1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последни денови на Грција во еврозоната?

Бернд Ригерт/превод: Зоран Јордановски2 јуни 2015

Секоја наредна недела беше недела на одлуката за Грција. Но не се случуваше ништо. Сега навистина станува густо во трагедијата околу еврото, помошта и леворадикалните фантазии, смета Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/1FaTU
Фотографија: Louisa Gouliamaki/AFP/Getty Images

Јуни би можел да биде последен месец на Грција во европската монетарна унија, ако конечно не попушти грчката левичарско-десничарска коалиција. Повторно се закануваат термини за отплата на рати кај Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), повторно ја слушаме какафонијата на гласови на министри, кои зборуваат како за банкрот кој непосредно претстои, исто така и дека непосредно претстои пробив во преговорите со меѓународните кредитори. Тешко е да се задржи увидот во вистинската состојба со финансиите на Грција. Веројатно веќе го нема ни самата радикална владина трупа во земјата.

Наместо со конкретни и според ефектот пресметливи предлози да ги турка напред преговорите со таканаречената „бриселска група“, грчкиот премиер Алексис Ципрас превентивно ја префрлува вината врз други. На дело била неолиберална заговорничка банда во ЕУ, која на Грција и’ наметнува апсурдни барања и со неговата земја сака да востанови преседан како пример и за други. Апсурдни се единствено и исклучиво идеолошки закитените тези за потсмев, кои ги изнесува Алексис Ципрас во францускиот вресник „Ле монд“: виновни биле само лошите Европејци и ММФ.

Грците не се придржуваат кон ветувањата

Треба само да се потсети дека Грција на 20. февруари вети оти во рок од неколку денови ќе поднесе листа на реформи што требаше да овозможи во април исплата на натамошни пари од пакетот за помош. Таква листа не е поднесена до денес. Грчката влада само наброја редица од управни реформи кај даночните власти и реформа на даночниот систем - предлози кои имаат за цел проширување на даночната база и повисоки приходи од данокот. Тоа е некој почеток, но тие предлози ни оддалеку не се доволни за повторно да се доведат во ред државните финaнсии и грчкото стопанство повторно да земе замав.

Министерот за финансии Јанис Варуфакис прокоцка многу драгоцено време, кое сега навистина недостасува. На 30. јуни истекува рокот за натамошна помош на Грција. Нужен е договор со кредиторите најдоцна до средината на јуни, за воопшто технички да биде изводливо префрлување на парите. Неопходна е согласност на министрите за финансии од Еврогрупата, како и согласност на повеќе парламенти во земјите-членки. Грчкиот парламент би морал да стави во постапка уште некои реформски закони, што веројатно нема да биде едноставно со оглед на борбата на разни крила внатре во леворадикалниот сојуз Сириза.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

Телефонско душегрижништво како замена за политика

Но, што прави Алексис Ципрас? Наместо да се придржува кон кристално јасните процедури на Еврогрупата, тој практикува телефонско душегрижништво. Речиси секојдневно им телефонира на германскиот канцелар Ангела Меркел и на францускиот претседател Франсоа Оланд. Тој сака да постигне „политичко решение“ на највисоко ниво. На самитите на ЕУ повеќепати му беше јасно кажано дека не недостасува политичка волја за да се одржи Грција во еврозоната. Недостасува јасно ветување од Атина дека ќе ги исполни условите за натамошни кредити. Се разбира дека мора да се разговара и преговара за натамошниот курс за санирање на Грција - и на највисоко политичко ниво исто така.

Но прво - и тоа Ципрас би морал да го знае - мора да биде решена акутната финансиска криза на Грција, која инаку по неколку недели би можела да ја катапултира Грција од еврозоната. На тоа предупредуваат и министрите за финансии на Г7, а првенствено САД. На Грција и’ е потребен воздух да здивне. Ципрас може колку сака често да се среќава со Меркел, Оланд и со претседателот на Комисијата на ЕУ Јункер - решенија донесува Еврогрупата, сите 19 држави, и тоа едногласно.

Четири катастрофални месеци

Вината за се’ позаострената финансиска криза во Грција во голем дел ја сноси сегашниот тим во Атина, кој изгледа или не може или не знае да постапува подобро. Само што се избори за излез од рецесија, грчката економија повторно западна во неа откако во февруари владата стапи на должност. Буџетскиот суфицит, откако ќе се изземат должничките обврски, се претвори во буџетски дефицит. Довербата на инвеститорите е целосно разнишана. Опаѓа и бројката на туристички резервации.

За воопшто да остане солвентна, владата ги збира и последните расположливи финансиски средства од јавните осигурувања, универзитетите и болниците. Владата ги повлече парите за резерва од кај ММФ и ги пренамени. Грчките банки зависат од парите што ги става на располагање Европската централна банка, додека штедачите и инвеститорите ги повлекуваат парите од банките и ги префрлуваат во странство или ги чуваат под перница. Тоа веќе не може да оди така понатаму.

Дејствувајте или отстапете го местото

На Грција и на Европа сега им се потребни смели решенија на владата во Атина - или владата мора да го ослободи местото за друг тим кој ќе може тоа да го направи подобро. Досегашниот настап на Сириза беше неуспешен. Дури и да и’ успее во последна секунда да ја одржи Грција во еврозоната, нејасно е што може да дојде потоа. Довербата во владата на Грција кај Европејците и инвеститорите е трајно нарушена. Кој ќе го договори и финансира од јули сигурно неопходниот трет пакет за помош на Елада? За таа работа не се од полза префрлувањето на вината во написи во весници и истовремените телефонски повици кај други шефови на влади, кои припаѓаат кон „неолибералните заговорници“. Грција заслужи нешто подобро. Алексис Ципрас мора конечно да дејствува, наместо да зборува. Ако тој не може да го стори тоа, нови избори се подобро решение.