1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Надминат тивкиот бојкот на пописот

ДТЗ
19 март 2021

Со почитување на здравствените протоколи, нема ризици од ширење на коронавирусот, порачуваат од Државниот завод за статистика

https://p.dw.com/p/3qsh8
Северна Македонија Попис
Страницата на Државниот завод за статистикаФотографија: popis2021.stat.gov.mk

Заврши првата фаза од пописот, со која беа опфатени вработените во дипломатско-конзуларните претставништва, припадниците на АРМ во странство, затворениците и бездомниците. Во меѓувреме продолжува самопопишувањето на дијаспората преку веб-апликација, за која надлежните тврдат дека се отстранети сите системски неправилности. По спласнувањето на интересот и „тивкиот бојкот“ на пописот, надлежните спроведуваат низа активности за мотивирање на дијаспората. Последните податоци се дека досега се попишани над 82 илјади лица од дијаспората. Најголем интерес и натаму има во Швајцарија и Германија, а најмал во САД, Австралија и Канада.

„Владата е задоволна од одзивот на дијаспората на пописот. Најголем број попишани има во Швајцарија - над 26.000, потоа во Германија околу 19.000, следна е Италија, каде се попишани над 10.000 наши сограѓани“, изјави на денешната прес-конференција владиниот портпарол, Мухамед Хоџа. Од Владата апелираа дијаспората да ја искористи можноста и да се попише до 21 април.

-повеќе на темата: Во Швајцарија и Германија најголем интерес за попишување на иселениците

Кампањата за информирање на дијаспората се одвива главно преку интернет и социјалните медиуми. „Веќе нема тивок бојкот од страна на дел на дијаспората, бидејќи се вклучија и организации на нашинците со повици за учество на пописот“, вели Јасмина Георгиева од Државниот завод за статистика.  

Deutschland Symbolbild Volkszählung
Од 1 до 21 април теренски треба да се спроведе пописот на населението, домаќинствата и становите во земјатаФотографија: ullstein bild - Imagebroker.net

Од 1 до 21 април теренски треба да се спроведе пописот на населението, домаќинствата и становите во земјата. „Сите активности се одвиваат во насока на тоа дека пописот 2021 ќе се спроведе. Гаранција дека нема да има потреба од одлагање е строгиот протокол, којшто се запазува, како и соодветната обука на попишувачите и пописните тимови. Граѓаните и попишувачите ќе бидат заштитени. Целиот фокус на Владата е во таа насока“, вели владиниот портпарол Душко Арсовски.

Ќе се попишуваат и позитивните на Ковид-19

На пописот ќе се попишуваат и лицата позитивни на Ковид-19. Од следната недела, Државниот завод за статистика преку „Мој термин“ на дневна основа ќе ги добива сите новодијагностицирани случаи по општини, за да се испланира начинот на нивното попишување. Тие што се на Инфективната клиника и лицата во изолација ќе бидат попишани со помош на членови на семејството. Во краен случај, кај тие што немаат семејства, попишувачите ќе мора да влезат и во домовите на позитивни лица, со заштитна опрема. Пред да влезат кај кого било дома, ќе мора да стават маска, да ги дезинфицираат рацете и да го дезинфицираат лаптопот.

-повеќе на темата: Попис 2021: Спласнува интересот кај дијаспората, досега попишани 50 илјади лица

„Со почитување на здравствените протоколи, нема ризици од ширење на коронавирусот“, вели  Георгиева и додава: „Доколку се најде некој 'прозорец' во кој може да се попише лицето додека трае пописот, ќе го направиме тоа. Во спротивно, доколку во целиот период на спроведувањето на пописот лицето е во изолација, ќе се обидеме да стапиме во контакт со него и да видиме кои членови на неговото домаќинство или семејство можат да дадат податоци за тоа лице“.

Проблем со попишувачи

Проблемот со недостиг од попишувачи се` уште не е надминат. Фали една третина од потребниот број. „Сигурни сме дека ќе се обезбеди доволен број на попишувачи. Но, доколку планираниот број не се пополни, планот за попишувачи овозможува на терен да се тргне и со помал број, имајќи предвид дека за разлика од претходните пописни циклуси кои траеле 15 дена, овој ќе трае 21 ден. Можноста за помал број на попишувачи сепак, не е наведена во законот“, вели  Георгиева.

-повеќе на темата: Симовски за пописот во НЦЦ: Одамна сме под два милиони

Портпаролот на Владата Душко Арсовски рече дека третиот конкурс за прием на попишувачи е отворен до утре за оние реони каде има нивен недостиг и дека секој попишувач ќе добие хонорар во износ од 35.000 денари.