Варшавскиот Пакт и комунизмот. Русија, ете ја, жива и здрава, опстои и денес во истите граници и со истиот ментален склоп како и пред Чернобил. Оваа „елементарно е, драг Ватсоне” потсетница вреди да ја имаме на ум при сегашните и идни ефекти на хаваријата Ковид 19 концентрирани врз судбината на постоечките сојузни и пактовски творби на Западот, рејтингот на националните држави и неолибералната глобализација. На политичката радијација на Чернобил и требаа пет години за да го разјаде ткивото на советизмот, веќе нагризено од солидарните работнички движења. Од друга страна, ние сме сеуште во нултата година на пандемијата, тукушто освестени за нејзините тивки, безмилосни последици по политичкиот организам, ионака нагризен од алтернативните работнички движења. Последиците не мора да бидат исти како и со СССР, но не мора да бидат и суштински поразлични. Засега, единствената сличност помеѓу двете хаварии не се човечките жртви, туку збунето-гневно-посрамената реакција на естаблишментот кон соголувањето на излитената пропагандна глазура врз зарѓаниот систем.
Обрнете внимание на какофонијата на нелогичности, контрадикторни поведенија и апсурдни пораки пратени од западните центри кон Балканот. Резимирано, пораките се следни: вие од Балканот не сте достојни за наше друштво, но ве молиме да нѐ сакате повеќе од Кина, Турција, Саудиска Арабија и Америка / Европа, бидејќи така се чувствуваме сеуште битни и ценети. Вие од Балканот сте неспособни за реформи, за владеење на правото, за демократија, па затоа единствените од вас со кои ќе се дружиме се вашите корумпирани водства избрани на недемократски избори поради кои имаме аргументи за да ве држиме на социјална дистанца. Вие од Балканот сте премногу примитивно емотивни кога станува збор за вашите глупави истории, етнички-религиозни чувства, па затоа ние потајно рационално ќе жонглираме со вашите емоции за да им олесниме на нашите разумни дипломатии и вашите рационални политичари. Вие од Балканот сте во примитивен скар со сопствените мислења за етничките или граничните прашања, па затоа ние модернистички ќе ги храниме и подбуцнуваме сите ваши стравови со цел да разберете дека сите ние сме Европејци (но некои по- Американци од останатите).
Ние, од Балканите де, сме сепак навистина Европејци. Што лесно може да се заклучи од нашите поведенија, како доказ дека Балканот е најприближната илустрација на европејството оставено само на себе и без премногу практицирање на здравиот разум.
Претходни колумни од авторот:
Татковците на Јосип Броз и синовите на Ла Малинче
Судирот на генерациите и пензиите
Колумбовата размена и одмаздата на Америките
Па така, според пораките од Софија, време е да се стави крај на анти-бугарската хистерија во Македонија (поздравувам!) и на делумно српските, делумно југословенските пипци кои ги контролираат плимите и осеките на таа хистерија. Логичноста и апсурдноста на пораката од Бугарија е што во имплементацијата на таквото барање Софија е принудена или самоопределена да ги користи услугите и подршката токму на оние кои со децении беа креатори и знаменосци на најодвратните пцости смислени против Бугарија, Грција, против Албанците и против Западот. Определбата на тимот Борисов-Захариева за форсирање на ново-компонираните рикверц-ревизионисти е можеби ситна небитност. Но за овдешните набљудувачи е ништо повеќе од потсетување дека скопскиот отсек на школата на белградскиот режим за измислување навреди кон сите соседи може час утре повторно да стане бранител од „клетите Бугари”. Не би било прв пат. Сличноста на вокабуларот помеѓу некогашните Политика Експрес пцости за "Словенци - виенски коњушари; Хрвати – ватикански слуги; босански муслимани – балији; Албанци – наркомафии; Македонци – со говорна мана” ионака одамна е превземен од домашниот вокабулар на "Бугари – Татари; Грци – Цигани; Албанци – наркомафија; Запад - педофили”. Затоа, Премиерот Борисов е колку во право што бара конкретни одговори од македонската страна, е толку – ако не и повеќе - во криво во циничното и фарисејско премолчување на дружбата со авторите на гадостите вперени кон соседите во целост и Бугарите во особеност. Со таквото бизарно поведение на државно кудење и политичко форсирање на стари кадри на службите во Македонија, премиерот Борисов е поблиску до екс-Ју манипулаторска матрица на циклично менување ставови отколку до посакуваната македонска задоцнета ренесанса на самосвесноста. Со тој пристап базиран врз мешетарски ликови наместо принципелност, Борисов, какви и да се неговите очекувања, на крај извесно е дека ќе добие тактичка изборна победа и стратешка историска бламажа.
