1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пораките од игнорирањето

13 април 2017

Избегнувањето на Скопје е јасен индикатор дека и на Берлин и на Вашингтон овдешните состојби им се сосема јасни, и тоа повеќе отколку што мислиме како мангупи самоубедени дека нашите политички магли се толу ербапски.

https://p.dw.com/p/2bAzJ
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

И покрај за нас непријатното исклучување од маршрутите, посетите на влијателниот републикански конгресмен Џон Мекејн во Белград, Приштина и Подгорица како и последователното слетување на германскиот прв дипломат Габриел во Србија, Косово и Албанија се мала, но битна потврда дека Западот почна со нозе да ги потврдува вербалните загрижености за регионот. Во кој Македонија во овој момент е во главна улога на бељаџија, па затоа може слободно да се каже дека нашата состојба не била само минлива фуснота туку супстанцијален дел од пакетот разговори. Факт кој несомнено предизвикува напади на икање низ скопските кулоари (и пошироко), но и потсетување на архитектурата на взаемна меѓузависност во која никој, а посебно ние, не е остров изолиран од собитијата оттаде границата.

Со оглед на тоа што изјавите за јавноста се премногу дипломатски дестилирани за од нив да се извлекуваат аксиоматски заклучоци, посебно поради деликатните состојби во сите земји, од распоредот на двајцата високодостојници, поупатно е пораките да ги читаме низ најочебијните факти – профилот на двајцата гости на Балканите. Секако, со Мекејн го споделуваме взаемното долгорочно познавање, во смисла на тоа што е познат за нас барем приближно колку што тој го познава регионот. Неговата цврста, поточно тврда, линија во однос кон политиките на Руската Федерација е безмалку трејдмарк на севкупниот имиџ на стар и славен војник од Студената војна. Вториот битен момент за него е почитта која ја има како во својата Републиканска партија, но воедно почитуван и уважуван и од неговите идеолошки демократски ривали. Двата момента се сосема битни за целосно разјаснување на третата и доминантна улога на Мекејн како претседавач со Конгресниот комитет за одбрана, бездруго највлијателната гранка на Конгресот надлежна за одржување во фит-состојба на вооружената моќ на САД. Велам најбитна, како поради неговата популарност во армиските кругови на Пентагон, но дотолку повеќе што токму Мекејн, заедно со секретарот за одбрана Матис и ново-именуваниот советник за Национална безбедност генералот Х.Р. Мекмастер се сметаат како клуб на "возрасни и мудри” во младата и сеуште ранлива администрација на претседателот Трамп. Во оваа прилика не е премногу и да се потсетиме дека токму Комитетот со кој претседава Мекејн е надлежен за досега најголемото зголемување на буџетот на Пентагон од вртоглави 54 милијарди долари, според предлогот на Белата куќа. Мала, но битна информација со која фигуративно се поткрепуваат потсетувањата на Мекејн дека „САД е најголемата воена сила на светот” проследена со забелешката дека "две светски војни започнале овде, во Источна Европа” и заокружено со фактот дека "Србија е најактивниот воен партнер на САД”.

Нови нијанси во политиката кон Балканот

Зигмар Габриел е релативно непознат за пошироката јавност во регионот. Но фактот што новиот министер за надворешни на Германија оценил дека е потребно во првите сто дена на неговото министерување да го посети регионот (што за волја на вистината не беше одлика на неговиот претходник) е секако гест за поздравување, уважување и длабоко размислување. Гест кој дополнително се надополнува со тоа што Балканот е редовна точка на дискусија при неговите средби со западните колеги. Достоен на идеолошкото социјал-демократско кредо, но и на личниот кураж во давање личен печат во надворешните односи, Габриел е секако лик кој може да придонесе со нови нијанси кон етаблираниот курс на надворешната политика на Берлин кон Балканот. Се разбира, доколку под нијанса подразбереме релаксирање на доминантната десно-конзервативна политика на канцеларката Меркел. За што сепак ќе мора да почекаме, како поради неговата свежина на функцијата, така и поради предизборните приоритети во самата Германија.

