1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Построги условни казни за инцидентите на Кале

ЖА/макфакс12 март 2013

На учесниците во инцидентите на скопското Кале што се случија пред две години, кога се судрија две групи, едната навивачи Македонци и другата Албанци, предводена од невладината „Разбуди се”, им се изречени условни казни.

https://p.dw.com/p/17vUG
Фотографија: Petr Stojanovski

Сите 14 обвинети добија седум месеци условна казна доколку во наредните две години не го повторат делото. Еднаш веќе беше донесена пресуда за инцидентите на Кале, според која учесниците во инцидентите во скратена постапка, без одржување на рочишта, добија три месеца условно, ако не го повторат делото во наредните две години. Но, дел од учесниците бараа да им се суди за да докажеле дека се невини. Меѓу нив беше и Артан Груби сегашен кандидат за градоначалник на Скопје од ДУИ, кој по првото рочиште се повлече.

Сега оние кои бараа да им се суди добија поостри санкции. Во февруари 2011 година се случи жестока тепачка на скопското Кале меѓу поддржувачите и противниците на изградбата на црквата – музеј. Едната група беше предводена од Артан Груби, тогашен претседател на невладината „Разбуди се“, а втората група беше навивачката група „Комити“. И тогашниот заменик министер за внатрешни работи Џевад Бучи беше на местото на инцидентот и лично им ги симна лисиците на дел од уапсените.

Артан Груби, кој кога се случи инцидентот беше вработен во холандската амбасада, потоа стана шеф на кабинетот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, а сега е кандидат за градоначалник на Скопје од ДУИ.