1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

120509 Bundespräsidentenwahl Trendsetter

22 мај 2009

Дали изборот на претседател во Германија ќе може да покаже кој ќе формира нова влада наесен? Во историјата на претседателските избори во Германија има индикации и за и против.

https://p.dw.com/p/HuCz
Густав Хајнеман при полагањето заклетваФотографија: picture-alliance/ dpa

Изборот на претседател на Германија, што ќе се одржи на 23 мај 2009 година, овојпат не е неизвесен само поради тесното мнозинство во парламентот, туку тој непосредно им претходи и на парламентарните избори на 27 септември. Се поставува прашањето: дали изборот на претседател во Германија ќе може да покаже кој ќе формира нова влада наесен? Во историјата на претседателските избори во Германија има индикации и за и против.

Пред изборите стигна навестувањето

Вили Брант имаше предвесник. Половина година пред да го изберат како прв канцелар - социјалдемократ, Густав Хајнеман стана прв социјалдемократски претседател на Германија. Темите со кои Вили Брант ги доби парламентарните избори во 1969 година, се провлекуваа претходно и во говорот на Хајнеман кога стапи на должноста шеф на државата.

„Дваесет и четири години по Втората светска војна, се‘ уште стоиме пред задачата да се разбереме со нашите источни соседи. Неопходен е и мора да уследи сестран разговор за обезбеден мир во цела Европа“.

Willy Brandt vor rotem Hintergrund
Вили БрантФотографија: AP

За таков разговор избирачите потоа му дадоа мандат на Вили Брант. Така се’ до денес Хајнеман е школски пример за сигналното дејство што може да произлезе од претседателските избори.

Изборот на Хајнеман придонесе, но не беше предизвикувач на промената на расположението во електоратот, туку беше резултат на еден друг пресврт. Либералите претходно им го свртија грбот на демохристијаните и се преориентираа кон социјалдемократите. Слободната демократска партија здружено му ги даде гласовите на Хајнеман и влезе во коалиција со Социјалдемократската партија на Вили Брант. За разлика од тогаш, денес не е забележлива ваква преориентација кај ниту една партија.

Десет години по изборот на Хајнеман, пропадна обидот на демохристијаните на ист начин да дојде до промена. Врз основа на резултатот на изборите во 1976, кога победата им избега за малку, и успесите што ги постигнаа на повеќе покраински избори, Христијанско-демократската унија и Христијанско-социјалната унија имаа мнозинството во Сојузното собрание, телото што го врши изборот на претседателот на државата. Тие го изгласаа Карл Карстенс за нов сојузен претседател. Но, на наредните избори за Бундестагот во 1980, социјалдемократскиот канцелар Хелмут Шмит во сојуз со либералите, постигна убедлива победа.

Изборот на Карстенс на крајот сепак донесе политички последици.

„Драги сограѓани, денеска го распуштив германскиот парламент и распишав нови избори за 6 мај.“

Почеток на нова ера

Либералите во 1982 година повторно ја сменија страната и се вратија кај партиите на Унијата. Со едно жестоко оспорувано решение, претседателот Карстенс ја прифати желбата на новиот канцелар Хелмут Кол за предвремени избори. Следуваа 16 години од ерата на Кол.

Сосем поинаков импулс даде наредниот претседател на Германија, Роман Херцог, од демохристијанскиот табор. Во прочуениот говор тој ја жигоса инертноста, од која на Германија и’ се закануваше да го загуби чекорот со другите.

„Низ Германија мора да појде еден поттик, мора да се збогуваме со омилените ни состојби. “

Helmut Kohl vor EU Flagge 1998
Хелмут КолФотографија: AP

И, една година потоа, избирачите се збогуваа од Хелмут Кол. Социјалдемократот Герхард Шредер ги доби изборите со ветувањата дека ќе го надмине т.н. реформски застој од ерата на Кол. Нареден сојузен претседател стана социјалдемократот Јоханес Рау. Во 2004 година демохристијаните и либералите повторно ја освоија претседателската позиција со Хорст Келер. Како порано со Густав Хајнеман, и ова беше увод во политичка промена: следната година Ангела Меркел, претседател на Христијанско-демократската унија, стана канцелар.

Постои неизвесност

Годинава изборот на претседател се случува речиси непосредно пред парламентарните избори и му се припишува посебно сигнално дејство. Но тоа може и да изостане, оти само две недели подоцна, на 7 јуни, се и европските избори. Во зависност од исходот, одненадеж во преден план може да се најде сосем поинаков сигнал. Потоа, во август се одржуваат избори во три покраини - Саарланд, Саксонија и Тирингија, со целосно неизвесен резултат. Затоа, подобро е претседателските избори да се сфатат, какви што се’: само како претседателски избори.


Автор: Петер Штицле/ Ана Алибегова

Редактор: Жана Ацеска