Оттаму не е за изненадување што при првата посета на Белград гостинот од Берлин се придржуваше кон внимателно скроени изјави во кои се потврдува улогата на Србија како „сидро на стабилноста” во регионот, „вербата дека патот кој Србија сака да го избере е добар” и „реформите и градењето добри односи со Косово како клучен предуслов за членство во ЕУ”. Предупредувањето дека „старите демони” се будат во регионот е, за приликите, доволно за да се пренесе загриженоста за состојбите, како и порака дека состојбите не се толку нејасни ниту пак мотивите и идентитетите на „демоните” толку нејасни. За обичната јавност можеби изјавите на Габриел (кои нема да бидат подраматични ниту во Приштина и Тирана) се можеби со премногу дипломатски финеси и резерви. Сепак станува збор за тнр. куртоазна посета на запознавање со состојбите на лице место со цел да „се стекне сопствена слика”, како што самиот Габриел ја опиша посетата, дискретно навестувајќи можна рекалибрација на ангажманот на Берлин. Резултатите и ефектите од кој допрва ќе следат, штом сите делови се вклопат во мозаик.

Игнорирањето е дел од комуникацијата

Не се лажете со упадици дека заобиколувањето на Мекејн и Габриел на Скопје подразбира дека мозаикот е непотполен се додека не ни дојдат на нозе. Игнорирањето е сепак дел од комуникацијата, посебно во дипломатијата. Но заобиколувањето на Скопје во маршрутите на американските и германските претставници ниту приближно не подразбира игнорирање на Македонија и ситуацијата кај нас. За која и двата преставника се сигурно детално запознаени како преку дипломатските претставништва, така и од впечатоците и сугестиите пренесени од страна на Туск и Могерини.

Протоколарната причина за заобиколување на Скопје делумно се заснова на немањето на политички базирана Влада со легитимно, демократско право и законодавна авторизација за пренесување политички ставови на земјата. Воедно, желбата на Иванов да биде сметан како „човек кој не витка кичма” е конечно и несомнено услишана од страна на западните преставници кои не гледаат причина за средби со човек кој, ем што нема сопствени ставови, туку и се придржува кон нив како горд слепец за трул плот.

Напротив, избегнувањето на Скопје е јасен индикатор дека и на Берлин и на Вашингтон овдешните состојби им се сосема јасни, и тоа повеќе отколку што мислиме како мангупи самоубедени дека нашите политички магли се толу ербапски. И затоа нивниот пристап засега се базира врз соработка со оние кои го гарантираат санитарниот безбедносен коридор околу нас (соседите) со кој се апстрахира можноста за прелевање на кризата, како и внатрешна минимална безбедносна инспекција и оверување на состојбата од прва рака. Во вид на испраќање на заменик-командантот на копнените сили на САД за Европа генералот Мекгваер на средба со министерот за одбрана Јолевски. Сето друго е составен дел на пораката на Туск – упристојте се, па јавете ни се. Таа порака можеби звучи како музика во ушите на Груевски и Иванов, дека, ете, ќе ги остават на мир да владеат,  по цена да бидат парии во регионот, сами на тронот без реметење од странците. Барем додека тронот не стане премногу трновит поради социјалниот цунами кој веќе ни го најавуваат.

Предвидливоста на опозициските „чекачи“

Но, доколку игнорирањето на службено Скопје е поради јасната анти-западна поставеност на властодршците, игнорирањето на опозицијата е поради нејасноста на нивната поставеност. И тоа важи како за албанските партии кои не пропуштаат можност да укажат дека за нив сонцето се раѓа во Америка, така и за СДСМ која очигледно попат ја има изгубено социјал-демократијата како спона со идеолошките им сопартијци во Берлин. Лежерниот однос на Албанците кон криминалците во сопствените редови и штурото присуство на НАТО во вокабуларот на Заев е нивниот придонос и заслуга за непријатната запоставеност во која се наоѓаат по сопствена вина. Сред сите празни прес- соопштенија и купување време со ширење лажни надежи, време е анти-режимските првенци да се запрашаат себеси дали со сопственото поведение забегано во бескрајни процедуралности придонесуваат кон тоа Западот да се запраша дали воопшто кај нас, т.е. опозицијата,  имаат сериозен партнер достоен за доверба и соработка? Убеденоста дека „кога-тогаш овие ќе паднат и ние ќе дојдеме” е не само наивно, цинично, погубно и само-поразително, туку е и однапред калкулиран дел на плановите на Груевски. Базирани токму врз таквата предвидлива и веќе ендемска анемичност на „опозициските чекачи” и нивната „стратегија на мудра трпеливост” која не е ништо друго освен манифестација на слабост, нерешителност и несигурност. Која на крај ќе биде погубна за сите нас, доколку опозицијата не го разбере и конечно имплементира тоа што Груевски им го демонстрира катадневно, катанеделено пред нос: дека без проблематизација, нема факторизација!

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи