1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последната понуда до Грција

ЖА/дв/бц/нцц 3 јуни 2015

До крупните одлуки за финансиската и економска иднина на Грција останаа неколку дена. Самитот на Франција, Германија и претставници на ЕЦБ и ММФ во Берлин беше вид последно советување за можен спас, пишуваат весниците.

https://p.dw.com/p/1FbEv
Фотографија: Reuters/H. Hanschke

„Доверителите вршат притисок врз Грција“, гласи насловот на објаснувањето на актуелната ситуација кое го објавува весникот „Берлинер цајтунг“:

„На ненадејниот ноќен самит во Берлин, канцеларката Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд лично се зафатија со барање излез од грчката криза. Резултатот од самитот би требало да биде последната понуда кон Атина, која би ја присилила грчката влада да ги прифати условите на ЕУ или да ја напушти еврозоната“.

„На состанокот со претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер, како и претставниците на ММФ и Европската централна банка, Кристин Лагард и Марио Драги, ноќта меѓу понеделникот и вторникот главните кредитори ги усогласуваа своите позиции. Потоа беше речено дека нацртот на новиот договор за помош и реформи е речиси завршен. Ако сите се сложат со него, тоа би значело отворен пат за натамошна помош од еврозоната и ММФ од 7,2 милијарди евра. А веќе в петок на Атина и‘ истекува рокот за исплата на долгот од 300 милиони ера“.

„Берлинер цајтунг“ објавува три можни сценарија за продолжение на грчката драма“:

„Политичко решение: министрите за финансии и експертите не се усогласија. Можеби на шефовите на држави или влади, кои ги предводи германската канеларка, ќе им успее спогодба со грчкиот премиер Алексис Ципрас. Тој би требало да го совлада отпорот во сопствената партија и да прифати, на пример, намалување на пензиите и натамошно зголемување на данокот на дополнителна вредност. Во тој случај земјата би добила 7,2 милијарди евра. Тие пари се дел од вториот пакет помош. Таквиот резултат би бил добра основа и за доделување на третиот пакет наесен, што би значело обезбедување на Грција на подолг период.“

„Продолжување на натегањата: тоа е омилена стратегија која веќе дојде до своите граници. На Атина итно и‘ се потребни милијарди за да може да го отплатува кредитот кај ММФ. Со одредена креативност, роковите би можеле уште еднаш да се поместат. Атина би можела сите јунски транши да ги порамнува одеднаш на крајот на месецот. Ципрас би можел да вети реформи, па потоа повторно да ја промени одлуката, но тоа би му паднало вистински тешко и од внатрешнополитички причини.“

„Банкрот: тоа е сценарио кое ЕЦБ и ММФ веќе подолго време го разработуваат. Ако владата во Атина престане да ги отплатува кредитите, на домашните банки им се заканува банкрот. Ним ќе им бидат потребни пари од ЕЦБ, но веќе нема да ги добиваат. Владата нема да може да им стави на располагање нов сопствен капитал. Ќе мора да се поттикне програма за поддршка на банките, како што беше направено во Кипар. Таму штедачите принудно станаа сопственици на банките. За Грците уште претходно да не ги испразнат своите банкарски сметки и да не го извлечат и последното евро, Атина би морала да го ограничи движењето на капиталот. Владата би можела своите службеници да ги плати со посебни бонови. Таа валута би важела само во Грција. Програмите на ЕУ за итна помош би и‘ обезбедиле на Грција лекови, бензин и други важни производи кои се увезуваат.“

„Право на самоопределување“

Швајцарскиот „Ное цирхер цајтунг“ пишува оти „Грција е функционирачка демократија. Затоа земјата има право суверено да одлучува за својата иднина. А дали таа иднина ќе биде во еврозоната или надвор од неа, за тоа не смее и не треба да решава ни ЕЦБ ни ММФ. Исклучивото право на решавање за тоа го има демократски избраната влада под водство на Сириза. И ако тоа радикално-социјалистичко движење веќе не сака да се придржува на правилата на монетарната унија, тогаш треба да се почитува таквата желба и земјата да биде ослободена од членство во еврозоната. Зашто, во правото на самоопределување е содржано и правото на пропаст.“

„Излезот на Грција од еврозоната се наметнува веќе и поради кредибилноста. Довербата во солидарност на монетарната унија е многу разнишана. Повторно се прекршени одредбите за стабилност, повторно се променети кредитните договори и статутарните надлежности-на пример кај ЕЦБ-и тоа на акробатски начин. Сето тоа е направено за еврозоната по секоја цена да биде задржана во сегашниот состав. Но правилата се претворија во фарса. А кога кршењето на правилата ќе стане правило, тогаш тоа е јасен сигнал за противниците на реформи во другите земји да бараат рамноправен третман,“ пишува „Ное цирхер цајтунг“.