1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последна шанса?

Александер Кудашев / превод: С. Недевски22 јуни 2015

По неуспешните преговори за грчката должничка криза , пресврт би требало да донесе денешниот вонреден самит на ЕУ. Одамна станува збор за повеќе од само останување на Грција во еврозоната, смета Александер Кудашеф.

https://p.dw.com/p/1Fkaj
Фотографија: Getty Images/M. Cardy

Европската криза не престанува. ЕУ е повторно пред кризен состанок на претседателите на држави или на влади. Повторно на дневен ред е само една тема: грчката драма. И повторно никој не знае дали тоа ќе биде крај на една криза која веќе трае пет години или на крајот- како што е тоа често вообичаено- ќе се игра уште едно продолжение. Ќе мора ли Грција да ја напушти еврозоната? Ќе дојде ли до често споменуваниот „грегзит“ или Грција ќе добие последен, навистина последен рок и ќе ја задржи заедничката европска валута?

Едно е јасно уште пред почетокот на денешниот (22.6.2015) самит: нервите се напрегнати. Трпението е пред крај, и кај Грците и кај останатите 18 членки од еврозоната. Речиси секаде- и во Германија- се поставува прашањето: дали Грците премногу ризикуваа во овој покер, нели е време да се заврши оваа трагедија?

Стравично високи долгови

Владата на Ципрас, се разбира, работите ги гледа поинаку. Таа бара солидарност, постојано вели дека само што не е постигнат договор и верува дека Грција може да биде спасена со политиката на левичарска влада. Таа политика е едноставна: репрограмирање на долговите и спроведување само на оние реформи, кои таа ги смета за делотворни. Но доверителите не сакаат да се согласат со тој курс. Тие сакаат далекусежни рефморми и дури потоа би дале пари.

Вистински проблем е всушност нешто друго. Европската политика на спасување на земјите во криза, која значително ја одредува Германија, помогна среде светската финансиска криза,на нозе да застанат Португалија, Шпанија, Кипар, Летонија и Ирска. Италија се реформира. Франција исто така, иако многу бавно. Само во Грција економските лекови не дејствуваат. Политиката на штедење е погрешен лек, велат во Атина. Тоа е точно во случајот на Грција, бидејќи таму кредитите се имаат наталожено во стравично високи долгови и веројатно никогаш нема да можат да бидат вратени. А доверителите се исто толку заложници на тие долгови, колку и Грција.

Прогласување банкрот на Сириза

Грција во овие пет турбулентни, депресивни и депримирачки години ги преживува последиците од трајната државна криза. Државата не функционира. Таа е клиентелистичко општество без функционална управа. Грција веќе не е во состојба да заработи повеќе пари, а помалку да трошим, што е клучно за колку-толку економски да застане на нозе. Дури ни левичарскиот сојуз Сириза во овие пет месеци по преземањето на власта не успеа да запре богатите да избегнуваат да плаќаат даноци, да ги открие милијардите евра илегално сокриени пари на странски сметки и да дојде до нив. Тоа е прогласување на неуспех на социјалистичката левица.

Kudascheff Alexander Kommentarbild App
Александер Кудашеф, главен уредник на ДВ

Наместо тоа, Атина во внатрешната политика демагошки ги напаѓаше, ММФ, ЕУ, Германија, повремено флертуваше со Москва и без резултат се бореше од рунда во рунда од преговорите. Последица е тоа дека сите се нервозни, дури и Европејците кои имаат симпатии кон Сириза, како што се претседателот на Европската Комисија Јункер и претседателот на Европскиот Парламент Шулц. Но со тоа и би можело некако да се живее.

Оживување на старите слики за непријателите

Многу полошо е тоа што еврото-замислено како симбол на европското обединување- ја дели ЕУ, што повторно оживуваат старите слики за непријателите, што во бројни членки на ЕУ сѐ повеќе јакнат екстремно десничарските и крајно левичарските партии и оти сѐ повеќе граѓани на ЕУ се прашуваат дали цената на оваа неуспешна политика кон Грција е превисока? Треба ли навистина да се прифати прекршувањето на сите правила и договори за Грција да се задржи во еврозоната?

Средбата на претседателите на држави или на влади можеби е последна шанса да се спаси Грција и еврото. Но раните од изминатите месеци и години се длабоки, подлабоки од некаков привремен договор, бидејќи основна вредност на ЕУ во изминатите речиси 60 години секогаш беше компромисот. Сега повторно постојат победници, поразени, жртви. Тоа е ментално катастрофален развој.