Потерница по двајца Руси за труењето на Скрипал
5 септември 2018На товар на двајцата Руси се става делото обид за убиство, нанесување тешки телесни повреди и поседување хемиско оружје, како што соопшти Генералното обвинителство во Лондон. Велика Британија издаде европска потерница, но претставник на обвинителството истакна дека од Русија нема да се бара испорачување на осомничените лица, со оглед што рускиот устав не дозволува испорачување на свои државјани.
Руското Министерство за надворешни работи, според новинската агенција РИА, соопштило дека при вакви истраги како во случајот Скрипал, неопходна е тесна кооперација и точна анализа. Објавувањето на имињата на двајцата осомничени од аспект на Министерството, „не значи ништо“.
Според полицијата, осомничените, два дена пред нападот, со руски пасоши допатувале во Лондон од Москва. Траги на нервниот отров Новичок, со кој беа затруени Скрипал и неговата ќерка, врз основа на резултатите од истрагата, се откриени во хотелската соба во која престојувале двајцата Руси. Вечерта на 4.март, неколку часа откако кај Скрипал и ќерката настапиле симптомите на труење, двајцата Руси одлетале во Москва. Тие се на возраст од околу 40 години и веројатно користеле лажни имиња. Полицијата објави серија фотографии на двајцата мажи.
Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија беа пронајдени во бессознание на клупа во парк во британскиот град Солсбери на 4. март. Двајцата за влакно ја избегнаа смртта и сега живеат на тајно место. Случајот предизвика голема дипломатска криза.
Повеќе:
Нови санкции на САД - Русија остро реагира
Лавров: Западот си игра детски игри
Скрипал е поранешен офицер на руската тајна служба и како двоен агент предал бројни руски шпиони на владата во Лондон, поради што во Русија е осуден на повеќегодишна затворска казна. Во рамки на размена на затвореници, тој бил ослободен и живеше во Лондон. Британската премиерка ја обвини Русија за влечење на конците во нападот врз Скрипал. Москва ги отфрли обвинувањата. Велика Британија, САД и бројни сојузници, меѓу кои и Германија, како реакција протераа преку 140 руски дипломати, а Москва спроведе реципрочни мерки. САД освен тоа воведоа и санкции против Русија, какви што се во сила само против Северна Кореја и Сирија, а првиот дел од нив стапи во сила на крајот на август.