1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поуките од неуспехот на зелената карта

Хајнер Кизел1 август 2015

Расправата за потребата на Германија за странски стручњаци трае подолго време. Пред точно 15 години се роди идејата за зелена карта за ИТ експерти. Оваа мерка створи услови за денешните механизми за доселување.

https://p.dw.com/p/1G8Q7
Фотографија: Getty Images/AFP/I. Mukherjee

Секогаш од почеток политиката мора да реагира молскавично. И тогаш одлуките се донесуваат преку ноќ. Но со временска разлика од 15 години е зачудувачки со која брзина владата на тогашниот социјалдемократски канцелар Герхард Шредер донесе одлука со која на ИТ браншата требаше да и’ биде овозможен брз пристап до квалификувана работна сила од странство. И тоа покрај фактот што Германија тогаш имаше над 4 милиони невработени.

Отпор на конзервативците и синдикатите

На почетокот на 2000. година Шредер на информатичкиот саем Цебит во Хановер ги изненади сите со идејата за воведување на постапка која на ИТ браншата ќе ѝ овозможи брзо доаѓање на странски стручњаци. Законската промена е донесена на 1. август истата година со жесток отпор на демохристијанската опозиција и конзервативните слоеви на општеството кои се фаќаа за глава при помислата за отворање на границите за странски работници и покрај милионите домашни невработени. Првиот добитник на т.н. зелена карта, како што ја нарекоа оваа дозвола алудирајќи на многу познатата американска дозвола за доселување, беше еден ИТ стручњак од Индонезија. Тој веќе е одамна дома, а т.н. зелена карта во меѓувреме се смета за целосен неуспех. И покај стравовите на конзервативните политичари, но и синдикати дека Зелената карта ќе ги отвори границите и германскиот пазар ќе се преплави со нова работна сила, во Германија врз основа на оваа програма дојдоа многу помалку од планираното, само малку повеќе од 13.000 стручњаци.

Archivbild Bundesarbeitsminister Walter Riester überreicht die erste deutsche Green Card
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Führer

Пропадната идеја

„Некако се умисливме дека сме земја од соништата за ИТ стручњаците, но тие одат на други места“, вели денес Бернард Роледер, шеф на професионалното здружение Битком. Програмата зелена карта имено содржеше толку големи пречки што повеќе ги одбиваше отколку што ги привлекуваше странските таленти. Најмногу одбиваше правилото според кое дозволата за работа во Германија беше ограничена на 3 години, а членовите на семејството не смееја да работат во Германија. Под такви услови стручњаците одбираа некоја друга земја, како на пример САД или Канада. Но пречките во самата програма не се единствената причина зошто зелената карта не ги исполни очекувањата. Веднаш по нејзиното воведување имплодираше тогашната интернет и ИТ бранша па и потребата за работна сила наглобеше намалена. И фактот дека „глобалните играчи“ на кои на располагање им стојат други механизми за пополнување на празните работни места речиси воопшто не посегнаа за кадровските можности кои ги пружаше Зелената карта на медиумите им послужи како доказ дека оваа мерка беше целосно фијаско.

Dr. Bernhard Rohleder Bitkomm
Фотографија: DW/H. Kiesel

Култура на добредојде

Во 2005. зелената карта ја замени нов доселенички закон, а од 2012. на сила е т.н. Сина карта која се однесува на сите стручњаци. Така за сите стручњаци кои доаѓаат надвор од границите на ЕУ важат ублажени правила за време на стекнување на работна дозвола за Германија. Намалена е и границата за годишна бруто заработувачка за работодавачите да не можат да увезуваат работна сила која би ја плаќале под германските стандарди. Досега се издадени 30.000 вакви дозволи. Тие на носителите им овозможуваат живот и во другите земји во ЕУ, а за разлика од претходната зелена карта, семејството на носителот на сина карта сега смее слободно да работи во Германија. Во меѓувремесината карта е добро прифатена во јавноста, а за оваа програма не се расправаше ни одблизу толку жолчно како за нејзината претходничка. Веројатно и поради тоа што во меѓувреме е јасно дека германската економија нема иднина без странска работна сила.

Некои студии поаѓаат поаѓаат од тоа дека до 2015. година на Германија ќе и недостасуваат преку 2 милиони стручњаци. Претставниците на стопанството сметаат дека Германија же биде принудена да ги олабави условите за доселување со цел на глобалниот пазар да се избори за најдобрите меѓу најдобрите. Но Германија , смета Роледер, пред сѐ мора генерално да го промени својот став кон доселувањето и да создаде нешто што недостасуваше во последните децении, а тоа е еден вид „култура на добредојде“ во која доселениците ќе се чувствуваат како поддршка а не како товар за општеството.