Помпео предупреди од руските ботови и кинеската технологија
4 октомври 2019Поддршка за стратешкото партнерство со Северна Македонија и предупредување до државата да внимава на руското и кинеското влијание, испрати американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска од Охрид каде престојуваше во неколкучасовна посета.
Помпео е прв американски државен секретар во посета на земјата од Колин Пауел во 2001 година и неговото доаѓање се совпаѓа и со 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи.
Владеење на правото и борба против корупција
Во помалку или повеќе славенички стил мина и неговиот престој во Охрид, од каде ги пофали македонските власти за успесите и напорите да се забрза патот кон евро-атлантските интеграции, но и порача дека треба уште да се работи на повеќе полиња.
Во кусата прес-конференција со премиерот Зоран Заев, Помпео ги акцентираше владеење на правото и доброто владеење, и рече дека неговата земја дава поттик за борба против корупцијата „како клучна за вашето приближување кон ЕУ и НАТО, но важна и за самата земја.“ Тој рече дека очекува Сенатот во САД во текот на оваа есен да го ратификува Протоколот за членство на земјата во НАТО.
Помпео честиташе и „на историскиот Преспански договор со Грција, кој ќе придонесе и за поголема стабилност во регионот и во Европа.“
Според првиот американски дипломат, она на што треба да се внимава во земјата се руското и кинеското влијание.
„Државата треба напред да ја водат срцата и умовите на граѓаните на С. Македонија, а не руските ботови на социјалните мрежи. (...) Ве предупредувам и од ризиците од кинеските инвестиции во чувствителни технологии и нејзината стратегија за подмитување при обезбедување зделки“, рече Помпео објаснувајќи дека тоа може да ја загрози економската слобода на земјата.
Два отсто од буџетот за одбраната
Иако директно не ги спомена двете држави кои ги критикуваше Помпео, премиерот Заев се заложи за „учество во сите глобални иницијативи против дезинформациите и заканите против демократијата“. Притоа, веројатно алудирајќи на критиките од Москва за членството на С. Македонија во НАТО, Заев потенцираше дека „членството во НАТО е наша суверена одлука за која има силна надпартиска поддршка и меѓуетнички консензус“.
Заев вети дека македонската влада најдоцна до 2024 година ќе троши 2 отсто од буџетот за зајакнување на армијата и придонес кон НАТО, барање кое американскиот претседател Доналд Трамп редовно им го поставува на останатите 28 сојузници во Алијансата.
Заев го информирал американскиот дипломат и дека „ја ослободиме заробената држава, поставивме нови темели и ги зајакнавме демократските вредности и правната држава.“
Помпео се сретна и со шефот на државата Стево Пендаровски кој се заблагодарил на континуираната американска поддршка во изминатите децении, а побарал и нејзино засилување.
„Сметам дека е неопходна зголемена американска поддршка во претстојниот период, во кој Северна Македонија треба да стане 30 членка на НАТО и да ги започне пристапните преговори за членство во ЕУ“, рече Пендаровски.