1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

ЕУ бара парични казни за Полска

Бернд Ригерт
8 септември 2021

Европската комисија посегнува по парични казни поради непочитувањето на одлуките на Европскиот суд од страна на Полска. За Варшава, тоа е „агресивен акт“.

https://p.dw.com/p/404Oo
Justitia mit Pendelwaage
Фотографија: picture-alliance/Ulrich Baumgarten

Жилавиот и одолговлечен спор меѓу Европската унија и Полска околу владеењето на правото во државата, преминува во следна рунда. За Полска станува сериозно, зашто национално конзервативната влада во Варшава може да биде погодена по џебот. Се закануваат високи парични казни, смета Марек Правда, поранешен полски амбасадор во Германија. „Се разбира, тоа е јазикот кој Варшава го разбира“, вели Правда за Дојче веле. Владата во Варшава веројатно не претпоставуваше дека ЕК ќе оди толку далеку и ќе побара од Судот на ЕУ воведување финансиски санкции против Полска.

ЕК бара казнување на Полска, поради тоа што земјата не ја спроведува времената мерка и одлуката на Европскиот суд од 14 јули, во која судот ѝ наложи на Полска веднаш да ја укине работата на Дисциплинската комисија за судии и да го распушти телото. Комисијата, која според убедувањето на ЕУ ја загрозува независноста на судиите и со тоа и на целата правна држава во Полска, продолжи да работи по одделни козметички корекции, како што смета еврокомесарот за правда, Дидие Рајндерс. Затоа, Полска треба секој ден да плаќа парична казна сѐ додека Дисциплинската комисија не биде вистински расформирана и додека суспендираните судии не се вратат на своите функции.

Невообичаено средство и остра критика

„Ова е навистина драстична и невообичаена мерка, каква што имало само еден единствен пат во историјата на ЕУ“, вели висока европска функционерка од Брисел. Во 2017. година, повторно Полска, беше осудена на парична казна од 100.000 евра дневно. Тогаш владата во Варшава исто така прекрши одлука на Судот на ЕУ и не ја запре сечата на со закон заштитена шума, но уште истата година полската влада попушти.

Овојпат се чини е спремна на поостра конфронтација, со оглед на тоа што станува збор за реформата на судството во Полска, централна тема за националконзервативците. Заменикот полски министер за правда Себастијан Калета напиша остар Твит, во кој ја обвини ЕК за „несразмерен напад“ против Полска. Негово мислење е дека е тоа „агресивен акт“ на институциите на ЕУ.

Европскиот суд на 15 јули, значи еден ден по изрекувањето на времената мерка за Дисциплинската комисија, во дополнително образложение констатираше дека многу елементи на полската судска реформа масивно ја поткопуваат правната држава во Полска и мора да бидат променети. Дисциплинскта комисија за судиите е само еден дел од проблемот. Бидејќи полската влада не покажува никаква намера да ја спроведе судската одлука, ЕК формално отвори нова понатамошна постапка против Полска.

„Правото на ЕУ мора да се почитува“

„Одлуките на Европскиот суд мора да се почитуваат во целата ЕУ. Само така може да се изгради и зајакне нужната меѓусебна доверба меѓу членките и граѓаните“, изјави еврокомесарката Вера Јурова, надлежна за владеење на правото.

Полската влада го негира токму ова. Полскиот Уставен суд, во меѓувреме пополнет со судии верни на владата, во јули донесе одлука дека времените мерки на Европскиот суд во однос на правосудството во Полска се неважечки. На 22 септември Уставниот трибунал, на барање на премиерот Матеуш Моравјецки, ќе одлучува дали полското уставно право генерално има примат над европското право.

„Вакво решение би го загрозиле комплетниот правен поредок и со тоа и темелите на ЕУ“, предупредуваат правници од ЕУ.

Der Europäische Gerichtshof in Luxemburg
Европскиот суд со седиште во Луксембург е на потегФотографија: Imago/R. Fishman

Колкава ќе биде паричната казна која сега може да ја изрече Европскиот суд, не е јасно. Судот има одврзани раце и ќе ја земе предвид „тежината на делото“, како и економската моќ на осудената држава. Казната може да биде и ретроактивна, од 14 јули, од денот на донесувањето на времената мерка. Доколку полската влада не ги плаќа казните навремено и во полна сума на ЕК, Комисијата ќе ги задржува достасаните исплати наменети за Полска одбуџетот на ЕУ.

Покер од милијарди евра поради владеењето на правото

Во заднината, освен тоа, тлее спорот меѓу Варшава и Брисел за многу повеќе пари. Европската комисија, поради несогласувања околу правната држава, досега не ги одобри средствата од планот за обнова поради корона-пандемијата, наменети за Полска. Од корона-фондовите на Полска би ѝ следувале околу 58 милијарди евра во форма на субвенции и поволни кредити. Шефот на партијата Право и правда, Јарослав Качински, сака со парите да финансира програми за поддршка со кои на претстојните избори идната година би се покажал во позитивна светлина. Во Брисел се претпоставува дека ЕК ќе расправа за пакетот за обнова за Полска дури по претстојната одлука на Уставниот трибунал околу приматот на европското право, на крајот на септември. На 18 од 27 земји-членки корона-помошта веќе им е одобрена, десет веќе ги примаат првите исплати, меѓу нив и Германија.  

Од оваа година ЕК има можност, при сите исплати од буџетот на ЕУ, да врши проверка на правната држава кај примателот. Ако според ЕК не постојат независни судови, тогаш нема ни пари, зашто не постои заштита од самоволие. Против ваквиот „механизам на правната држава“ Полска и Унгарија поднесоа жалби до Европскиот суд. Сѐ додека судот не донесе одлука, ЕК не го применува правилото. Но, тоа доведува до остра критика од Европскиот парламент, кој инсистира ЕК уште сега да ги „затегне уздите“ кон Полска и Унгарија. ЕП дури и самиот најави жалба за ова до Европскиот суд. Значи, спорот околу правната држава продолжува на повеќе полиња.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија