Политичкиот новајлија Голоб победи на изборите во Словенија
25 април 2022Опозициската зелено-левичарска партија Движење Слобода (ГС), предводена од поранешниот енергетски менаџер Роберт Голоб, доби 34 отсто од гласовите и 40 од 90 пратенички места. По речиси сите пребројани гласови, Државната изборна комисија соопшти дека десниот националист Јанез Јанша и неговата партија СДС освоија 24 отсто од гласовите, односно 28 пратенички места. Одзивот на гласачите беше 68 отсто - поголем од одзивите на кои било други избори во Словенија во последните 22 години.
Изненадувачка победа на политичкиот новајлија
Јасната победа на партијата на Голоб е изненадување. Во Словенија се очекуваше трка рамо до рамо на ГС и партијата на Јанша, Словенечка демократска партија (СДС).
Само три други партии - конзервативната Нова Словенија (НСи, 7%, 8 пратенички места), Социјалдемократите (СД, 7%, 8 пратенички места) и Левица (4%, 5 места) - успеаја да го минат цензусот од четири отсто за влез во парламентот. Едно место во парламентот е резервирано за претставниците на италијанското и унгарското малцинство. Голоб може да смета на поддршка од неколку партии од левиот центар за формирање влада.
Постизборна забава од далечина
Изборниот победник, поради инфекција со коронавирус, го помина изборниот ден во домашна изолација, во родната Нова Горица. Вечерта, 55-годишниот Голоб преку видео-врска им се обрати на своите поддржувачи кои го славеа успехот во главниот град Љубљана: „Луѓето сакаат промени и ни дадоа доверба да ги донесеме овие промени“. Тој вети дека заедно со партијата ќе работи напорно за да ја оправда довербата на гласачите.
Голоб претходно ги опиша изборите како „референдум за демократија во Словенија“. Од 2006 година до неодамна тој беше генерален директор на државната електроенергетска компанија „Ген-И“. Словенечката влада го смени од таа позиција на крајот на минатата година, по што Голоб ја презеде малата Зелена партија и ја трансформираше во сега победничкото Движење Слобода.
„Државничка опозиција“
Јанша го призна изборниот пораз и изјави дека со својата партија ќе делува како „државничка опозиција“. За време на предизборната кампања, 63-годишниот Јанша ветуваше стабилност и ја промовираше својата партија со слогани како „без експерименти“.
Но, тој е многу контроверзен и внатрешнополитички и во ЕУ. Опозицијата го обвинува Јанша за поткопување на демократските институции и ограничување на слободата на печатот откако тој ја презеде функцијата пред две години. Во ЕУ, на блиските односи на Јанша со унгарскиот десничарски националистички премиер Виктор Орбан се гледа со сомнеж. Ветеранот на словенечката политика беше премиер од 2004 до 2008 година и од 2012 до 2013 година.