Да не ми замерат пријателите од Бугарија, моите размисли за нелогичностите на нивните поведенија кон Македонија ги базирам – како Албанец – врз искуствата со пристапот на Тирана кон Албанците во независна Македонија. Пристапот на Бугарија е релативно веќе видена верзија на пристапот на Албанија од средината на 90-тите години на минатиот век во која ставовите на Тирана повеќе наликуваа на албанизирани ставови на Белград, отколку на матична албанска држава. Со таа разлика што Албанците од двете страни на границата немаа дилеми околу етно-јазично-историските одредници; и со таа сличност што пристапот на матицата не беше целосно автономен, туку прокси-демонстрација на гео-стратешките центри на моќ. За Софија денес и за Тирана некогаш, клучниот аспект на односот кон Македонците, т.е. Албанците не беше емотивно-историскиот контекст, туку асиметријата помеѓу етничкото македонско-албанско поимање на независноста на Македонија и државно-административната логика на матиците.
Поедноставено, народите и етникумите размислуваат поинаку од државите. Па затоа потребно е време да првите ја разберат студената логика на државата, додека пак вторите рационално ја вкалкулираат битноста на емоциите. Во спротивно, резултатот е подем на експлоататорската популистичка демагогија на коруптивно трансакциски врхушки кои се хранат од позитивните национални чувства. Се до нивното морално обесмислување, дегенерација и историско распаѓање. Што неминовно доведе до подем и диктаторска доминација на такви групировки за кои е логично да во рок од неколку години и зависно од интересот на врхушките, се шалтаат од една до друга радикална позиција – се во интерес на преживување на тесногради интересни групи.
Впрочем, поведението на домашните врхушки се есецијалниот мотив за лежерното и игнорантско поведение на ЕУ и САД кон поплаките на Македонците и Косовците за нечесниот третман кон нивните идентитетски или територијални суверености. Поведение кое можеби би го нарекол и аморално, да не беше спремноста на Македонците и Косоварите да со со својот изборен глас даваат подршка на криминализирани елити и со тоа ја делегитимираат озбилноста на нивната сувереност и одговорност за идентитетско-територијалниот интегритет. Вистината е горка, а таа е дека Македонците и Косоварите со нивните подршки за корумпирани елити им дадоа до знаење на странските фактори дека привилегијата на лагоден живот денес и овде им е неспоредливо побитна од жртвата за идните генерации. Распродажбата на идентитетот на Македонците и распродажбата на територијата на Косоварите е самонанесен пораз во кој соседите и меѓународната само ја капитализираат логиката на нашето вербал-фолклористичко патриотство и лапаџиски-егзистенцијален нарцисизам.
Но што сето ова има врска со воведните споредби на Чернобил и Ковид19? Раслојувањето на транс-атланската кохезија помеѓу ЕУ и САД се повеќе наликува на раслојувањето на советскиот lebensraum и отцепувањето на Русија од сопствената творба. Анимозитетот на администрацијата на Трамп кон ЕУ и делумно кон НАТО се реплицира со не помалку антагонистички реторики од Европа и нејзината спремност да САД ги ставаат во истата графа на ривали по сопствениот континентален суверенитет, рамо до рамо со Русија, Кина или Турција. Но доколку дискурсот на ЕУ кон САД е сеуште во рамките на кисинџеровската конструктивна амбвивалентност, пристапот на САД кон Европа се повеќе наликува на американска верзија на рускиот бли́жнее зарубе́жье (near abroad, англиски; блиско дососедтво –слободен превод) пост-советскиот однос кон поранешните советски републики.
Слабеењето на демократските институции, економската криза и диспаритетот помеѓу цврстата воена моќ на САД и меката економска моќ на ЕУ водат кон напуштање на институционалниот традиционален стратешки трансатлантицизам, давајќи предност на регионално микро-политичка тактичка прилагодливост. Паралелната егзистенцијална зависност на европски југоисточни земји од американските гаранции за воено-безбедна стабилност и европските гаранции за економска одржливост е подлогата за доолгорочно внатрешно раслојување на политичките естаблишменти и перептуални кризи. Таа криза на политичката стратешка определба денес провејува низ сите земји во регионот, со интензитет зависно од очајната зависност од американскиот пендрек и европскиот новчаник. Во таа борба на Левијатани, регионалното предимството е кај Атина и Софија како земји членки на ЕУ и НАТО, следени од Србија и Албанија како регионални фактори на (де)стабилизација и на крај Македонија, Косово и Босна како речиси безпомошни субјекти оставени на (не)милост на глобалните и регионални поместувања и триења. А сепак, секое созревање е исход на немилоста на реалноста. Созревањето на Македонија и Косово е болен, трауматичен, фрустрирачки процес. Чиј резултат, на крај, нема да биде пријатен за никого околу нив.